Македонија
(Видео) Стојаноски: Бројките говорат дека граѓаните се заштитени на улиците со „Безбеден град“, а Филипче и неговата СДС кои не ги поддржуваат проектите продолжуваат да тонат
Последниот закон потребен за од први февруари да започне официјалното функционирање на системот „Безбеден град“ денеска е пред пратениците.
Станува збор за Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците со кој се предвидува можност за примена на технологиите како систем за детектирање преку технички средства и уреди за снимање кои можат да бидат добра алатка за брзо и ефикасно детектирање на сообраќајните прекршоци и спроведување на санкции за истите, истакна Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Безбеден град е проект зад кој застанаа сите политички фактори. Поддршката е обезбедена на лидерската средба иницирана од претседателот Христијан Мицкоски.
Но, Филипче и ова негово СДС продолжува со деструктивната политика. Со одлуката да не го поддржат проектот и потребните закони за негово функционирање покажуваат дека не се заинтересирани ниту за проект кој овозможува безбедност на граѓаните во сообраќајот.
Дека станува збор за систем што дава резултати говорат и бројките од Министерството за внатрешни работи.
Колку за илустрација, првиот ден кога почна тест периодот на први декември камерите во Скопје регистрирале 110.000 прекршоци од кои 90 проценти за брзо возење. Само за еден ден од функционирање на системот или на втори декември, бројката драстично паднала на 50.652 прекршоци“.
Според информациите од МВР, додаде тој, бројката на смртни случаи е намалена од 11 на 2 смртни случаи во декември 2025 и јануари 2026 година, а бројот на повредени како последица на непочитување сообраќајни правила компарирано за овие педесетина дена е намален за 35 проценти.
Како што нагласи, граѓаните со овој проект се заштитени на улиците, а на СДС и останува да тоне со своите деструктивни политики.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Тренчевска: ВМРО-ЗНАМ ги одби сите амандмани на кривичниот законик, меѓу кои и членот за злоупотреба на службената положба
На денешната комисиска расправа, владејачката коалиција ВМРО-ЗНАМ ги одби сите амандмани на СДСМ за измените на Кривичниот законик, соопшти потпретседателката на СДСМ и пратеничка, Јованка Тренчевска.
Според неа, меѓу одбиените предлози било и враќањето на членот 353 – злоупотреба на службена положба и овластување – на формулацијата што важеше пред измените во 2023 година. „Без силен член 353, тендерската коалиција слободно ги дели државните пари на свои фирми, без одговорност“, рече Тренчевска.
СДСМ предложиле и бришење на рокот од пет години за конфискација на имот стекнат преку криминал, но и тоа било одбиено.
„Зошто имотот украден од граѓаните да не може да се конфискува без разлика кога е стекнат? Правда со рок на траење не е правда“, порача Тренчевска.
Дополнително, биле одбиени и амандмани за воведување строги правила за функционирањето на системот „Безбеден град“, односно автоматско бришење на дигитални снимки по 48 часа и пристап само со судски налог. Како што рече Тренчевска, со тоа останува простор за злоупотреби и притисоци од страна на МВР.
Одбиени биле и предлози за драстично зголемување на казните за организиран криминал, проширување на условите за конфискација на имот, како и засилена правна заштита на децата од најтешките форми на експлоатација.
„Ова е уште една потврда за грабежот на државни пари преку криминални тендери. Правда нема, има обид за спас од одговорност. Но одговорност ќе има – кога-тогаш“, изјави Тренчевска.
ВМРО-ДПМНЕ претходно денес реагираше на најавените амандмани на СДСМ за измена на Кривичниот законик, обвинувајќи ја опозициската партија за лицемерие и политичко глумење.
„Монти Пајтон на СДС. Кривичниот законик што го укинаа во 2023 година и со којшто се амнестираа нивни функционери, сега поднесуваат амандмани да го вратат“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата обвинуваат дека СДСМ ја поминала границата на, како што велат, лицемерие и играње со чувството на народот, глумејќи дека не била власт до пред една и пол година.
На 6 септември 2023 преку ноќ, за време на Владата на СДСМ, беа донесени измените на Кривичниот законик во ставот 3 од членот 353 за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања, каде беше предвидена затворска казна од најмалку три години, ако сторителот прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета. Со измената, казната беше намалена на една до пет години затвор. Предметите за злоупотреба на функцијата сега застаруваат за само 10 години, бидејќи максималната казна за ова дело сега е само 5 години затвор.
Македонија
Тестирана подготвеноста на противпожарните авиони во Македонија
Денеска се извршија првите тренажни летови со противпожарните авиони „Ер Трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
Пилотите вежбале маневри и процедури за брзо реагирање при пожари на отворен простор, при што била потврдена нивната ефикасност и подготвеност, како и техничката исправност на трите авиони, соопшти директорот на Дирекцијата, Стојанче Ангелов.
Македонија
Системот „Безбеден град“ стартува од 1 февруари – Собранието ги усвои законските измени
Со 81 глас „за“ и 19 „против“ и воздржани, Собранието денеска го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, по скратена постапка. Со ова се отвора патот за старт на системот за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ од 1 февруари.
Законот овозможува примена на технички средства и уреди за снимање при утврдување прекршоци, со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот и побрзо санкционирање.
Во првата фаза ќе се регистрираат прекршоци како брзо возење, минување на црвено, истечена сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Казните ќе се испраќаат електронски, а при навременото плаќање ќе нема дополнителни трошоци.
За Законот беше потребно двотретинско мнозинство.
СДСМ и ДУИ, како и двете Алијанси за Албанците на Арбен Таравари и на Зијадин Села гласаа против, а поддршка даде пратеничката група на Левица.

