Македонија
(Видео) Градилиште зад Универзалната проголта дел од улицата 9 Мај, инспекцијата третпат направи увид

Дел од улицата 9 Мај зад Универзалната сала во Скопје се одрони и пропадна во градилиште за нова зграда. Градежната инспекција од Општина Центар, вчера, откога се одронил дел од улицата, третпат направила увид на градилиштето.
„Градежен инспектор изврши увид вчера и повторно му наложи на инвеститорот да ја обезбеди јамата“, велат до Општина Центар за „Макфакс“.
И во претходните два увида инспекторите констатирале дека јамата е необезбедена. На првиот увид, заедно со општинскиот градежен инспектор и полицијата, излезе и градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, и го затворија градилиштето токму поради необезбедената градежна јама.
„Инспекцијата утврди дека инвеститорот постапувал спротивно од издаденото одобрение за градење и ја искинал жолтата лента со која утринава градежен инспектор на Општина Центар му го затворил градилиштето. Мора да сфатиме дека во оваа држава постојат закони и тие важат за сите“, изјави градоначалникот Герасимовски по увидот.
Градилиштето ,и по увидот со градоначалникот, само кусо време остана затворено оти при повторен увид инспекцијата утврди дека инвеститорот сам ја тргнал заштитната лента и продолжил да гради.
По вториот извршен увид, градежен инспектор на инвеститорот „Бинјапи инженеринг“ му одреди рок да го врати градилиштето во првобитната состојба и да продолжи да гради во согласност со издадената техничка документација. Вчера, при третиот увид, само констатирале дека инвеститорот повторно не ги почитува издадените решенија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Орце Ѓоргиевски: „EXIT“ доаѓа во Скопје!

Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓоргиевски, информира дека е постигнат договор со основачот на „EXIT“ фестивалот, Душан Ковачевиќ, од следната година Скопје да биде нова дестинација на една од водечките европски фестивалски групации.
„Убеден сум дека бренд како „EXIT“ значително ќе го зголеми квалитетот на забавниот живот и културната понуда на Скопје и Македонија. Тоа ќе ја стави нашата метропола на мапата на топ дестинации за посета на огромен број туристи, бидејќи граѓаните на Скопје и Македонија го заслужуваат најдоброто“, изјави Ѓоргиевски.
Со ова Скопје ќе се вброи меѓу европските градови кои се дел од мрежата на еден од најпрестижните музички фестивали во Европа, што ќе значи и нова енергија, нови инвестиции и зголемување на туристичкиот потенцијал на главниот град.
Македонија
Мицкоски: Оние кои го променија името на државата, нудат предлог за црвени линии- Нашиот приоритет се европските интеграции

„Втората работа што морам да ја прокоментирам е некаков предлог за црвени линии, за прашањето со нашиот источен сосед. Со радост го чекам тој предлог да видам каков ќе биде, во исчекување сум, со нетрпение го чекам – од истите тие кои прифатија декларација за непромена на името, па потоа го сменија, од оние кои викаа дека нема ултиматуми, па го донесоа францускиот предлог, од тие кои велеа „ајде на референдум“, па потоа не ги признаваа резултатите од него“, вели Христијан Мицкоски претседател на Владата на Република Северна Македонија.
Премиерот Мицкоски порача дека додека тој е претседател на Владата, нема да има игри со вакви прашање, потенцирајќи дека приоритет се европските интеграции, но тој пат не смее повеќе да биде срамен.
„Ајде да видиме какви се тие црвени линии, чија боја ќе биде побледа од најбелата боја, затоа што не може во исто време да се збори за црвени линии, а да се вели „мора да се прифати се што е на маса, безусловно“. Но ви велам, да бидете сигурни, додека јас сум претседател на Владата, нема да има игри со вакви прашање. Државата ќе биде сигурна. Наш приоритет се европските интеграции. Биле, се и ќе останат, но тој пат не смее повеќе да биде срамен. Треба да биде достоинствен, треба да биде пат по којшто ќе бидеме рамноправни со сите останати европски народи, а не понижени и засрамени како што за жал денес сите од нас се чувствуваме“, нагласи Мицкоски и додаде:
„Но, мојот фокус како претседател на Владата е подобро образование, вистинско европско образование, среќни земјоделци, млади коишто остануваат дома, пензионери коишто се радуваат на своите најубави денови после се она што го направиле во својот живот, за своето семејство и за својата држава, работници коишто имаат услови за работа исти онакви какви што имаат нивните колеги во Европа. Силна економија, инвестиции, животен стандард најдобар на Балканот и еден од водечките во Европа. Тоа е мојот сон и сонот на мојата генерација, сигурен сум дека секој еден од вас ќе се согласи дека вреди да се жртвуваме за да го отсонуваме овој сон.“
Македонија
Мицкоски за прислушуваните материјали: Ме следеле мене, но и моите деца, речиси исти луѓе блиски до некоја мината власт, оперираат со системот

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски во своето обраќање по повод 8 Септември – Денот на независноста се осврна и на новиот скандал со прислушкувањето, нагласувајќи дека се следи и прислушкува од 90-тите години и една иста структура, речиси исти луѓе и оперативци, блиски до некоја мината власт, оперираат со системот, додавајќи дека со ваквите чекори се удира по основите на демократијата, се удира по уставниот поредок, а последиците на таквиот извитоперен систем не само што уништуваат генерации луѓе, туку и ја доведуваат во опасност целата држава, каде на тацна го ставаат безбедносниот систем.
„Само кусо да се осврнам на една тема од секојдневието која пак има важност за покрупната слика за системот во кој опстојуваме. Тоа е прислушкувањето. Нелегалното, незаконското прислушкување и злоупотреба на системот. Се следи и прислушкува од 90-тите години. И една иста структура, речиси исти луѓе и оперативци, блиски до некоја мината власт, оперираат со системот. Со ваквите чекори се удира по основите на демократијата, се удира по уставниот поредок, а последиците на таквиот извитоперен систем не само што уништуваат генерации луѓе, туку и ја доведуваат во опасност целата држава, каде на тацна го ставаат безбедносниот систем. Ваквите удари уништуваат и човечки судбини, најчесто измислувајќи ситуации, контакти, додавајќи работи кои во суштина не постојат“, вели тој.
Мицкоски нагласи дека не е прашање дали материјалите ќе се декласифицираат, тука прашање е како да се спречи ваквата злоупотреба и повеќе ова да не се повтори.
„За ова сум сведок и јас лично, гледајќи го материјалот поврзан со мене, а богами и со моето семејство. Ајде разбирам јас, ама децата?! И тука сакам да подвлечам: не е прашањето дали ќе се декласифицираат материјалите-тоа е сосема ирелевантно и на таквите работи гледам како на страв и паника на оние кои повикуваат на такво нешто, и како на изговор за дефокусирање од вистинските дилеми.
А да не зборувам што со тоа се разоткрива и расклинкува цел еден оперативен систем. Вистинското прашање е како да ги спречиме злоупотребите и повеќе ова да не се повтори“, рече премиерот Мицкоски.
„Тоа ќе се случи само и само кога ќе има одговорност. А одговорност мора да има. Сите материјали од институциите и сознанија за незаконското следење се предадени на обвинителството. Ги знаеме нивните слаби капацитети и за жал ниската доверба во нив, но овој случај ќе го следиме одблиску и само да знаат дека оваа работа нема да се стави под тепих.
Ова е прашање на опстојување на државата. И во периодот што следи ќе се одмотува овој гордиев јазол“, истакна Мицкоски.