Македонија
Жерновски: Започна процедурата за уривање на дивоградбата на Панчевски
Започната е процедурата за уривање на дивоградба на улица „Никола Вапцаров“ бр.6, соопшти во вторник градоначалникот на Центар Андреј Жерновски, одговарајќи на прашање од советничката на ВМРО-ДПМНЕ, Елена Петковска.
„Се работи за дивоградба во строгиот Центар, на улица „Никола Вапцаров“ бр. 6. Слушам од медиумите дека господинот Владимир Панчевски смета дека има некоја посебна хајка и стратегија од моја страна, односно од инспекцијата, што не е точно. Постапуваме како и во сите случаи кога има дивоградба. Ги слушнав сите одговори од господинот Панчевски, но не слушнав негирање дали се работи за дивоградба. Ова не е хајка, туку почитување на основниот принцип кој го зацртавме со нашето доаѓање, а тоа е законско работење, Вчера го добив од нашата инспекција, а денеска потпишав барањето за присилно административно спроведување на управни акти. Фирмата која го доби ова извршување, треба да го спроведе уривањето на дивоградбата на улица„Никола Вапцаров“ бр.6“, рече Жерновски. Раководителот на Секторот за инспекциски работи, Кочо Стојчески, одговарајќи на новинарски прашања, посочи дека ќе се побара асистенција на полиција за уривање на дивоградбата.„Ќе се урива рачно и внимателно и тоа само делот од објектот кој е дивоградба. Целиот објект е ограден, бидејќи и по одобрението за реконструкција, инвеститорите не постапуваат. Затоа е стопирана работата на објектот кој се гради незаконски. Има жалба од еден од инвеститорите, Стојан Панчевски и ургенција од второ степената комисија, но жалбата не го одлага извршувањето. Подносители на барањето за реконструкција се три лица, меѓу кои и претседателот на Кривичниот суд Владимир Панчевски и не може сопствениците на објектот да не знаат кој гради“, вели Стојчески. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Темелно се реконструира месната заедница во Драчево
Започнати се градежните работи за темелна реконструкција на објектот на месната заедница во населба Драчево. Реконструкцијата опфаќа целосна санација на кровот и обнова на фасадата, што ќе придонесе за унапредување на енергетската ефикасност.
Предвидена е комплетна замена на електричната инсталација, водоводната и канализационата мрежа, а греењето и ладењето во новиот објект ќе се одвива со инвертер сплит системи.
Покрај надворешната обнова, објектот ќе добие и целосно нова функционална внатрешност, прилагодена на современите потреби на граѓаните.
„Со реконструкцијата се подобруваат и конструктивните и функционалните својства на објектот, кој подолг период беше во лоша состојба. Новата месна заедница ќе обезбеди модерен, безбеден и квалитетен простор за одржување на состаноци, активности и услуги за жителите на Драчево“, велат од Општина Кисела Вода.
Проектот се реализира со средства од Владината програма за капитални инвестиции, финансирана преку унгарскиот кредит, и претставува дел од пошироката стратегија за рамномерен развој на сите населени места во Општина Кисела Вода.
Македонија
Муцунски на проштална средба со амбасадорката Агелер
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски информираше дека денеска остварил проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Ангела Агелер.
Како што наведе Муцунски, на средбата изразил благодарност за нејзиниот севкупен ангажман и значајниот придонес во унапредувањето на политичката и економската соработка, како и за јакнењето на стратешкото партнерство и одличните билатерални односи меѓу двете земји за време на нејзиниот мандат.
На средбата било изразено заемно задоволство од континуитетот на политичкиот дијалог на високо ниво и од развојот на соработката во сите области од заемен интерес.
Муцунски информираше дека биле разменети и мислења за актуелните геополитички случувања и безбедносни предизвици, при што била потврдена заедничката посветеност на стабилноста на Западен Балкан и силното сојузништво во рамките на НАТО.
Македонија
Како членка на НАТО, не ни прилегаат технички влади, а предвремените избори носат нестабилност, рече Гаши
Претседателот на Собранието Африм Гаши изјави дека е поборник на идејата за одржување редовни избори, оценувајќи дека честите предвремени избори создаваат политичка и економска нестабилност.
На брифинг со новинарите, Гаши посочи дека мандатите треба да се завршуваат до крај, а граѓаните да ги оценуваат политичките субјекти според реализираните ветувања. Тој нагласи дека одлуката за избори ја носат пратениците, односно политичката волја на 61 пратеник.
Во однос на Пржинската влада, Гаши оцени дека, како стабилна држава и членка на НАТО, Северна Македонија нема потреба од технички влади за организирање избори, посочувајќи дека изборните процеси во последниот период поминуваат без сериозни забелешки.
Гаши информира дека на координацијата со координаторите на пратеничките групи повикал на усогласување за изборот на Народниот правобранител, нагласувајќи дека постапката е доведена до пленарна седница и дека таа ќе биде свикана штом ќе има политички договор.
Тој соопшти и дека Собранието чека допис од министерот за правда Игор Филков за формирање работна група за Изборниот законик.
Во однос на наводите од СДСМ дека не бил испратен допис за Анкетната комисија за трагедијата во Кочани, Гаши рече дека тоа не е точно и дека пратеничките групи треба да ги достават своите предлози до Комисијата за избори и именувања.

