Македонија
Без струја делови од Гази Баба и Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, соопшти дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа денеска, без напојување со електрична енергија ќе останат:
од 08:30 до 13:00 часот, корисниците од дел од ул. Финска, поточно подулиците со бр. 15 и бр. 20 во нас. Инџиково. (Општината Гази Баба)
од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од ул. Нерешка во нас. Жданец. (Општината Карпош)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Кошничките“ на власта се целосно промашување, донесоа поголема скапотија за граѓаните, велат од СДСМ
Политиките на власта на Мицкоски и ДПМНЕ со т.н „кошнички“ се покажаа како целосно промашување. Цените не се намалија, туку за одредени производи и се зголемија, оценуваат од СДСМ.
„Кошничките“, како штп велат, донесоа поголема скапотија за граѓаните.
„Зејтинот, јајцата, шекерот, млечните производи, грашокот, гравот, леќата, сѐ е поскапено.
Оваа сурова реалност која граѓаните ја гледат во маркетите и продавниците секој ден е најголем показател за фарсата којашто ја приреди власта. Од „кошничките“ се збогатија големите трговци, дестина милиони евра се извлечени од џебовите на граѓаните со амин на Мицкоски и ДПМНЕ.
Последните податоци од Државниот завод за статистика уште еднаш го потврдуваат тоа –цените растат, граѓаните имаат се поголеми трошоци за живот а се помалку пари во цебовите“.
Од СДСМ додаваат дека трошоците за живот во декември 2024 година се зголемени за 4,4%, основните животни производи, без кои не може да се замисли ниту еден дом, поскапеле за 4,3%.
Според опозициската партија, политиките на Мицкоски се јасно насочени кон заштита на интересите на големите трговци и елитата.
„Додека 99% од граѓаните сè повеќе се борат со зголемените трошоци за живот, 1% – оние блиски до власта – профитираат на нивна сметка.
Оваа политика на Мицкоски ги турка семејствата во уште поголема економска несигурност и во поголема сиромаштија“, нагласуваат од СДСМ.
Македонија
„Засрамувачки е што спикерот Гаши и неговата партија се обидуваат да спечалат етнички поени врз кршење на законските и деловничките норми“, вели Левица
„Изјавите во однос на интерпелацијата на пратеничката Даути, кои деновиве доаѓаат од т.н албански политички блок и од претседателот на Собранието, Африм Гаши, само ја покажуваат нивната неуставна политичка култура на дејствување, при што дури и уставно предвидениот институт “интерпелација” се обидуваат да го толкуваат низ етничка димензија. Скандалозните и неделовнички изјави на Гаши дека нема да го достави усвоениот Заклучок од интерпелацијата е флагрантен израз на неговото самоволие, кое ја става партијата на Мицкоски со 58 пратеници во потчинета положба. Насилничкото делување на Гаши, со кое се узурпира волјата на законодавниот дом, само ги потврди тезите на Левица дека спикерското место не смее да припадне на необалистичка партија со два пратеници“, велат од партијата Левица.
„Изјавите дека интерпелацијата нема правно обврзувачко дејство е елементарно непочитување на Уставот и на законодавниот дом, како највисок орган кој врши контрола над работата над избраните и именуваните функционери. Интерпелацијата за пратеничката од Алијанса за Албанците беше изгласана со апсолутно мнозинство од страна на пратениците, односно со 61 пратеник, што директно ја имплицира тежината на политичката одлука. Доколку апсолутно мнозинство од 61 пратеник е доволно дури и за изгласување на недоверба на влада, нејасно е како одредени политички чинители свесно го деградираат Уставот и изјавуваат дека ова мнозинство не е доволно за разрешување на претседател на собраниска комисија?!
Левица очекува пратеничката Даути да ја демонстрира својата политичка одговорност и да го сочува својот интегритет како пратеник во Собранието, со тоа што ќе го испочитува усвоениот Заклучок во Собранието, каде јасно е прецизирано дека Даути, како претседател на собраниска комисија, го прекршила Деловникот на Собранието. Во спротивно, Левица е подготвена да иницира предлог за разрешување до собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, со која претседава пратеникот од редовите на ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски. Очекуваме владејачкото мнозинство да го предложи ваквиот издржан предлог на Левица, со цел заштита на законодавниот дом од самоволието на одредени политички чинители.
Воедно, со цел да ги разјасниме неуставните толкувања во јавноста, потенцираме дека правните норми се јасни: владејачкото мнозинство преку собраниската комисија има правна можност и обврска да ја разреши Илире Даути, доколку таа продолжи да го крши Деловникот и не си поднесе оставка од функцијата претседател на комисијата. За Левица, Илире Даути со изгласаната интерпелација е разрешена од претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади. Засрамувачки е што спикерот Гаши и неговата партија се обидуваат да спечалат етнички поени врз кршење на законските и деловничките норми и продолжуваат со деструктивните политики каде што застана ДУИ“, соопшти партијата Левица.
Македонија
ДУИ: Од првиот ден на нејзиниот мандат, Андоновска јасно ја покажува својата намера да го намали присуството на Албанците во ИЈЗ
Демократската унија за интеграција остро реагира на постапките на директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, која, како што велат од партијатa спроведува јасна дискриминаторска политика со цел потчинување и исклучување на Албанците од оваа институција.
„Вонредниот инспекциски надзор на Државниот управен инспекторат, инициран врз основа на анонимна претставка со тенденциозна и антиалбанска содржина, не претставува ништо друго освен организиран обид за отстранување на албанските вработени и создавање амбиент во кој тие се третираат како граѓани од втор ред.
Од првиот ден на нејзиниот мандат, Андоновска јасно ја покажува својата намера да го намали присуството на Албанците во оваа институција, започнувајќи со нивно разрешување од раководни позиции, нивно изолирање во посебни канцеларии и нивно нееднакво третирање во организацијата на работата. Оваа исклучувачка политика е неприфатлива и претставува директен напад врз еднаквоста и општествената кохезија“, оценуваат од ДУИ.
Нагласуваат дека нема да дозволат ваквиот дискриминаторски пристап да помине без реакција и бараат од надлежните институции да преземат мерки за запирање на неправдата.
Оценуваат дека етничката дискриминација нема место во ниту една јавна институција, а правата на секој граѓанин мора да се почитуваат без разлика.