Македонија
Бугарското МНР за изјавите на Мицкоски: Демонстрира недоволно разбирање на одлуките на Европскиот суд
„Потсетуваме дека Европскиот консензус од 2022 година, одобрен од сите земји-членки на Евроспката Унија и Скопје останува валиден патоказ за напредокот на соседната земја во нејзиниот пристапен процес. Зачудувачки е што обврските преземени од Република Северна Македонија, од страна на нејзиниот премиер се доживуваат како „мешање во нејзините внатрешни работи“, е денешната реакција на бугарското Министерство за надворешни работи на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, кои се однесуваат на тоа дали вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде единствено билатерално прашање на нашиот пат кон ЕУ.
„Неговите изјави ги сметаме за уште еден обид да се заобиколат преземените обврски и да се сврти вниманието на јавноста од недостатокот на реформи“, се вели во реакцијата од бугарското МНР и се додава:
„Премиерот Мицкоски уште еднаш демонстрира недоволно разбирање на одлуките на Европскиот суд за човекови права. На тој начин, сакајќи или несакајќи, промовира манипулативни и лажни тези, кои би можеле да се сметаат за вистинско мешање во внатрешните работи на Република Бугарија“.
Одговарајќи на новинарско прашање какво е расположението во ЕУ за потпишување изјава од страна на Европскиот совет, Европската комисија или од бугарска страна, за тоа дека вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде единствено билатерално прашање на нашиот пат кон ЕУ, денеска премиерот Христијан Мицкоски, рече дека досега слушнал многу изјави, но оти треба да се гледаат делата и потсети дека високи претставници на ЕУ велеле оти промената на името на државата е последната работа што треба да се направи.
„Се сеќавам кога високи претставници на ЕУ, придружувани од високи претставници на други земји во светот, седеа пред мене и ми велеа – името е последната работа што треба да го направите. Нормално ние и тогаш бевме против, но и тогаш им велев дека не ја говорат вистината и дека не е последната работа. Треба да видиме дела, а дела според мене претставуваат признавање на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница во Бугарија. Јасно и недвосмислено признавање на многувековниот македонски идентитет и јасно и недвосмислено признавање на многувековната македонска култура, традиција, обичаи, и јасно и недвосмислено признавање на македонскиот јазик кој е официјален јазик во ОН од 1945. Мораме да ги почитуваме принципите, во спротивно имаме сериозен проблем“, рече Мицкоски.
Според него, Македонија како држава нема проблем со другите народи, туку напротив, ги почитува.
„Ако некој има проблем затоа што некој поголем од него му дава совети, а некој тоа го сфаќа како мешање во внатрешните работи на една суверена држава, тогаш ова што го слушаме од страна на нашиот источен сосед, ако не е мешање во внатрешните работи на суверена држава, не знам за што станува збор. Така што, ние не сме народ што има проблем со други народи, напротив, ги почитуваме нашите соседи, и Албанците и Србите, Грците, Бугарите, но бараме подеднакво почитување и за нас Македонците“, посочи премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со потпишување на „Декларацијата Скопје“ заврши Светскиот енергетски форум
Со потпишување на „Декларацијата Скопје“ заврши 14. Светски форум за одржлива енергија (IFESD-14), што во изминатите три дена го претвори Скопје во глобален центар на енергетскиот дијалог, идеи и визии за иднината. Претставниците на Обединетите нации и петте регионални економски комисии ја оценија организацијата како „беспрекорна“, а Македонија и Скопје како „вистински домаќини на светската енергетска сцена“.
Форумот обедини повеќе од 500 учесници од над 70 земји, со над 150 говорници кои преку 35 тематски сесии и панели донесоа идеи, решенија и конкретни чекори за иднината на глобалната енергетска транзиција. Потписниците на декларацијата се согласија дека патот напред бара регионална поврзаност, паметни инвестиции, дигитална трансформација и инклузивна енергетска транзиција што никого не остава зад себе.
