Македонија
(Видео) Кузеска: За еден час пред Владата ќе започне протест за поголеми плати, нека се симне Мицкоски, нека ги погледне работниците кои едвај може да си ги прехранат семејствата
„Со владин авион и парите од граѓаните премиерот бил на Јадранско море. На одмор. Ова е срамна слика за една опиена власт од луксуз, приватен бизнис и тендери“, истакна Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Додека, како што вели, граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека владата одбива 600 евра минимална плата и им крати 40 милиони евра на земјоделците, премиерот се луксузира врз грбот на народот.
„Исто како Груевски, тој купуваше очила од 60 илјади евра и луксузен мерцедес а Мицкоски има часовници од 60 илјади евра и сака да се луксузира со авион.
Пола Влада се шетала со владиниот авион. Главна дестинација- Будимпешта, кај нивниот шеф, Груевски. За еден час, овде, пред Владата ќе започне протест на работниците за поголеми плати, за достоинствен живот.
Нека се симне Мицкоски, нека ги погледне работниците кои едвај може да си ги прехранат семејствата и да им одговори: Колку ги чини граѓаните овој луксуз на премиерот со владиниот авион“.
Затоа ли се најавува купување на нов владин авион – за уште повеќе приватни патувања со народни пари, прашува Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скијач од Данска повреден во снежна лавина на Попова Шапка
Скијач од Данска е пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди е пренесен во болница во Скопје.
Вчера во 14:50 часот во СВР Тетово е пријавено дека на Попова Шапка, кај местото викано „Церипашина“, екипа од друштво за спортски и други услуги со специјално возило во 16:10 часот го пронашла лицето Ф.М.Л. (24) од Данска, кој бил повреден од снежна лавина додека скијал.
По укажаната помош, лицето со амбулантно возило е пренесено во приватна болница во Скопје.
Македонија
(Видео) Левица: Жителите на Струга 10 дена се оставени без чиста вода за пиење
Жителите на Струга 10 дена се оставени без чиста вода за пиење поради сериозната еколошка хаварија со изворот на вода за снабдување, велат од Левица.
„Иако институциите соопштија дека се преземаат мерки за лоцирање на причините, сеуште нема никакви официјални информации како загаденоста на водата во Струга достигна 30 пати над дозволеното.
До Левица пристигнаа информации дека над самиот извор се врши експлоатација на минерали од приватна компанија “Ми транс”. Дали активностите преземени при експлоатацијата довеле до екстремно загадување е прашање на коешто што побрзо треба да одговорат надлежните институции“.
Левица го повикува Државниот инспекторат за животна средина и надлежниот инспекторат во рамки на Министерството за енергетика итно да излезат на терен и да извршат вонреден инспекциски надзор. Надлежните институции, додаваат од таму, мора да дадат одговор дали несоодветна експлоатација на минерали во самите извори ја предизвикало оваа хаварија и дали е несоодветно издадена дозвола за експлоатација.
Според оваа партија, институциите и градоначалникот не смеат да го заташкаат случајот и мора точно да ја утврдат одговорноста поради која 50.000 граѓани се оставени без чиста вода за пиење.
Македонија
Белоглави мршојадци од Шпанија ќе бидат донесени во Македонија – нов проект на МЕД за зачувување на нивната популација
Во текот на следните шест години, Македонското еколошко друштво (МЕД) ќе спроведува нов меѓународен проект во рамки на програмата LIFE, чијашто цел е да се зголеми популацијата на белоглавиот мршојадец на македонска и грчка територија и со тоа да се придонесе кон зајакнување на целокупната популација на овој вид на Балканскиот Полуостров.

Кофинансиран од Европската Унија, овој партнерски проект, покрај МЕД, ги поврзува Грчкото орнитолошко друштво, Универзитетот на Крит – Музеј за природна историја, Агенцијата за природна средина и климатски промени од Грција и Фондот за дива флора и фауна од Бугарија, под водство и координација на швајцарската Фондација за заштита на мршојадци.
„Сè до средината на дваесеттиот век, белоглавиот мршојадец бил вообичаена глетка низ Балканот, но во последните децении од минатиот век, поради ловењето, труењето, недостигот на храна и струјните удари и судирите со надземната електрична инфраструктура, е доведен до работ на изумирање. Податоците добиени преку следење со ГПС-технологија покажуваат дека овие птици на Балканскиот Полуостров најчесто се задржуваат во седум клучни зони заради размножување и одмор при миграциите. Една од нив е Тиквешко-Демиркапискиот Регион, едно од ретките преостанати јадра за гнездење на мршојадците во Македонија. Денес, овој предел е дом на два пара од глобално загрозениот египетски мршојадец и на околу 20 пара од белоглавиот мршојадец, заради што и ќе биде во фокус на проектните активности“, велат од МЕД.

Од таму појаснуваат дека зајакнувањето на постојните популации кај нас ќе се направи преку воведување на 50 нови единки од белоглавиот мршојадец, кои ќе бидат донесени од Шпанија. Овие птици ќе бидат префрлени во кафези за аклиматизација и пуштени согласно соодветен протокол и во соработка со локални партнери. Заради истражувачки и превентивни цели, пред да бидат пуштени, на овие птици ќе им бидат поставени ГПС-предаватели.
Сеопфатниот пристап кон подобрување на животните услови за белоглавиот мршојадец ќе вклучи и активности за поефективно спроведување на законите заради намалување на смртноста на птиците од труење, како и воведување на системи за рано предупредување базирани врз ГПС-мониторинг. Исто така, ќе се зајакнуваат националните капацитети за рехабилитација на диви животни и ќе се зголемува достапноста на храна преку поставување дополнителни станици за исхрана. На овој начин ќе се зацврсти поврзаноста на птиците со клучните зони на полуостровот, со што значително ќе се зголемат и шансите за нивно преживување и опстанок.
Од МЕД велат дека голема улога во зачувувањето на мршојадците имаат и локалните заедници со кои овие птици се силно поврзани. Токму затоа, преку проектот ќе се поддржи и традиционалното сточарство кое исто така е извор на храна за овие птици, и ќе се подига свеста за улогата и значењето на мршојадците во екосистемот и во локалната економија. На овој начин, велат од МЕД, целосното закрепнување на популацијата на белоглавиот мршојадец на Балканот повеќе нема да биде прашање на надеж, туку споделена обврска.

