Македонија
(Видео) Левица: Не помина законот за укинување на РКЕ, власта одби да ѝ даде ингеренции на министерката за енергетика
Владеачкото мнозинство на ДПМНЕ – ЗНАМ – ВРЕДИ денес не го изгласа предложениот закон од Левица за укинување на Регулаторна комисија за енергетика, со кој се предвидуваше префрлање на сите нејзини инеренции на Министерството за енергетика со што би се воспоставила директна политичка одговорност за цените на енергенсите, соопштија од партијата.
Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, во своето излагање оцени дека енергетската сиромаштија не е личен, туку политички проблем и резултат на институционални решенија кои не го штитат јавниот интерес. „Ова е политичко фијаско. Не е ничиј личен неуспех ако не може да ги плати сметките на крајот на месецот. Тоа е структурна неправда“, рече тој.
Обраќајќи му се на претседателот на Собранието и на пратениците, Мециновиќ потсети дека на минатата седница министерката за енергетика изјавила дека нема доволно ингеренции за да реагира на ценовните шокови.
„Ајде денес да му дадеме ингеренции на Министерството за енергетика. Ајде да му дадеме политичка одговорност“, побара пратеникот.
Според Мециновиќ, паралелно, постоењето на Министерство за енергетика и РКЕ создава институционално дуплирање, а никој не одговара за високите сметки. „Не може да имаме две институции, а кога ќе се зголемат сметките никој да не е одговорен“.
Како поткрепа за предложениот закон со кој треба да се укине РКЕ Мециновиќ наброја низа пропусти на регулаторот, нагласувајќи дека оваа комисија не само што не го штити јавниот интерес туку и директно работи во полза на крупниот капитал. Според него РКЕ не ја штити јавната сопственост и државната енергетска компанија ЕСМ, која бележи рекордни долгови; дозволува ЕСМ да продава електрична енергија по цена од 65 евра за мегават-час што е под производната цена, додека приватни компании остваруваат рекордни профити; овозможува паушално фактурирање и наплата без месечно отчитување; никогаш јавно не ги објаснила формулите и коефициентите за пресметка на цената на електричната енергија; работи со недемократски статут кој им забранува на членовите јавно да дебатираат, а јавноста слуша само став на претседателот; ги менува цените на нафтените деривати во корист на приватниот капитал, а не на граѓаните; дозволува инвестиции на приватни инвеститор да се префрлаат како трошок во цената на струјата; никогаш не ја отворила јавно темата за загубите во дистрибутивната мрежа; издава дозволи за фотоволтаици без обезбедени компензациски капацитети, што довело до колапс во електроенергетскиот систем и воведе паушална мрежарина за домаќинствата со која граѓаните плаќаат и кога не трошат.
„Со паушалната мрежарина, шест илјади домаќинства плаќаат околу 200 денари месечно, што значи стотици милиони евра добивка за приватниот оператор без реална потрошувачка“, рече Мециновиќ.
Левица со предлог – законот бараше целосно укинување на РКЕ и префрлање на нејзините ингеренции под Министерство за енергетика, со цел Владата и министерката за енергетика да бидат директно отчетни пред Собранието и граѓаните.
„Доста е од сиви еминенции. Ако денес одбиете политичка одговорност таа ќе ви се враќа преку секоја следна сметка“, порача Мециновиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ако не се реши проблемот со превозниците, ќе трпи цела Европа, порача Николоски од Загреб
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски порача дека доколку не се изнајде решение за проблемот со превозниците и електронската евиденција за престој и работа во шенген-зоната, тоа ќе претставува сериозен удар не само за македонската и регионалната економија, туку и за економијата во цела Европа.
Николоски денеска во рамки на работната посета на Загреб оствари средба со Лука Буриловиќ, претседател на Стопанската комора на Хрватска, на која беше потенцирана клучната улога на транспортниот сектор во развојот на регионалната економија и негативните последици што би ги имале ограничувањата во работењето на превозниците од земјите од Западен Балкан.
Според Николоски, ваквата состојба претставува сериозна закана за економската стабилност и развој доколку не се изнајде соодветно решение во рамки на Европската Унија, со што професионалните возачи нема да се третираат како туристи или мигранти, туку како професионалци кои ја извршуваат својата работа.
На средбата беше разговарано и за унапредување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји. Николоски изрази надеж дека размената ќе продолжи да расте и дека во иднина може да достигне и до една милијарда евра.
Претседателот на Стопанската комора на Хрватска, Буриловиќ, оцени дека економската соработка меѓу двете држави е добра и оти постои голем потенцијал за нејзино унапредување, особено преку директна соработка меѓу компаниите, како и преку развој на инфраструктурата, вклучително и железничката.
Македонија
Ѓорѓиевски објави видео: Скопското Кале целосно исчистено и уредено
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео на своите официјални профили на социјалните мрежи, со порака дека скопското Кале е целосно исчистено и уредено.
Преку својата изјава, градоначалникот Ѓорѓиевски истакнува дека грижата за културното наследство и јавните простори останува еден од приоритетите на Град Скопје.
Тој потенцира дека Скопското Кале, како симбол и гордост на градот, заслужува континуирано внимание, одржување и заштита, со цел да се зачува неговата историска вредност и да се обезбеди пријатна и безбедна средина за сите посетители.
Од Град Скопје велат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон унапредување, одржување и промоција на културно-историските знаменитости во главниот град.
Македонија
Облачно со дожд и снег, магла по котлините – врнежливо и во наредните денови
Времето утре облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен прaвец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 10 степени.
Во Скопје, облачно и магловито, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 6 степени.
До почетокот на следната седмица следува период на претежно облачно време со локални врнежи од дожд на пониските и дожд и снег на повисоките места.

