Македонија
(Видео) Бачев: Досието „Атлантик“ за наше следење и прислушување мора да се расчисти
Претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, поднесе жалба поради непостапување на директорот на АНБ во законскиот рок во врска со барањето до Агенцијата за национална безбедност за добивање известување за незаконското следење и прислушување во рамките на досието „Атлантик“.
Бачев појасни дека Единствена Македонија дошла до досието „Атлантик“, од кое се гледа дека Агенцијата за национална безбедност незаконски презела спрема него три оперативно-технички средства, и тоа: тајна контрола на телефон, тајно аудио и визуелно снимање и тајно следење и набљудување.
Овие мерки, како што тврди Бачев, се преземани од 2018 година кога Единствена Македонија го предводеше националниот блок „Македонија бојкотира“, во кој се здружија 84 организации – партијата Единствена Македонија и 83 македонски здруженија од земјата и странство во битката за референдумот на 30 септември 2018 и против промена на Уставот и името на државата.
„Пред повеќе од 3 месеци, поточно на 3 јуни, до Агенцијата за национална безбедност поднесов барање да ме известат дали против мене биле преземани и сè уште се преземаат мерки за тајно следење и прислушување и да ми се стават на увид документите за собраните податоци. Барањето се заснова на член 51 став 1 од Законот за АНБ, каде што е пропишано дека секое лице може да побара известување од АНБ дали против него се преземаат мерки за тајно собирање податоци. Во согласност со законот, директорот на АНБ е должен во рок од 30 дена да одговори на барањето, но до ден-денешен, иако се поминати повеќе од 3 месеци – молк.
Затоа, денес поради т.н. молчење на администрацијата поднесов жалба до АНБ, која како првостепен оран треба да ја достави жалбата до надлежниот второстепен управен орган. Второстепениот орган во согласност со законот ѝ одредува рок од 15 дена на АНБ како првостепен орган да постапи по моето барање, а во спротивно самиот второстепен орган ќе ја реши работата во рок од 30 дена по приемот на жалбата. Доколку и вторстепениот орган применува т.н. молчење на администрацијата, тогаш се отвора патот по 30 дена да почнам судска постапка со поднесување тужба до Управниот суд на Република Македонија.
Жално и срамно е што АНБ нè враќа на некои минати времиња кога политичките противници се следени од идеолошки и политички причини, како случајот со мене, бидејќи сме следени само поради искористување на уставно загарантираното право на протест, а познато е во јавноста дека во 2018 година седум месеци улиците беа нашиот дом со секојдневни протести и блокади на улиците во Скопје и други градови во Македонија, протести пред домовите на 8-те одметнати и уценети пратеници, блокади на граничните премини.
Најголем доказ дека сме незаконски следени е фактот што од страна на АНБ нема ниту една пријава против мене и други членови од „Македонија бојкотира“, а според документите во досието, ние сме биле заведени како луѓе што сакаат да го рушат уставниот поредок.
Како и да е, јас сум решен до крајот да ја истерам оваа работа не само поради мене, туку, генерално, за сите граѓани бидејќи не може тајната полиција како резултат на политички уверувања да презема мерки на тајно следење и прислушување“, изјави Бачев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Најстудено утрово било на Попова Шапка каде се измерени -5 целзиусови степени
Најстудено утринава било на Попова Шапка каде се измерени -5 целзиусови степени, а температури под нулата се измерени и во Битола, Берово, Маврови Анови, Прилеп, Крушево и Претор.
Во Петровец, Охрид, Штип, Велес и Крива Паланка утринава се измерени нула степени, а максималната утринска температура била 4 степени и е измерена во Гевгелија.
Синоптичарите за денеска најавуваат променливо облачно време со сончеви периоди и наместа со услови за повремен слаб дожд, а на планините од слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец, а максималната температура ќе биде во интервал од 7 до 13 степени.
Во Скопје, слично време со дневна температура до 10 степени.
Македонија
Денес во 12 затворени улици во Скопје, ќе се протестира против Усје
Во централното подрачје на Скопје денеска ќе биде воведен посебен режим на сообраќај поради протестниот марш „Стоп за Цементара“, закажан во 12 часот.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, маршот почнува пред Владата на булевар „Илинден“, десно по булевар „ВМРО“, во продолжение по улицата „Васил Главинов“, лево по улицата „Димитрие Чуповски“, во продолжение по улица „11 Октомври“ до пред Собрание и лево по улица „Филип Втори Македонски“ до пред Министерство за животна средина во Скопје.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на град Скопје.
– Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници, се наведува во соопштението.
Македонија
Прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд
Времето денеска ќе биде прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места ќе има слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до шест, а максималната ќе достигне од седум до 11 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до пет, а максималната ќе достигне до 10 степени.
УХМР информира дека ќе продолжи периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има утре кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места.

