Македонија
Завршија двата нови антивладини протести во Скопје
Петта седмица по ред во понеделникот вечерта во главниот град Скопје се одржаа антивладините протести на неформалното движење Протестирам, познати како тн „Шарена револуција“, на коишто демонстрантите порачаа дека „Борбата продолжува“ а истовремено протестираа и вонпарламентарните опозициски партии на Албанците.
Како што беше најавено во неделата од страна на Опозицискиот совет на Албанците, протестот беше организиран заради поголеми права, почит и достоинство на албанското население во Македонија и, како што тврдат, запирање на политички монтираните случаи против Албанците за што ја обвинуваат владејачката ДУИ дека била во заложништво на нејзиниот коалициски партнер во власта ВМРО-ДПНЕН.
Протесната поворка под мотото „‘Ден Д: Правда, Достоинство, демократија’“, без партиски ознаки и исклучиво албански национални знамиња започна од паркот во населбата Чаир и се движеше до зградата на Владата.
Демонстрантите преку мегафони скандираа „Али предавник“, алудирајќи на челникот на ДУИ, Али Ахмети, и извикувајќи „Демократија“. Најавија дека со својот протест му даваат поддршка на Специјалното јавно обвинителство.
„Наместо да го славиме Денот на Европа, тука сме за дискриминацијата што се прави врз Албанците.Ние сме јасни вос воите барања, ние сакаме во Европа, а ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ сакаат нешто друго. Претседателот помилува криминалци, поранешниот шеф на тајната полиција беше шеф на државата. Сакаме да изразиме поддршка на Специјалното јавно обвинителство и Фатиме Фетаи. Бараме Диво Насеље, Монструм, Сопот, да ги преземе СЈО и на другите да им порачаме не играјте со оган“, рече Биљал Касами од движењето БЕСА.
Протестот мина мирно, со повремени скандирања „УЧК“ и емитување албански песни на разглас, и под силно полициско обезбедување, а од опозициските партии на Албанците не учествува само опозициска парламентарна партија ДПА.
Вообичаено во 18 часот од пред СЈО, под мотото „Смрт на фашизмот, слобода на народот!“, алудирајќи на 9-ти мај Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, започнаа денешните протести на движењето Протестирам, кои исто така завршија пред Владата, но поворките на двата протеста не се споија.
„Смрт на фашизмот слобода на народот, мора да донесеме слобода во Македонија“, порачаа Димче Најчевски професор во пензија, учителот Владо Димоски, професорот и член на СДСМ, Петар Атанасов и претставничката на движењето Солидарност, Соња Стојадиновска.
„Она што денес го прават ние не ги научивме, да тепаат, да прислушуваат, да крадат. Ние не ги научивме на тоа. Сега нашата задача како учители е да му кажеме збогум на овој режим и да ги научиме нашите ученици на една поубава Македонија. Нема да им дозволиме повеќе да нé тепаат. Мора да ја донесеме слободата во Македонија“, истакна наставникот и член на Наставнички пленум, Владо Димовски.
„Ова повеќе не може да се дозволи. Денес е голем ден, цел свет слави победа над фашизмот. Македонија е дел од оваа антифашистичка коалиција. Овој режим мора да падне. Сакаме да изградиме Македонија во која ќе има мир, правда и слобода. Ние имаме само една потреба, за фер и демократски избори, па независно кои и какви сме, ,нека победат најдобрите. Смрт на фашизмот, слобода на народот“, порача Атанасов.
Покрај Скопје, Шарената револуција во понеделникот „се довиваше“ и во Кичево, Штип, Крива Паланка, Велес, Кавадарци, Струмица, Прилеп и во Битола.
Граѓанското здружение „Протестирам“, како организатор на континуираните протести бара повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), итна и неотповиклива оставка на шефот на државата Ѓорге Иванов поради дадената аболиција, произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, формирање специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јуриздикција на СЈО, повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5-ти јуни, задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата и формирање преодна влада која ќе ги спроведе реформите./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

