Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ не го спроведува Законот за македонски јазик, велат од СДСМ
„Денеска одбележуваме 80 години од историскиот момент на кодификацијата на македонскиот јазик – темелна вредност на нашиот идентитет, култура и државност. Тоа е делото на Блаже Конески, но и многу други значајни великани. Им оддаваме почит и го пренесуваме амананетот за негова заштита, промоција и унапредување од генерација на генерација“, рече Маја Серафимовска Борозан од СДСМ.
„За жал, токму денес, сведоци сме на игнорантски однос од актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ која веќе 9 месеци не спроведува ниту една одредба од Законот за употреба на македонскиот јазик.
Инспекторатот за употреба на македонскиот јазик не може да функционира затоа што се уште не е усогласен со законот за инспекциски надзор. Нема вработени инспектори, само партиска директорка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и толку.
Нема нови вработувања ниту на лектори, нема ниту стипендии за ученици и студенти.
Прекинат е дури и конкурост „цртај на македонски јазик“ што успешно се реализираше 3 години.
СДСМ во изминатите години презеде конкретни чекори за заштита и унапредување на македонскиот јазик.
Македонскиот јазик стана официјално признат во светот, но и рамки на ЕУ преку Договорот со ФРОНТЕКС. Обезбедивме буџетски средства за дигитализација на картотеките во Институтот за македонски јазик – 5 милиони записи се трајно заштитени. Го дигитализиравме Толковниот речник и Правописот, правејќи ги достапни за сите граѓани.
За првпат по 24 години, вработивме научници во Институтот за македонски јазик. Донесовме Закон што предвидува вработување лектори во сите институции и задолжително лекторирање на официјалните документи. Тоа се конкретни дела за македонскиот јазик.
Министерот Љутков покажува ограмна неспособност.
На овој значаен ден, СДСМ ја повикува Владата веднаш да ги спроведе сите законски обврски од Законот за употреба на македонскиот јазик. Отворањето на Инспекторатот, вработувањето на лектори и обезбедувањето стипендии не се прашања на партија, туку прашања на национална должност.
Македонскиот јазик заслужува државна грижа, а не партиски заборав“, изјави проф Маја Серафимовска Борозан од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пратеникот Јанчев кој имаше сообраќајка во која загина тинејџер доби обвинение, свртел на место каде не смеел
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Сашко Јанчев, пратеник од партијата Левица, за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, согласно член 300 став 4, во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението се однесува на тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември, по полноќ, во скопското село Марино, во која животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски, а неговата 13-годишна сопатничка беше тешко повредена.
Според Обвинителството, по спроведена истражна постапка, обезбедени се сите релевантни докази и извршени се соодветни вештачења со кои се утврдени причините за несреќата.
Обвинетиот управувал патничко возило „Хјундаи Тусон“, при што не се придржувал до сообраќајните прописи и со своето однесување го загрозил јавниот сообраќај и безбедноста на учесниците.
„Осомничениот непрописно свртел со возилото, без претходно да се увери дека маневарот може да го изврши без да ги загрози другите учесници во сообраќајот“, наведува Обвинителството.
Во тој момент, во возилото удрил мотоцикл марка „Јијинг“, без регистарски ознаки и без вградени светлосни уреди, со кој управувал починатиот 16-годишник. Според официјалните наводи, мотоциклистот немал возачка дозвола, а ниту тој ниту неговата сопатничка не носеле заштитни кациги.
Како последица на тешките повреди здобиени во сообраќајната несреќа, малолетниот возач на мотоциклот починал, додека девојчето кое било сопатник се здобило со тешки телесни повреди.
Македонија
Скопје руши рекорди по загаденост, утрово е втор град во Европа
Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Доколку се следат податоците од апликациите кои ја мерат загаденоста на воздухот, Скопје и утрово е град со многу висока загаденост. Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Најзагаден воздух утрово дишат жителите на населбата Илинден.
Министерството за животна средина алармираше дека е надминат прагот на алармирање. Загадувањето во Скопје е децениски проблем особено во зимскиот период и времетраењето на грејната сезона.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.

