Македонија
Заминува еден од столбовите на економијата, ќе воведе ли Миновски свои политики?
Премиерот Емил Димитриев, во своето обраќање пред пратениците, на седницата на која треба да го констатираат досегашниот прв човек на УЈП, Кирил Миновски за нов министер за финансии, по оставката на досегашниот Зоран Ставрески, рече дека потребни силни кадри, каков што бил Миновски, заради посветеноста на Владата на подобрување на економската состојба.
„Сметам дека располага со соодветен капацитет да работи на оваа функција. Има работено на голем број различни позиции во приватниот и јавниот сектор, директно бил вклучен во проекти во областа на финансиите, подобрување на конкурентноста, банкарството итн. Исто така бил ангажиран и од Светска банка што дава квалитет на неговото портфолио. Миновски извршуваше и две исклучително значајни позиции во Државниот пазарен инспекторат и потоа во УЈП. Покажал резултати и позитивно влијаел на проекти за подобра и поефикасна функционалност на овие две институции“, рече Димитриев.Марјанчо Николов од СДСМ, за идниот министер Миновски рече дека тој има образование и искуство во финансии, но дека главниот хендикеп е што ја нема политичката тежина на Ставрески, па не е сигурен колку овој министер ќе може да се избори за своите економски политики во рамки на оваа Влада. Тој до Миновски и до премиерот Димитриев упати две барања.„Првото барање е да троши помалку за чоколадо а повеќе за леб. Граѓаните ни се гладни, тие се сиромашни, бараат подобар животен стандард. Во изминативе 10 години додека го раководите буџетот, потрошивте многу пари на чоколади, а малку за граѓаните. Им зедовте 25 милијарди евра, а им вративте околу 20 отсто од тие пари. Затоа Македонија руши рекорди во сиромаштија, по животен стадард и плати. Второто барање е да го зголемите нивото на транспарентност при трошењето на парите на граѓаните. Македонија се наоѓа на дното по транспарентноста, се наоѓаме на нивото со земји како Зимбабве, Уганда и Авганистан“, рече Николов.Побара од новиот министер и од премиерот да се откажат од економски промоции, патни трошоци и личен луксуз, а парите да ги насочат кон животниот стандард на граѓаните.Во однос на работата на досегашниот министер за финансии и вицепремиер, Зоран Ставрески, кој поднесе оставка поради здравствени причини, и двајцата имаа пофални зборови за неговата стручност.„Тој е личност кој покажа на дело како се сака Македонија. Многу примери од неговата посветена работа и резултатите го говорат тоа. Тој во 2006 година реши да ја напушти позицијата во Светска банка и да се врати во Македонија со искрена желба директно да помогне за растот на економијата и процесот на закрепнување, во трасирање на нови економски трендови, во реформите итн“, рече Димитриев за Ставрески.Николов пак, вели со оставката на Ставрески, економскиот мотор на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ останувал зарибан.„Губите еден од столбовите и поддржувачите на целата економска и фискалана политика и тешко дека ќе успеете да го надоместите тој губиток. Јас сакам само на Ставрески, да му посакам добро здравје“, рече Николов.Тој сепак нотираше дека јавниот долг на државата е на историско највисоко ниво, односно 45 отсто од БДП, а од 2008 година наваму задолжена е за нови 3,5 милијарди евра.Пратениците од ДПА, пак, сметаат дека сите државни буџети се потрошени на моноетнички проекти и не сметаат дека со новиот министер тоа ќе се смени, затоа што сите Буџети и ребаланси набуџети се донесени со „амин“ на владејачката албанска партија ДУИ./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

