Македонија
Агелер го пофали Мицкоски на енергетскиот форум: Вашето присуство дава многу важна порака за навигација на енергетскиот пејзаж
Енергетската сигурност и зелената енергија се два суштински приоритета што треба да ги надминат партиските политики, рече денес амбасадорката на САД во Македонија, Ангела Агелер, во обраќањето на седмиот Македонски енергетски форум. Таа нагласи дека енергетската сигурност и зелената енергија како приоритети се од витално значење и за земјата и за регионот.
Агелер смета дека земјава ја чекаат многу предизвици и покај тоа што во голема мера закрепнала од неодржливата енергетска околина во минатото.
„Безбедна енергетска иднина изискува дополнителни иновации и напредок на многубројни проекти вклучувајќи и завршување на грчко-македонскиот гасовод. Овој извор на природен гас ќе ја елиминира првин зависноста од Русија, како и заканите на одредени прекини во снабдување со гас. Со интерконекторот или гасоводот Северна Македонија исто така може да гради централи, кои се со погон на гас и ќе може да ја олесни транзицијата на земјата од јаглен кон други извори“, рече амбасадорката Агелер.
Таа смета дека земјата има многу соларна енергија, голем хидропотенцијал, како и голем потенцијал за ветерници, кои може да бидат употребени при транзицијата, а САД може да помогнат во тоа не само на владата и на граѓанските организации туку и на приватниот сектор, односно на компаниите на кои им требаат партнерски инвестиции и поттик за внесување иновации, производи, технологии и индустрии што водат кон чиста енергија.
Амбасадорката Агелер во воведното обраќање на форумот го поздрави Христијан Мицкоцки нарекувајќи го иден премиер на земјата и нејзин пријател.
„Вашето присуство овде дава многу важна порака за вашата лична заложба и таа на владата за да може да навигирате низ еден комплексен енергетски пејзаж во кој денес Македонија се наоѓа“, рече амбасадорката Агелер.
Кратко по неа, говор имаше и Мицкоски. Рече дека при преминувањето од јаглен на други извори енергија особено ќе внимаваат на социјалниот момент, а одговори и на забелешката од амбасадорката за грчко-македонскиот гасовод. Смета дека освен тоа што треба да се поврзат македонскиот и грчкиот гасовод, треба да се додаде и интерконектор, кој ќе ги поврзе македонскиот и српскиот гасовод, со што ќе се обезбеди поголем пристап до светскиот пазар за гас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

