Македонија
Заев: Судот ја исполнува политичката агенда на Груевски
Судот води политички, наместо правен процес, се исполнува една политичка агенда добро осмислена и добро замислена, која претставува политичка агенда на Никола Груевски и на врвот на ВМРО-ДПМНЕ, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев откако беше одложен судскиот процес за случајот „Пуч“, бидејќи двајца судии поротници немале безбедносни сертификати.
„Обврска на пржинскиот договор, обврска на сите политички актери во државата, без разлика на нашата политичка волја, обврска на македонското правосудство е да одговори кој прислушувал, како прислушувал колку време тоа го правел, како тоа го правел. Тоа им го должи македонското правосудство на граѓаните на Македонија. Смислата на преговарањето беше да се отвори овој важен моментум којшто беше суштина на оваа катарза и на оваа запрепастеност која и македонската и светската јавност можеше да ја види“, изјави Заев.Според Заев, судството е клекнато на колена комплетно уништено судство. „Суштината на одлагањето се состои во неколку моменти, тоа е целокупната стратегија на бандитската власт којашто има намера да го држи во живот процесот којшто е врзан со најсуштествената тема во Македонија, а тоа е кој го правел и како го правел прислушувањето во Македонија. Зошто сега се повлекува судија поротник и зошто сега се бараат нови судии, па се купува време да обезбедат безбедносни сертификати, зошто судијата не повлече веднаш поротници судии коишто имаат безбедносни сертификати, зошто и денеска не е повикан единствениот сведок, Никола Груевски да дојде на ова судско рочиште?! “, изјави Заев.Заев порача дека македонското судство мора да биде променето, „македонското правосудство и правен систем воопшто не постојат и тоа за наша среќа ќе трае уште 40 дена“. „На 11 декември ова завршува, овој срам за Македонија, конечно завршува“, порача Заев./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Темелно се реконструира месната заедница во Драчево
Започнати се градежните работи за темелна реконструкција на објектот на месната заедница во населба Драчево. Реконструкцијата опфаќа целосна санација на кровот и обнова на фасадата, што ќе придонесе за унапредување на енергетската ефикасност.
Предвидена е комплетна замена на електричната инсталација, водоводната и канализационата мрежа, а греењето и ладењето во новиот објект ќе се одвива со инвертер сплит системи.
Покрај надворешната обнова, објектот ќе добие и целосно нова функционална внатрешност, прилагодена на современите потреби на граѓаните.
„Со реконструкцијата се подобруваат и конструктивните и функционалните својства на објектот, кој подолг период беше во лоша состојба. Новата месна заедница ќе обезбеди модерен, безбеден и квалитетен простор за одржување на состаноци, активности и услуги за жителите на Драчево“, велат од Општина Кисела Вода.
Проектот се реализира со средства од Владината програма за капитални инвестиции, финансирана преку унгарскиот кредит, и претставува дел од пошироката стратегија за рамномерен развој на сите населени места во Општина Кисела Вода.
Македонија
Муцунски на проштална средба со амбасадорката Агелер
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски информираше дека денеска остварил проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Ангела Агелер.
Како што наведе Муцунски, на средбата изразил благодарност за нејзиниот севкупен ангажман и значајниот придонес во унапредувањето на политичката и економската соработка, како и за јакнењето на стратешкото партнерство и одличните билатерални односи меѓу двете земји за време на нејзиниот мандат.
На средбата било изразено заемно задоволство од континуитетот на политичкиот дијалог на високо ниво и од развојот на соработката во сите области од заемен интерес.
Муцунски информираше дека биле разменети и мислења за актуелните геополитички случувања и безбедносни предизвици, при што била потврдена заедничката посветеност на стабилноста на Западен Балкан и силното сојузништво во рамките на НАТО.
Македонија
Како членка на НАТО, не ни прилегаат технички влади, а предвремените избори носат нестабилност, рече Гаши
Претседателот на Собранието Африм Гаши изјави дека е поборник на идејата за одржување редовни избори, оценувајќи дека честите предвремени избори создаваат политичка и економска нестабилност.
На брифинг со новинарите, Гаши посочи дека мандатите треба да се завршуваат до крај, а граѓаните да ги оценуваат политичките субјекти според реализираните ветувања. Тој нагласи дека одлуката за избори ја носат пратениците, односно политичката волја на 61 пратеник.
Во однос на Пржинската влада, Гаши оцени дека, како стабилна држава и членка на НАТО, Северна Македонија нема потреба од технички влади за организирање избори, посочувајќи дека изборните процеси во последниот период поминуваат без сериозни забелешки.
Гаши информира дека на координацијата со координаторите на пратеничките групи повикал на усогласување за изборот на Народниот правобранител, нагласувајќи дека постапката е доведена до пленарна седница и дека таа ќе биде свикана штом ќе има политички договор.
Тој соопшти и дека Собранието чека допис од министерот за правда Игор Филков за формирање работна група за Изборниот законик.
Во однос на наводите од СДСМ дека не бил испратен допис за Анкетната комисија за трагедијата во Кочани, Гаши рече дека тоа не е точно и дека пратеничките групи треба да ги достават своите предлози до Комисијата за избори и именувања.

