Македонија
(Видео) Митрески: СДСМ бара повлекување на Декларацијата, популистичките игри на ВМРО-ДПМНЕ се на штета на делото на Делчев
Гоце Делчев е еден од најзначајните македонски национални херои, чие наследство силно го промовираме. Од овој став не сме отстапиле ни милиметар, популистичките игри на ВМРО-ДПМНЕ се на штета на ликот и делото на великанот Делчев, истакна Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.
Наспроти ваквото политикантство, во најдобриот дух на визијата на македонскиот великан, почнавме додаде Митрески, со градење мостови и културен натпревар со цел решавање на сите отворени прашања. Тоа бил и неговиот поглед за иднината и тоа е духот во кој ќе продолжиме понатака.
„Срамно е што ВМРО-ДПМНЕ се обидува ова му да го направи на македонскиот херој Гоце Делчев. Македонскиот национален херој Гоце Делчев не заслужил да го сведеме на политичка декларација! Делото на великанот на македонското револуционерно дело, Гоце Делчев и неговиот историски придонес во создавањето на македонската државност не заслужува ваков потценувачки однос. Моштите на Гоце Делчев се во Скопје, во главниот град на македонската независна држава и тука ќе останат. Гоце Делчев е вграден во македонската национална химна и таму ќе остане. Имаме град што го носи неговото име, училишта и библиотеки, улици и бројни споменици.Големо е неговото дело и почитта за него“, посочи Митрески.
Декларацијата, вели тој е политичко подметнување од страна на ВМРО -ДПМНЕ со цел да се продлабочат поделбите во македонскиот народ.
„Партијата која постојано е против нашите евроинтеграции, во нивниот познат манир, по стоти пат ја промашија темата. Бранат нешто што не е нападнато и со тоа си ја покажуваат сопствената несигурност и аматеризам. Таквата несигурност, таквиот аматеризам и таквиот дилетантизам нема да дозволиме да биде пренесен на граѓаните. Нема да дозволиме да ни држат лекции оние кои со бројни потези го срамат ликот и делото на Делчев. ВМРО-ДПМНЕ е партијата којашто правеше споменици на Ќосето, која на партиски настани воспева и слави личности како Ванчо Михајлов, Тодор Александров и други од тој дел на историјата тотално спротивни на Делчев и на македонските интереси во тој период“, додаде координаторот на пратеничката група на СДСМ.
Оценува дека вакво политичко понижување на делото на Делчев и штета на грбот на националниот интерес прави да нема разлика помеѓу Христијан Мицкоски и некој други бугарски политичари кои имаат за една цел, како што рече, градење политички кариери преку одржување на спорот помеѓу двете држави.
Според Митрески, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски треба да се засрамат и да ја повлечат нивната т.н. Декларација.
„Ги повикуваме, ако навистина сакаат да ја видат Северна Македонија во ЕУ, да се вклучат на конструктивен начин во процесите кои се од национален интерес. СДСМ и коалицијата нема да учествува во нивниот дневнополитички театар на кој единствена цел е да им помогне на оние центри кои не сакаат Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ. И затоа бараме Декларацијата да биде повлечена“, нагласи Митрески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска сончево и топло, промена на времето со пороен дожд и грмежи од први мај
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека времето денеска ќе биде сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени Целзиусови.
Во Скопје ќе биде сончево и релативно топло со мала облачност и со слаб североисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 26 степени, велат од УХМР.
Стабилното и суво време, сепак, нема да се задржи долго. Веќе од средината на следната седмица, повторно се очекува дожд.
Промената на времето ќе започне уште во среда, на први мај, кога во попладневните часови ќе има услови за локална појава на краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Поголема нестабилност со дожд и чести грмежи се очекува во четврток.
Македонија
Апасиев од Тетово: Под власта на учките од ДУИ, поддржани од корумпираната македонска елита, секое второ дете од Полог се раѓа во Швајцарија
,,Етнотрибализмот ни го сервираат како европска вредност. Ние создадовме општество на квоти, коешто ни донесе секое второ дете од Полог да се раѓа во Италија, во Швајцарија или надвор од Македонија“, вели претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
„Првиот концепт кој што ни го нудат е концептот на дејтонизација. Либанизација на Македонија, бејрутизација на Скопје. Тоа е нивната агенда, спонзорирана од западните амбасади. Ни понудија модел на бинационален грабеж.
Ние сме единствена земја во светот со еден Парламент и две Влади. Но помина времето кога Македонецот беше инфериорен во сопствената држава. Левица е принципиелно против Бадентер и против Балансер“, истакна претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
Македонија
Мицкоски: СДСМ и ДУИ имаа две сценарија, прво, тивок бојкот за претседателските избори, второ, Ахмети добил бел лист од Ковачевски да напише што сака
Државата ни ја одземаа. Народот изгуби контрола над системот, институциите се киднапирани од стотина души на ДУИ кои управуваат со се. Додека тие од СДСМ им се верни слуги во секој криминал и тендер. И навистина е лицемерно од ДУИ и СДСМ да велат дека носеле храбри одлуки што е храброст да продадеш име, устав, да проблематизираш историја, и повторно да бидеш пред портите на ЕУ. Затоа што и тие од ЕУ знаат дека криминалци владеат со државата, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашниот митинг во Кочани.
Мицкоски укажа дека од СДСМ и ДУИ се подготвени на се за да ги задржат фотелјите и привилегиите.
„Затоа излезот го бараат во двете сценарија. Првото е тивкиот бојкот за претседателсите избори кој го заговараат. Додека се удираат во гради дека ќе згазеле во вториот круг, всушност тие сакаат да одработуват на тивок бојкот и спласнување на атмосферата на изборите. Второто сценарио е она на Ковачвски кој ја дал најдарежливата понуда до Али Ахмети. Ахмети има добиено бел лист на хартија од Ковачевски на кој само треба да ги напише институциите и министерствата кои сака да ги добие“, кажа Мицкоски.
Мицкоски порача дека излезот од сето ова е масовна излезност на изборите, како и масовна и недвосмилена поддршка за ВМРО-ДПМНЕ која е единствената сила за промени.
„Таа поддршка ни е потребна и за да нема уцени, ниту притисоци. Да имаме сила за промени, а таа сила можете само вие да ја дадете, народот на Македонија. Во првиот круг тука победата беше убедлива. 8079 гласа на 3900 за поранешнот претседател Пендаровски. Сега поддршката нека биде уште поголема за да може да жолтиот картон од првиот круг да биде црвен. Имаме незавршена работа, која ќе се финализира со огромна победа на 8 мај“, изјави Мицкоски.
Мицкоски се обрати и до неопределените, како и оние кои гласаа за кандидатите кои не се дел од вториот круг.
„Цунамито не огромниот бран на промени е започнат. Приклучете се и бидете дел од оваа генерација која одучува за сопствената иднина. Има надеж и ние заедно ќе се избориме. Сите оние кои пак во првиот круг гласаа за некој од другите опозициски кандидати кои сега се надвор од трката за претседател. Дојдете и поддржете ја единствената и главната сила за промени Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ. Да не се ситнат промените. Приклучете се таму каде што е огромното мнозинство кое ја носи новата надеж за иднината на државата“, кажа Мицкоски.
Мицкиски на крајот им порача на граѓаните. „Ова не е Македонија што ја сакаш и ја заслужуваш. Овие избори се последна шанса за спас. Ширете ја пораката на промените. Тоа не се промени за освети не се промени за поделби. Тоа се промени во кои надежта го победува стравот. Заедништвото ги победува поделбите“.