Македонија
ЗНМ ја поздрави одлуката СЈО да го преземе предметот на новинарот Зоран Божиновски

Здружението на новинарите на Македонија(ЗНМ) ја поздравува одлуката на Специјалното јавно обвинителство(СЈО) да побара од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да го преземе предметот на новинарот Зоран Божиновски, кој од април е во притвор поради сомнение за извршени три кривични дела.
„Веруваме дека Специјалното јавно обвинителство ќе води покредибилна и поефикасна постапка за случајот на новинарот Божиновски и ќе помогне вистината побрзо да излезе на виделина. Се надеваме дека СЈО по преземањето на предметот сериозно ќе ја разгледа можноста да побара укинување на мерката притвор за Божиновски“, се вели во соопштението на ЗНМ.Според ЗНМ, македонските власти во случај на Божиновски не ги почитуваат одлуките на Европскиот суд за човекови права во Стразбург, кој од земјите потписнички на Конвенцијата бара мерката притвор или затвор против новинар да ја применат само кога тие се обвинети за тероризам или говор на омраза. За сите други дела Европскиот суд смета дека затварањето на новинари е непропорционална мерка, со која може да се загрози слободата на говорот и слободата на медиумите. „Остануваме на ставот дека апсењето на Божиновски е политички мотивирано затоа што власта ги злоупотребува законите и институциите неосновано да ја ограничи слободата на медиумите. Веруваме дека Божиновски е притворен со единствена цел да се спречи да објавува нови коруптивни скандали против власта“, се вели во соопштението. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Петрушевски: СДС го зароби Обвинителството преку главниот обвинител Коцевски, не одговараат затоа што го држат на функција

СДС го зароби обвинителството преку главниот обвинител Коцевски, не одговараат затоа што го држат на функција. Главниот обвинител Коцевски е кукла во рацете на СДС, тој таа улога сам си ја избра во моментот кога не си поднесе сам оставка, и чекаше СДС да му дадат сламка за спас во Собранието, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Главниот обвинител Коцевски доби црвен картон во Собранието со изгласаната интерпелација, и наместо да покаже одговорност и да си поднесе оставка, тој избра по секоја цена да седи во удобната фотеља и да ги штити СДС од одговорност.
Главниот обвинител Коцевски не може да каже дека не знаел во каква игра влегол, ниту да каже дека бил наседнат, многу свесно ја презема улогата на заштитник на криминалите на СДС.
И сосема е јасно зошто година ипол нема ниту еден завршен случај за фукционери од СДС кои 7 години ја крадеа државата“.
Според него, штетата која главниот обвинител Коцевски и СДС ја прават врз правосудството е огромна, со уништување на секаква доверба и интегритет.
Македонија
Забрана за движење во шумите до крајот на август, за прекршителите казна до 2.000 евра: Владата ја продолжи кризната состојба од 30 дена

На владината седница е донесена одлука за продолжување на кризната состојба во рок од 30 дена.
Со ова продолжување, како што е појаснето во владиното соопштение, се обезбедува навремена помош за сите засегнати подрачја, односно сите ресурси, вклучително и човечки, технички, логистички, остануваат мобилизирани сè со цел да се справат со пожарите и заштита на населението од огнените стихии.
„Имено, поради висок ризик од шумски пожари во државата, апелираме до граѓаните да бидат внимателни и да ја почитуваат целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште (донесена од 1.7.2025 година и ќе трае до 31.8.2025 година), во спротивно сите оние што не се придржуваат кон оваа одлука, која е донесена за спречување пожари, ќе бидат казнети со глоба од 1.500 до 2.000 евра“.
Македонија
Трговците да ги намалат цените на училишниот прибор пред почетокот на школската година, одлучи Владата

Владата на 100. седница донесе одлука и ги задолжи трговците да ги намалат цените на училишниот прибор од најмалку 10 % во трговија на големо и најмалку 15% во трговија на мало, ова со цел, како што велат, спречување на растот на цените на училишниот прибор пред почетокот на учебната 2025/2026 година и заштита на животниот стандард на граѓаните како дел од кампањата „Помалку трошоци, повеќе за тебе, се грижиме“.
Со оваа одлука, како што информираат од владината служба, трговците на мало и големо, кои продаваат училиштен прибор, односно ранци и чанти, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала (економични, пластични), дрвени и мрсни боици, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и текст-маркери, темперни, акрилни, водни бои и четки, линијари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли и етуи, лепило, шестар, дигитрони, украсна хартија, папки и картонски чанти и материјали за изработка – се задолжуваат своите производи да ги продаваат по ограничена, т.е. намалена цена, односно најмалку 10 % во трговијата на големо и најмалку 15 % во трговијата на мало.
Одлуката се однесува на период од 15 август 2025 година до 15 септември 2025 година, а трговците се должни, покрај новата намалена цена на производите, да ја објават и старата цена, која важела на 1.6.2025 година, а која се зема како базична цена на која се утврдува намалувањето.
Исто така, пред влезот во продажниот објект или на друго истакнато место во продавницата, треба да биде јасно и видливо истакнат плакат со формат од најмалку А3, кој ќе содржи натпис „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, кој е објавен на веб-страницата на Министерството за економија и труд, како и натпис: „Попуст на училиштен прибор од најмалку 15 %“.