Македонија
(Видео) Крај на партиски вработувања во здравството и заштита на бремените работнички, нови предлог закони најавија од Левицата
Амар Мециновиќ, пратеникот од Левица, на прес конференција најави дека пратеничката група на Левица ќе поднесе два закони во Собранието со цел да се стави крај на, како што наведуваат од оваа партија, неправдите во јавното здравство и на системската дискриминација на бремените работнички.
Првиот закон, се однесува на процесот на вработување во јавното здравство, кој, како што рече Мециновиќ, и покрај формалните законски одредби за транспарентност, во пракса е партизиран.
„Иако законот за здравствена заштита предвидува јавен оглас и рангирање врз основа на стручност и компетентност, во пракса се случува спротивното. Членот 161 му дава дискреционо право на директорот на здравствената установа да избере кого ќе вработи, дури и ако тој кандидат не е прворангиран. Следствено, имаме бројни случаи кога најдобрите кандидати не беа избрани, а целата постапка се сведуваше на формалност со однапред познати одлуки“, изјави Мециновиќ.
Тој нагласи дека ваквата практика довела до обесхрабрување на младите и квалитетни здравствени работници, губење на довербата во институциите и одлив на дефицитарен медицински кадар во странство.
„Предлагаме едноставно и јасно решение. Во член 161 се додава една реченица која гласи: ’Работодавниот орган мора да го избере најдобриот кандидат согласно редоследот на ранг листата’. Ништо повеќе, ништо помалку. Ова значи крај на дискрецијата и крај на партиските вработувања и клиентелизмот во јавното здравство“, порача Мециновиќ.
Вториот предлог закон се однесува и на измени во зЗконот за работни односи и има за цел да се заштитат бремените жени кои работат со договор на определено време.
„Иако формално законите забрануваат дискриминација врз основа на бременост, во пракса постои сериозна правна дупка. Бремената работничка ги ужива сите права додека трае договорот, но со истекот на договорот на определено време ги губи сите права поврзани со бременоста и родителството. Ова е чиста институционално дозволена дискриминација“, рече Мециновиќ.
Според него, проблематична е одредбата од член 101 став 3, која дозволува престанок на работниот однос и покрај бременоста. Левица предлага три клучни измени: автоматска трансформација на договорот на определено во неопределено време со доставување на лекарска потврда за бременост, бришење на можноста за престанок на работен однос поради истек на договорот и воведување строги казни за работодавачите кои нема да ја почитуваат оваа обврска.
„Со ова се обезбедува континуитет на правата поврзани со бременост и породилно отсуство и се испраќа јасна порака дека мачинството не смее да биде каза ниту ризик за егзистенцијата“, истакна тој.
Мециновиќ оцени дека актуелната состојба е показател за длабока дехуманизација на законските решенија. „Државата има обврска да ги заштити мајките, децата и правото на достоинствен труд. Не можат никакви економски индикатори, никакви финансиски извештаи на поединни работодавци, приватни или државни, да бидат во надредена положба над егзистенцијата на граѓаните, особено кога станува збор за бремените жени“, додаде пратеникот.
Потсети дека Левица и претходно предложила мерки како дуплирање на породилното отсуство, флексибилно работно време за млади родители во првите пет години од животот на детето и бесплатен превоз за млади родители, но ниту една од нив не била прифатена. На крај најави дека двата законски предлози ќе бидат доставени до сите пратеници и повика на нивна поддршка без разлика на партиската припадност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Сè беше легално и со дозволи“: како Македонија учествувала во проектот со мозоци што беше споменат во документите за Епстин
Македонија била вклучена во меѓународен научен проект кој се споменува во документите поврзани со починатиот американски милијардер Џефри Епстин,пишува Дојче веле.
Станува збор за проект во кој американски научници поврзани со Универзитетот „Колумбија“ создале голема банка од човечки мозоци наменета за истражување на самоубиства, шизофренија и други психијатриски нарушувања. Во документите се споменува и Македонија како една од земјите што придонеле со примероци.
Поранешниот директор на Институтот за судска медицина во Скопје, професорот Алексеј Дума, за ДВ објаснува дека Македонија учествувала со ограничен број примероци и дека сè било спроведено според закон, а секој примерок морал да има одобрение од македонскиот и американскиот Етички комитет.
„Примероците најлегално патуваа со авион, поминуваа царина и за нив имаше целосна документација. Без дозвола — примерок не можеше да влезе во САД“, вели Дума и ја отфрла можоста за профит од целата постапка.
Тој појаснува дека од Македонија биле испраќани околу 10 до 15 примероци годишно, и дека бројката од околу 1.000 мозоци се однесува на целата меѓународна колекција, а не на македонските примероци.
Проектот, според Дума, донел значајни научни резултати, нови сознанија за поврзаноста меѓу шизофренијата и самоубиствата, како и опрема, лаборатории и можности за докторски студии за македонски научници.
Македонија
Средба на Муцунски со Македонци кои живеат и работат во Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со претседателката Гордана Силјановска-Давкова, денеска во Дубаи оствари средба со Македонци кои живеат и работат во Обединетите Арапски Емирати – успешни професионалци кои со своето знаење и искуство даваат значаен придонес за локалната економија.
По средбата, Муцунски истакна дека Македонците во дијаспората претставуваат важен мост меѓу матичната држава и земјите во кои живеат и работат, особено во економската и трговската сфера.
На средбата беше разговарано и за потенцијалот за продлабочување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати, со фокус на економијата и трговијата, како и за улогата и придонесот на дијаспората во овој процес.
Министерот ги запозна присутните и со активностите на Владата и Министерството поврзани со дијаспората, вклучително и со Стратегијата за унапредување на соработката со дијаспората, која е во завршна фаза, како и со можностите за нивно поактивно вклучување во развојните и економските иницијативи во државата.
Македонија
Сали-Суперти: во фокусот, напредокот на Македонија во спроведувањето на Агендата за реформи и Планот за раст
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Директорката за Западен Балкан, Валентина Суперти.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во спроведувањето на Агендата за реформи и Планот за раст, при што земјата покажува одржлив напредок во клучни области како владеење на правото, јавната администрација и дигитализацијата на услугите.
Исто така, беше оценет напредокот во подготовката на Роадмеповите за реформи и тековната координација со Европската комисија.
Сали ја истакна посветеноста на Владата за унапредување на реформите и за постојана поддршка од европските партнери, како и подготвеноста за справување со практичните предизвици, како што е имплементацијата на Системот Exit/Entry за транспортерите.
Во рамките на тесната соработка со Претседателството на Кипар и европските институции, беше повторено дека Северна Македонија се обврзува да продолжи со брзи и одржливи чекори кон интеграцијата во Европската унија, обезбедувајќи стабилност, просперитет и одржлив развој за граѓаните.

