Македонија
ЗНМ бара санкции за обезбедувањето на Груевски
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди на Министерството за внатрешни работи во вторникот достави претставка, во коja бара да покрене дисциплинска постапка против двајцата припадници на обезбедувањето на поранешниот премиер и претседател на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кои минатата седмица упаднале во просториите на Телевизијата 21 и го присилиле новинарот Кристјан Ландов да избрише снимки од мобилен телефон.
ЗНМ бара МВР да ги утврдите сите околности на настанот и најостро да ги казни припадниците на обезбедувањето на Груевски за незаконско и непрофесионално постапување.
Во писмото се истакнува дека бришењето снимки на новинари е чин на цензура, која е забранета со Уставот.
„Никој нема право, па и припадници на полицијата, да одземат приватен мобилен телефон од новинар или да му наложат да избрише снимен материјал надвор од судска постапка“, стои во писмото.
ЗНМ го потсетува МВР дека Груевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ е јавна личност и новинарите имаат право да го снимаат на јавен простор.
„Ако Груевски сметал дека новинарот му ја нарушил неговата приватност, можел да поднесе соодветна пријава до надлежен суд, но во никој случај вашите припадници не смееле да упаднат во телевизијата и да му наредат на новинарот да ја избрише снимката“, се вели во писмото.
Во саботата МВР соопшти дека неговите припадници кои се дел од Одделот за обезбедување на поранешниот премиер, минатиот петок постапувале согласно планот и задачите, и поради оперативните сознанија кои ги имаат за потенцијални ризици, службените лица го легитимирале новинарот кој без да се идентификува започнал да снима, и притоа беше истакнато дека идентификацијата била извршена во угостителски објект, а не во простории на телевизијата ТВ 21.
Притоа од МВР порачува дека доколку има каква и да е претставка против полициските службеници кои го извршиле легитимирањето, Одделот за внатрешна контрола при МВР ќе постапува по неа.
Претходно телевизијата ТВ 21 објави дека на нејзин новинар во петокот попладнето од обезбедувањето на Груевски му било побарано да се легитимира и да ги избрише фотографиите од мобилниот телефон на кои бил фотографиран челникот на владејачката партија, во прошетка низ улица „Македонија“ во центарот на Скопје, непосредно пред седиштето на телевизијата.
Притоа, ТВ 21 емитуваше снимка од камерата за надзор пред телевизијата на која се гледа, како што тврдат дека „обезбедувањето на Груевски без дозвола“ влегува во прорсториите на телевизијата./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од корисниците на Гази Баба утре без вода
Дел од корисниците на Општина Гази Баба утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 25.02.2026 година ( среда ) имаат планирано неколку интервенции и тоа поради промена на вентил од 2.5“ на ул.Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности“, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи Скопје.

