Македонија
(Видео) Филипче: Мицкоски за пари прифаќа мигранти, нема да има шатори, но ќе има социјални станови
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција повторно рече дека е повеќе од очигледно дека постои договор за мигрантите кој Владата на ВМРО-ДПМНЕ е обврзана да го прифати.
Тој укажа дека ваквата обврска е директно поврзана со тешката финансиска состојба во која се наоѓа државата и продлабочената буџетска дупка што ја создаде власта.
„Повеќе е од очигледно дека договор за мигрантите има. Власта на ВМРО-ДПМНЕ мора да го потпише тој договор, затоа што тоа е врзано со кредитот од шест милјарди евра. Работите се врзани во пакет, Мицкоски и владата отворија толку голема дупка, што нема пари како да се затвори се. Веќе сега, до крајот на годината, има една милјарда евра недостаток на пари во буџетот“, рече Филипче.
Тој кажа дека власта на ВМРО-ДПМНЕ подготвува пролетни избори, за да ги сокрие мигрантските договори кои веќе се водат зад затворени врати, а за кои граѓаните дознаваат од светските медиуми.
„Најавивме дека власта планира и подготвува избори следната година на пролет. Тоа значи дека мигрантите се веќе договорени, а за возврат треба да добијат пари“, истакна Филипче, додавајќи дека и изјавите на Мицкоски го откриваат нивното сценарио.
„Мицкоски вчера изговори дека додека тој има мандат како премиер, нема да има шатори за мигрантите. Што може да значи само една од двете работи. Прво, дека се планираат избори и мисли на втор мандат после изборите. И второ, мисли на тоа дека во суштина нема да има шатори, но ќе има социјални станови. Но прочитани се, им ги знаеме сите чекори однапред“, рече Филипче.
На прес-конференцијата Филипче предупреди дека земјата се наоѓа во сериозна состојба и дека Македонија воопшто нема капацитет да се справи со дополнителен товар како што е прифаќањето на мигранти.
„Дали Македонија, земја која веќе се соочува со потешкотии да исплати плати и да одржи базичен ред дома, може да издржи евентуален наплив на мигранти? И, дали економски таквата обврска е воопшто одржлива?“, праша Филипче.
Тој кажа дека Албанија и Косово веќе прифатиле одбиени мигранти од Британија и Италија, при што, како што кажа, во Албанија првите мигранти веќе се пристигнати, донесени со воен брод.
„Ако Албанија и Косово се веќе вклучени, јасно е која би била третата земја во регионот што не е членка на ЕУ. Во овој момент – тоа е Македонија“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Лидерот на СДСМ и вчера ги изнесе ваквите тврдења. Премиерот, Христијан Мицкоски, ги отфрли овие тврдења и кажа дека додека тој е премиер нема да никне ниту еден шатор за прифаќање мигранти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите средни училишта во Скопје ќе добијат фотоволтаици
Сите средни училишта во Скопје ќе добијат фотоволтаици, кажа на денешната седница на Советот на градот Скопје, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
„На денешната седница на Советот на градот Скопје, го потврдив она што го ветив во мојата кампања, дека започнуваме со целосна енергетска трансформација на образовните институции. Секое средно училиште на територијата на градот ќе добие сопствен фотоволтаичен систем до крајот на мојот мандат. Ова е сериозна економска мерка која ќе значи над 30% намалување на трошоците за електрична енергија. Токму овој модел успешно го воспоставивме во сите основни училишта во Кисела Вода, а сега го пренесуваме на ниво на цел град.
Фотоволтаиците се најчистиот и најисплатлив извор на енергија“, рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека со оваа инвестиција се создадават современи училишта кои произведуваат чиста енергија и ги учат младите на вистинските вредности, на одржливост, иновација и грижа за средината.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Третиот стожер на „Стратегијата Македонија 2030“ е правна држава и институционална зрелост
Развојот на државата е невозможен без силни и доверливи институции. Затоа, „Стратегија Македонија 2030“ поставува јасна обврска, а тоа е систем изграден од правила, стандарди и професионализам, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Денес го презентираме третиот стожер – Правна држава и институционална зрелост. Нашиот план се заснова на три основи, а тие се независност, професионалност и транспарентност.
Првиот чекор е итно потребен, а тоа е независно судство. Судиите и обвинителите мора да напредуваат според компетентност, интегритет и резултати, а не според партиска припадност. Во овој дел дигитализацијата ќе ја зголеми транспарентноста и ќе ја намали можноста за евентуални злоупотреби“.
Вториот чекор, вели тој, е администрација која ќе служи на граѓаните, а не командува. „Јавната служба мора да биде според мерит-систем, а тоа значи професионална и ориентирана кон граѓанинот. И во овој дел, дигиталните процеси ја намалуваат корупцијата и ја зголемуваат ефикасноста.
Третиот чекор е реална борба против корупцијата. Не со прес-конференции, туку со систем. Дигитализирани јавни набавки, автоматски проверки, алгоритамски аларми и професионални структури независни од политиката.
Четврт и последен чекор од овој трет стожер е полиција со кредибилитет. Полиција која мора да штити, а не да владее. Таа мора да биде видлива, одговорна и доверлива.
Правната држава не е формалност, таа е темел на економијата, демократијата и стабилноста. Системот мора да биде посилен од било кој поединец“.
Македонија
Откриени нелегално поставени рибарски мрежи во Охридско Езеро, запленети 46 килограми риба
Државниот инспекторат за земјоделство, во соработка со ПС за граничен надзор „Охридско Езеро“ (Езерска полиција), спроведе засилен заеднички надзор со цел заштита на рибниот фонд за време на периодот на природен мрест.
Во текот на контролите на потегот од поранешната Детска болница до хотел „Метропол“, инспекциските служби открија и одзедоа девет нелегално поставени рибарски мрежи. Од нив беа извадени 343 единки охридска белвица и 36 единки клен, со вкупна тежина од 46.6 килограми.
Одземените мрежи и рибниот улов, согласно законските процедури, ќе бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот.
„Потсетуваме дека периодот на забрана за лов на охридска белвица и охридска пастрмка трае од 1 декември до 28 февруари, поради што контролите ќе продолжат со несмален интензитет. Институциите и понатаму ќе преземаат координирани мерки за заштита и обновување на автохтониот рибен фонд во Охридското Езеро“,, велат од Инспекторатот.

