Македонија
(Видео) Ѓорчев: Ако обвинителот не се избира на предлог од опозицијата, не го прифаќаме законот
За опозицијата, неприфатлив е новиот закон за Јавното обвинителство доколку таа не го предлага првиот човек на Обвинителството, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев, во интервју за „Макфакс“.
На прашањето дали на овој начин партијата сака да не се донесе ваков закон, со оглед на фактот што повеќето од постапките се водат против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорчев не беше дециден. Обвини дека судството и Обвинителството се политизирани и како такви не ќе решеле ниту еден од скандалите и криминалите на актуелната власт.
„Тие сакаат да зборуваат за ланскиот снег. Да, точно е дека има постапки против функционери на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 4 години, но што е со она што се случува денес, што ќе се случува утре. Се соочуваме со огромни пропусти, неказнивост на актуелните функционери на СДСМ, кои буквално напаѓаат луѓе на улица. Пред еден ден имавме случај кога пратеник на СДСМ во Гостивар физички нападна човек на улица, и тоа пред очите на неговата малолетна ќерка. Значи, имаме еден систем што ги штити своите, а води хајка против неистомислениците, а токму тие велеа дека правдата ќе важи за сите“, рече пратеникот Ѓорчев.

Ѓорчев избегна да одговори и на прашањето дали има контакти со бившиот лидер на партијата, Никола Груевски. Повтори дека партијата ја води Мицкоски, кој ја има поддршката од партиските органи и дека партијата е таа линија на функционирање. За него, не е проблем што во партијата и сега има неколку струи, фракции, кои не се обединети со матичната партија и вели дека тоа нема да биде проблем партијата да победи на следните избори. Според него, и покрај фактот што 10 пратеници се отцепија од ВМРО-ДПМНЕ, нема опасност за нови отцепувања, формирање нови партии и одлив на членството.

„Струите не се ништо ново, знаеме дека тие процеси се случуваат постојано во изминатите 15 години. Сме гледале и во минатото обиди, каде што од ВМРО-ДПМНЕ излегле одредени политички деривати, но тие немале посериозен политички успех. На повеќето од членството им е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ е епицентарот на политичкото организирање, дека таа е најголемата не само опозициска туку, воопшто, партија во државата. ВМРО-ДПМНЕ добро функционира, членството е консолидирано, а нашиот претседател Мицкоски има огромна поддршка. Тој им ја подаде раката на голем број луѓе не само внатре туку и надвор од партијата и затоа сметаме дека тоа ќе ни донесе успех на следните избори, тој да биде идниот премиер“, рече Ѓорчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски: СДСМ и ДУИ се длабоко заглавени во сопственото политичко мочуриште, во кое партиските калкулации се ставаат над човечките животи
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, преку свој статус на фејсбук се огласи по повод денешното изгласување на Законот за прекршоци, со кој се овозможува целосна имплементација на системот „Безбеден град“, нагласувајќи дека станува збор за одлука што директно го штити животот и безбедноста на граѓаните.
„Денешното изгласување на Законот за прекршоци е јасна потврда дека кога постои политичка храброст и одговорност, можат да се донесуваат одлуки што директно го штитат животот на граѓаните. Искрена благодарност до сите пратеници кои го поддржаа законот и покажаа дека безбедноста во сообраќајот, заштитата на човечкиот живот и јавниот интерес се поважни од дневната политика. Со оваа одлука, Собранието испрати силна порака дека државата конечно презема системски чекори против сообраќајниот хаос и бесмислените загуби на човечки животи“, порача Тошковски.
Министерот упати и посебна благодарност до граѓаните, истакнувајќи дека токму нивното одговорно однесување во тест периодот е клучно за успехот на системот.
„Посебна благодарност до граѓаните. Во тест периодот тие покажаа дека знаат, можат и сакаат да бидат дел од решението. Со промена на однесувањето во сообраќајот, со почитување на правилата и со зголемена свесност, граѓаните директно придонесоа за поголема безбедност и за намалување на сообраќајните несреќи, повредите и жртвите. ‘Безбеден град’ не е систем за казнување, туку систем за спасување животи, а токму граѓаните први го препознаа тоа“, наведува Тошковски.
Во продолжение на статусот, министерот остро реагираше на денешното гласање на СДСМ и ДУИ, оценувајќи дека тие повторно покажале дека партиските калкулации ги ставаат над безбедноста на граѓаните.
„За жал, денешното гласање уште еднаш покажа дека СДСМ и ДУИ се длабоко заглавени во сопственото политичко мочуриште, во кое партиските калкулации се ставаат над човечките животи. Иако никогаш немаа храброст јавно да ја признаат својата коалиција, денес таа повторно излезе на површина преку заедничкото гласање против систем кој веќе дава резултати и спасува животи. Овој пат не се одлучуваше за функции, договори или политички пазари, туку за безбедноста на граѓаните, а тие наместо да направат чекор напред, свесно избраа да останат заробени во истите шеми, влечејќи ја државата назад. Имаа шанса да бидат дел од решението, но избраа да бидат дел од проблемот. Со тоа го направија својот избор и за тој избор ќе сносат политичка и морална одговорност пред македонските граѓани“, истакна Тошковски.
Законот за прекршоци стапува во сила од 1 февруари, со што започнува и целосната примена на системот „Безбеден град“, насочен кон превенција, зголемена безбедност во сообраќајот и заштита на човечките животи.
Македонија
Зајкова: Целосна поддршка за „Сејф Сити“ од мене како пратеничка и од ЛДП
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, во објава на социјалните мрежи изрази целосна поддршка за реализација на проектот „Сејф Сити“.
„ЛДП е за целосно спроведување на законите, за сите, без дискриминација и со еднакво третирање на сите граѓани. Кочење на закони кои водат до владеење на правото е неприфатливо, иако многу често го сведочевме и во блиското минато. Потребна ни е безбедна држава, правична држава. Денес, не утре! За 6 месеци ќе иницирам дебата со избирачите, особено во мојата изборна единица да се види како оди спроведувањето на законот и дали треба нешто да се подобри или промени во истиот“, пишува Зајкова во објавата.
Во врска со денешното гласање, Зајкова посочува дека начинот на кој функционира Собранието – како пазар, а не како парламент на европска држава со ред и правила – е друга тема.
„За тоа граѓаните ќе се изјаснат на избори. Пратениците не смеат да бидат спречени да имаат планирани активности со избирачите, со тие што им го дале мандатот, ниту во вршење на други службени обврски. Не може да има гласање само кога на мнозинството му одговара и кога тие имаат кворум. Дајте барем како Собрание да му покажеме европско однесување на народот ако веќе устата ни е полна за членство во ЕУ“, посочува претседателката Зајкова во објавата.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со гувернерот на Народната банка: Финалната оценка на Славески е дека екомомијата е стабилна, со солиден раст
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески.
Најпрво, гувернерот ги презентираше основните макроекономски показатели, а потем ја запозна со макроекономската политика.

Тој го објасни влијанието на глобалните геостратешки трендови врз македонската економија, објаснувајќи ги главните процеси во индустријата, трговијата и градежништвото.
Претседателката се интересираше за добрите страни на актуелната економска состојба, како и за недостатоците и ризиците.

Финалната оценка на гувернерот беше дека екомомијата е стабилна, со солиден раст, но мора да се внимава на увозната зависност и цената на храната и енергијата.

Обајцата сметаат дека стручните и компетентни човечки ресурси се особено важни за доброто функционирање на Народната банка.