Божиновска: „Од Скопје тргнува нов импулс на енергетска соработка, солидарност и визија“
Во завршното обраќање, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, нагласи дека форумот претставува пресвртна точка за регионот:
„Во изминатите три дена, Скопје беше глобалната сцена на енергетската визија и дијалогот за одржлив развој. Она што го видовме овде беше движење на знаење, соработка и амбиција. Форум кој покажа дека кога институциите, науката, бизнисот и меѓународните партнери ќе седнат на иста маса – настанува промена.“
Божиновска истакна дека „Декларацијата Скопје“ е силна порака дека регионот не е само следбеник на глобалната транзиција, туку нејзин активен двигател:
„Горда сум што токму од Скопје, од срцето на Балканот, тргнува нов импулс на енергетска соработка, солидарност и визија. Ова е доказ дека Македонија може да биде платформа на идеи што го менуваат регионот. 14. Меѓународен форум за енергија и одржлив развој ќе остане запаметен како место каде што не само што зборувавме за иднината – туку ја започнавме. Да продолжиме заедно да ја градиме енергетската иднина што ја заслужуваат нашите граѓани“
Таа им се заблагодари на Обединетите нации, УНДП, партнерите и сите учесници за поддршката, додавајќи дека овој форум ќе остане запаметен како место „каде што не само што зборувавме за иднината – туку ја започнавме.“
Армен Григорјан: „Скопје покажа што значи глобална солидарност на дело“
Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации во земјава (УНДП), Армен Григорјан, изјави дека патот кон одржлива, сигурна и достапна енергија е јасен, но бара заедништво и визија:
„Потребна е политичка волја, глобална солидарност и посветеност. Во УНДП сме задоволни што заедно со Владата и Министерството за енергетика рударство и минерални суровини како и со регионалните комисии на ОН, работиме на дизајнирање политики, решенија за намалување на емисиите, инклузивност и подобрување на квалитетот на воздухот. Инвестираме во луѓето и во иновациите, со цел да испорачаме мерливи резултати кои граѓаните ќе ги почувствуваат дома, на работа и насекаде“, додаде Григорјан.
Дарио Лигути UNECE: „‘Декларацијата Скопје’ е сигнал на регионална амбиција и визија“
Дарио Лигути, директор на Енергетската дивизија на UNECE, изјави дека документот потпишан во Скопје ќе остане важна референтна точка во глобалните енергетски процеси:
„Декларацијата Скопје’ претставува силен сигнал за регионална и глобална соработка и амбиција. Таа ја потврдува нашата заедничка заложба за забрзување на праведната и инклузивна енергетска транзиција – транзиција што носи вистински напредок за луѓето, планетата и просперитетот.“
Заклучоците: паметни технологии, фер транзиција и зелени инвестиции
Во завршницата на документот се наведува дека потписниците ќе работат на:
· интегрирани и инклузивни енергетски политики,
· модернизација на електромрежите и дигитализација,
· вложувања во обновливи извори и фер транзиција,
· промовирање на зелено финансирање и родова рамноправност во енергетиката.
„Заедно можеме да го трансформираме глобалниот енергетски систем кој ќе обезбеди заштита на климатскиот систем, поттикнување на одржливи решенија и достапност до енергија и просперитет за сите,“ се наведува во завршниот дел на декларацијата.
14-тиот Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14) се одржа во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и петте регионални економски комисии на ОН – ECA, UNECE, ECLAC, ESCAP и ESCWA.
„Декларацијата Скопје претставува силен сигнал за регионална и глобална соработка и амбиција. Таа ја потврдува нашата заедничка заложба за забрзување на праведната и инклузивна енергетска транзиција – транзиција што носи вистински напредок за луѓето, планетата и просперитетот.“
Заедно можеме да го трансформираме глобалниот енергетски систем кој ќе обезбеди заштита на климатскиот систем, преку поттикнување нови, одржливи решенија, иновации, со крајна цел да обезбедиме достапност до енергија и просперитет за сите.“ вели Декларацијата Скопје во својата завршница.
14-тиот Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14) се одржа во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија, Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП и петте Регионални економски комисии на Обединетите нации ((ECA, UNECE, ECLAC, ESCAP и ESCWA).
Македонија
Mицкоски: Скопје добива градоначалник кој ќе работи неуморно, вреден борец, човечен, личност со која ќе се гордееме сите
Скопје добива градоначалник кој ќе работи неуморно, вреден борец, посветен, човечен, личност која ќе направи да се гордееме сите, но и кој е свесен дека резултатите и испорачаните проекти се обврска, исто како и довербата, и дека погледите во него по изборите се вперени со двоен диоптер и многу цилиндри и ќе му се прати секој чекор и ќе се очекуваат брзи дејствија и резултати од него. Драги скопјани, токму овој човек, вашиот човек за главниот град, Орце Ѓорѓиевски, е доказ дека можат да се направат промени кога некој работи со срце, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот народен митинг во Скопје во рамки на изборната кампања под слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“ за вториот круг од локалните избори во недела на 2 ноември.
