Македонија
(Видео) Ковачевски: Антифашистичката определба е дел од нашиот национален идентитет
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, со видеообраќање се осврна на провокациите што по повод отворањето на бугарскиот клуб во Битола поттикнаа говор на омраза и недоверба со намера да го поткопаат и стават под сомнение досегашниот напредок во дијалогот меѓу Скопје и Софија постигнат од силната определба, при што со јасна визија и лидерство од двете страни може да се дојде до достоинствено решение на споровите за заедничка иднина во ЕУ.
„Од првиот ден на мојот мандат како премиер реков дека не отстапувам од тоа разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија да се водат достоинствено и во духот на европските вредности. Кон оваа определба се придржувавме целиот овој период. Реализиравме конкректни заеднички проекти, ги подобривме односите и го намаливме говорот на омраза. За жал, со последната посета на бугарската делегација во Битола се разбудија духовите од минатото поттикнувајќи ги повторно говорот на омраза и недовербата против кои успешно се боревме. Оттука, целосно го разбирам и чувствувам гневот на граѓаните во изминатите денови“, истакна Ковачевски.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија истакна дека нашата држава ја стекна својата независност по Втората светска војна, во која граѓаните учествуваа во антифашистичката народноослободителна војна.
Антифашистичката определба на граѓаните е дел од нашиот национален идентитет со кој се гордееме во демократска Европа.
Македонските граѓани се определени за членство во ЕУ, но провокациите што ги повредуваат нашите чувства како граѓани ја загрозуваат таа определба.
Република Северна Македонија е суверена држава и имаме должност да го чуваме нашето достоинство. Имаме стратешка цел за влез во ЕУ, но достоинствено со својата национална гордост и посебност.
Ковачевски верува дека треба да продолжиме и да работиме на зајакнување на дијалогот и унаредување на односите меѓу двата народа до конечно решавање на спорот. Но, за тоа да биде успешно, ниедна од страните не смее да прави чекори назад. Не смееме да дозволиме постојано враќање кон минатото и потези што значат еднодневна политичка корист, а долгорочна штета на кревките односи што ги градиме.
„Република Северна Македонија ќе ги продложи реформите во сите области со кои ќе ја подготвиме земјата за полноправно членство во Унијата. Тоа се процеси што ги водиме за наше добро, за развој на нашата земја и подобри услови за граѓаните“, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

