Македонија
(Видео) Силјановска -Давкова: Пендаровски на многу закони, а и на најважниот, Кривичниот законик не стави вето

„Осум години претседателот повикува на ветинг. Тоа значи или генерален реизбор или пак другата форма на ветинг, кога треба да се направи евалуација или реевалуација на сите кандидати во поглед на имотот или во поглед на стореното. Но, три пати да се залагате за нешто, а да не направите ни еден чекор кон тоа, мислам дека ве предупредува дека треба сами да си ставите вето на она што го ветувате, а не го исполнувате! Можеби така го замислува претседателот ветото! Јас не знам како го замислува! Како нешто што постојано го ветува, ама крајно време е: Вето да си стави сам, дека нема да измислува! А мислам дека и вие треба вето да му ставите“, рече Горданa Силјановска -Давкова.
„Ние кога го критикуваме ДУИ, не ги критикуваме албанците. Кога ги критикуваме одлуките на коалицијата, не тргнуваме од етнички или верски пориви, туку од нивната длабока вмешаност во корупцијата и криминалот!
Мислам дека најважната битка што мора да почне на 24-ти, а да биде потврдена со најголема можна брзина во иднина, е бескомпромисната борба со корупцијата и криминалот! Корупцијата и криминалот немаат никаков етнички или религиозен предзнак! Не!
Меѓутоа, ни економија, ни образование, ниту култура, ни земјоделие, не може да се развиваат без правна држава во која сите ќе бидат под Уставот и законите! Во која нема да има селективно судство, ниту несанкционирање на потезите на многу други оти веќе бегање нема!
Во последниот извештај на Фридом хаус до нас е упатена порака: – Крајно време е да престанеме да бидеме хибриден режим кој се врти во корупцијата и криминалот! Крајно време е стручноста и компетентноста да бидат важечките критериуми за влез во било која професија, за било која функција! Така не само што ќе ги задржиме најупешните и ќе ги охрабриме младите да останат тука, туку ќе се знае дека кој и да дојде на власт, државата ќе функционира. Оваа држава не функционира како правна држава!
Тука и претседалот има улога, јасно ви е. Поминаа многу закони на кои мораше да им стави вето. Еден од најстрашните е оној за измени на Кривичниот законик! Значи, тој стана соученик во стимулирањето на криминалот. Зошто? Затоа што измислуваше најразлични аргументации зошто измените се добри, па споредуваше со Германија и слично. Но, факт е дека обезбедија со тој ужасен закон, всушност легализација на корупцијата и криминалот. Односно, обезбедија заштита на корумпираните и на криминалците. Ние тоа нема да го дозволиме! На ниту едно ниво, во ниту една институција. Оти силните институции, процедурата и санкционирањето се гаранција не само за демократска, туку и за правна држава. Таквите држави се европски држави, а не државите што тие ги нарекуваат европски, како нашата. Не е европска нашата држава!
Но, верувајте ми на 24-ти и на 8-ми ќе започне поставувањето на темелите на Македонија како европска држава! Стандардна држава!“, изјави Горданa Силјановска -Давкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бискупот Стојанов упати честитки до папата Лав XIV: Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов упати писмо со честитки до новиот папа Лав XIV.
„Со голема радост и синовска љубов ја примив веста за Вашиот избор за Петров наследник и Пастир на Универзалната Црква. Од името на верниот Божји народ на Католичката Црква во Македонија, свештенството и монаштвото, како и од мое лично име, Ви го честитам изборот и воедно благодарам што ја прифативте оваа одговорна и света служба, свесни за сите предизвици со кои се соочува Христовата Црква.
Сигурен сум дека со мудроста што Ви е дарувана преку Вашето мисионерско искуство, пасторалната грижа и верноста кон Евангелието, водени од Светиот Дух ќе управувате со коработ Петров – Црквата, низ немирното море, за доброто на целиот Божји народ.
Од Македонија, портата од каде што Свети Павле го пренесе христијанството низ цела Европа, од просторите од каде што потекнуваат светите браќа Кирил и Методиј и од родниот град на света Мајка Тереза, Ви ја ветувам мојата лична молитва, како и молитвите на целиот Божји народ во Македонија, со желби Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата, единство меѓу христијаните и мир во целиот свет“, напиша бискупот Стојанов.
Македонија
Од Осака до Венеција, Љутков е министер за култура или министер за туризам, прашува СДСМ

Додека над 3.000 културни работници беа во неизвеснот ја чекаа својата мартовска плата, министерот за култура Зоран Љутков не се задржа ниту еден ден во своето министерство. Од Осака па до Венеција, министерот постојано е на пат, повеќе е во странство отколку на своето работно место, велат од СДСМ.
Според оваа партија, во моментите кога вработените во културата протестираа пред Министерството, заборавени и игнорирани, Љутков позира на други континенти додека дома културата доживува финансиски колапс.
Ова, како што велат, не е културна политика.
„Ова е културна деградација. Ова е ароганција и расипништво со партите на граѓаните. Културата не е декор за туристичко позирање. Таа е жив систем кој бара посветеност, почит и вистинска грижа.
Додека Љутков патува, народот плаќа. Прашањето е: колку чинат екскурзиите на Љутков.
Зарем вредат патувањата во странство повеќе од тоа да се работи дома за да се решат проблемите во културата“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје во недела

СВР Скопје известува дека на 11.05.2025 (недела) со почеток во 08.30 до 10.30 часот поради одржување на улична трка на 10 км, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Трката ќе започне со стартна позиција на бул.„Илинден“–локација Фонтана, а натпреварувачите ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, потоа до крстосница со бул.„Партизански Одреди“, десно (во десниот коловоз кон н.Ѓорче Петров) до мост Влајко каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“ каде што вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација-Фонтана на бул.„Илинден“.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.