Македонија
Бугарското МНР реагира откога беше повикан нивниот амбасадор: „Се демонстрира непочит кон нашата земја“

Министерството за надворешни работи на Бугарија реагираше на, како што ги оцени, „навредливите, неприфатливи и непријателски“ изјави од страна на македонските политичари откога бугарскиот амбасадор Жељаско Радуков беше повикан во Министерството за надворешни работи.
Повод за тоа беше употребата на придавката северномакедонски во обраќањето на бугарскиот пратеник Георг Горгиев за премиерот Христијан Мицкоски.
Во реакцијата бугарското МНР наведува дека амбасадорот изразил изненадување од неговото повикување, со оглед на, како што се наведува, „непријателските пораки и постапки“ од македонски владини претставници во последните месеци. Според нив, во јавниот дискурс систематски се покажува „недостиг на почит кон Бугарија“.
Од Софија истакнуваат дека е неприфатливо земја која, како што наведуваат, „постојано дава реална и несебична помош“ да биде нарекувана „непријателска“, особено во момент кога бугарски пожарникари интервенираат во Крива Паланка за гаснење пожари.
Македонското Министерството за надворешни работи и надворешна трговија најостро ги осуди навредливите изјави упатени кон претседателот на Владата и институциите од страна на министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Георг Георгиев, дадени во текот на денешното гостување во утринската програма на телевизијата БТВ.
Во врска со ова Министерството вчера го повика на разговор амбасадорот на Република Бугарија во Скопје, Жељаско Радуков, кому му беше пренесен официјалниот протест и му беше укажано на несоодветноста на ваквиот јавен дискурс од страна на висок функционер на бугарската влада.
„Таквите изјави, во кои се користи недоличен речник и се омаловажуваат претставници на суверена држава, претставуваат директна повреда на основните принципи на меѓународното право и дипломатската комуникација. Тие не придонесуваат за унапредување на добрососедските односи и се во спротивност со духот на конструктивен дијалог и заемно почитување, што треба да ја води соработката меѓу двете земји“, соопшти Министерството.
Георг Георгиев изјави дека со отстранувањето на македонскиот јазик и на идентитетот од извештајот за Македонија во Европскиот парламент (ЕП) успеале да спречат ЕП да биде искористен за домашната политичка пропаганда на, како што го нарече Мицкоски, „северномакедонскиот“ премиер. Тој исто така рече дека Мицкоски спроведува кризен пиар, веројатно за да се оправда пред сопствените граѓани за неисполнетите ветувања, односно, како што вели Георгиев, затоа што ги излажал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во Кочани нема да има концерт за Петровден, Крстевски го откажа на барање на родителите на загинатите деца во „Пулс“

Откажан е музичко забавниот дел од програмата за одбележување на Петровден, празникот на градот Кочани. Ваква одлука вчера донесе в.д. градоначалникот, Венко Крстевски, откако родителите на загинатите во трагедијата од 16 март годинава се собраа пред сцената во Паркот на Револуција, каде требаше да запчне концерт со настап на повеќе бендови. Тие поставија фотографии на своите деца и запалија свеќи.
Животот продолжува, но трагедијата во дискотеката „Пулс“ нè остави во заложништво на болката, особено за родителите кои живеат со страв и загуба. Откажувањето на музичкиот дел од денешниот и утрешниот настан не требаше да се случи – не затоа што не ја почитуваме тагата, туку затоа што нашата обврска е да се грижиме за сите, да го вратиме нормалното секојдневие и да покажеме дека заедништвото се гради со храброст и заедничка работа, а не со запирање на животот, стои во соопштението на в.д. градоначалникот Крстевски.
Претходно, родителите на загинатите во дискотеката „Пулс“ во пресрет на Петровден писмено се обратија до него со барање да се одложи музичко-забавниот дел од програмата.
Македонија
Гужви на Богородица за влез во Грција

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
На ГП Табановце за влез во државата и ГП Богородица за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 15-20 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Македонија
Денес сонце и температури до 36 степени

Сончево и потопло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 18, а максималната ќе достигне од 29 до 36 степени.
Во Скопје, сончево и потопло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.