Мицкоски посочи дека Ѓорѓиевски е човек што не ветува без да е сигурен дека може да исполни, и кој испорачува за граѓаните.
„И кога гледам што Орце направил за Кисела Вода, знам дека истиот дух, истата енергија и иста совесност ќе ја донесе во Скопје. И Скопје ќе влезе во една нова фаза на предвидливост и извршување на обврските. Орце е сериозен, приземен, прилично методичен карактер. Тој ќе го направи Скопје повторно да живее слободно и да дише слободно. Град каде што јавниот превоз нема да е изговор и да се прекршува врз суети и изговори, туку систем каде што пешачките премини значат безбедност, а не се руски рулет, каде што отпадот е ресурс, а не срам и загаденост“, рече Мицкоски.
Додаде дека Скопје бара управување, не експеримент и за Орце, Скопје е мрежа на животи и сега му треба вашиот јасен мандат за Скопје да стане град на ред, чистота, култура, лесно движење, рамно развиени општини и чесна локална економија.
Мицкоски исто така ги повика граѓаните да гласаат и за Сотир Лукровски во Карпош, за Дејан Митевски во Аеродром, за Ерџан Демири во Шуто Оризари, како и за Зоран Бајовски кој е во натпревар за прв човек за блиската општина до Скопје, Чучер Сандево.
„Ова е вистински избор. Затоа што е избор за секој ден, не само за изборен ден. Ова е избор за твој човек, човек што работи и кога нема камери. Ова е твоето место, град во кој не си гостин. Ова е за твојата иднина, да останат и децата, и соништата“, истакна Мицкоски.
Македонија
Мицкоски: Имаме историска шанса Кичево да биде симбол на соживот, а не на поделби
Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг од пред платото на Филхармонија, се осврна и на Кичево, и кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, Кичево се наоѓа пред историска можност да избере градоначалник кој ќе ја промовира инклузивноста и соживотот меѓу сите. Мицкоски рече дека овој избор не е прашање на етничка припадност, туку на вредности и посветеност на сите жители на Кичево со цел градот да стане симбол на единство, прогрес и историска победа за сите.
,,Дваесет години таму немало градоначалник што ја носи нашата програма, нашите вредности, немало човек кој гледа за сите, туку гледал само самиот за себе си. Дваесет години градот беше под управување, кое често ги делеше луѓето по вера, народност или партија“, вели Мицкоски.
Мицкоски повика на единство меѓу сите заедници во Кичево, апелирајќи до Македонците, Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите и Бошњаците.
,,Вечерва испраќам од овде од Скопје порака до сите кичевчани и Македонци, и Албанци, и Турци, и Власи, и Роми, Срби, Бошњаци. Излезете во недела и гласајте за човекот што ќе биде градоначалник на сите! Да се обединиме околу идејата дека Кичево може да биде симбол на соживот, а не на поделби. Да ја направиме историјата вистина, првпат по две децении, Кичево да има градоначалник кој не прашува „чиј си“, туку „што можеме да направиме заедно“, додаде Мицкоски.
Тој истакна дека оваа победа ќе биде заедничка за сите граѓани на Кичево и дека Владата ќе го поддржува Кичево во напорите да го подобри животот на сите жители, и додаде дека оваа промена не е прашање на етничка припадност, туку на човечка посветеност.
,,Тоа ќе е заедничка историска победа на сите граѓани на Кичево, а ние како Влада ќе го помагаме Кичево максимално, во свои напори да го подобри животот на сите негови граѓани. И тука нема етничка приказна, туку сосема човечка димензија. Ова не е повик за етничко гласање туку за гласање за човек, за човек Македонец со сопруга Албанка, кои се пример за вредности и сила, човек кој ќе работи за сите, за своите кичевчани, ќе биде градоначалник буквално за сите и за Македонците, и за Албанците, ќе ги помага и ќе биде коректен, и за Турците, Ромите, Власите, Бошњаците. Со сите кои таму живеат без разлика на партија, етникум и верска определба. Тој е човек и ќе работи за Кичево“, посочи Мицкоски.

