Македонија
Бадникови поворки на 6 јануари: се организираат во 80 градови и населени места низ Македонија
Здружението „Бадникови поворки“ информира дека и оваа година, на 6 јануари 2026 година, ќе се одржат Бадниковите поворки, како најголема народно-културна и духовна манифестација во земјава, посветена, како што велат, на радосното и достоинствено најавување на Христовото Рождество – Божик.
„Годинава, Бадниковите поворки ќе се одржат во рекордни 80 градови и населени места низ Македонија, како и во македонската дијаспора во Словенија, Италија, Австрија, Франција и Соединетите Американски Држави, обединувајќи илјадници деца, семејства и заедници во духот на радоста, светлината и заедништвото на празникот.
Централната Бадникова поворка во Скопје ќе обедини учесници од речиси сите скопски општини, заедно со нивните градоначалници, кои и оваа година активно учествуваат во реализацијата на манифестацијата.
Во духот на долгогодишната традиција, во претпладневните часови на 6 јануари, градоначалниците и општинските тимови најпрво ќе ги пречекаат и даруваат коледарчињата во своите општини, каде што децата, во придружба на своите родители, баби и дедовци, ќе ја споделат радоста на празникот.
Потоа, со организиран превоз, коледарчињата и нивните семејства ќе се упатат кон централната манифестација во Скопје, каде што ќе се оформи најголемата Бадникова поворка во Македонија.
Формирањето на поворката ќе започне пред Музејот на Град Скопје, од 11:30 до 12:00 часот. Токму овде, на сите деца кои немаат ѕвездичка, бесплатно ќе им биде подарена Божикна ѕвезда, а сите учесници ќе добијат и уметнички магнет со божикна порака – симболичен подарок за спомен од Бадникови поворки 2026, кој ќе ја продолжи празничната радост и по завршувањето на настанот.
Точно во 12:00 часот, оформената бадникова поворка пеејќи ја песната „Вечниот Бог“, ќе тргне од Музејот на Град Скопје и, движејќи се по улица „Македонија“, ќе пристигне на плоштадот „Македонија“, пред сцената поставена кај Божикната пештера.
На сцената, како круна на целокупната манифестација, ќе биде изведена „Божикна авантура“ – голема музичко-сценска изведба во живо, во која ќе учествуваат повеќе од 40 музичари, актери, пејачи и „Златно славејче“.
Традиционално, во претпладневните часови на 6 јануари, организирани групи деца и млади од Бадниковите поворки, пеејќи ја песната „Вечниот Бог“, ќе реализираат празнични посети кај:
Претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова,
Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан,
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, со што ќе ја споделат радосната вест за Христовото Рождество.
Здружението „Бадникови поворки“ ги поканува сите граѓани, семејства и деца да се приклучат на Бадниковите поворки 2026. Не е потребно претходно пријавување.
Со оваа манифестација, веќе 16 години, Бадниковите поворки се симбол на светлина, заедништво и достоинствено празнување на Бадник во Македонија и пошироко“, се истакнува во соопштението.
Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

