Македонија
(Видео) Митева: Јакимовски да објасни како е можно за една година со семејството да стане сопственик на две градежни парцели во најелитниот дел на Карпош, Жданец
„Како е возможно, за период од една календарска година, градоначалникот Јакимовски да се најде во ситуација каде со неговото семејство стануваат сопственици на две градежни парцели во најелитниот дел на Карпош, во местото Жданец, токму таму каде што и тој лично живее? Јавноста има право да знае од каде и со кои финансиски средства се обезбедени ваквите имоти во најскапата урбана зона на Скопје“, истакна на прес-конференција Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително Митева го праша Јакимовски како е можно парцели кои, според претходниот Детален урбанистички план, биле означени како зеленило, по нивната купопродажба од страна на семејството Јакимовски магично да станат градежно земјиште, и тоа, како што појасни со урбанистичка маркица која веќе е вцртана во планот.
„Дали за овие парцели, кои од зеленило станале градежно земјиште, е поднесено барање за техничка градежна документација? Доколку да, кој го поднел тоа барање, кога, и до каде е постапката?
Дополнително, прашуваме дали е вистина дека во изминатата година, покрај домашните парцели, семејството Јакимовски се стекнало и со вила во едно од туристичките места во Грција?
Време е прашањата да добијат одговори.
Време е да се утврди дали во Карпош владее јавен или приватен интерес и како се успева да се заработи толку за купување на сите овие недвижности што се напоменати претходно“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.
Македонија
Делови од Карпош и Шуто Оризари денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Демирхисарска бр 13 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демирхисарска, од 17:30 часот до завршување на дефектот, општина Шуто Оризари.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхломска, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото постудено и магливо, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла.

