Македонија
(Видео) Митева: Ковачевски и Бучковски немаат легитимитет за преговори со Бугарија
„Ковачевски во духот на заевизмот очекува со премиерот на Бугарија да изгради пријателски однос. Додека бугарските медиуми предвидуваат дека средбата со Радев за Скопје ќе биде првиот тест за надворешната политика на новиот бугарски премиер Кирил Петков и за неговите односи со претседателот Радев, пиунот Ковачевски со иста реторика како неговиот ментор Заев продолжува да ги утврдува основите за натамошното преговарање, без притоа да каже јасен став или најмалку што може да направи, да ги осуди срамните изјави на бугарските политичари”, истакна на денешната прес конференција Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа додаде дека за разлика од Македонија, Владата на Бугарија редовно ги брифира политичките субјекти со цел да бидат запознаени во однос на преговорите. Бучковски, како специјален претставник на Владата за преговорите со Бугарија пак вели дека ќе продолжи таму каде што застанале преговорите за пакетот 5 плус 1.
За Бучковски излезно решение од проблемот е новата стратегија што ја нуди Бугарија што е доволен показател во која насока ќе продолжат уривањата на македонските позиции и покрај низата скандалозни потези и неостварени ветувања Бучковски нема кредибилитет ниту доверба за да продолжи да биде на чело на преговарачките процеси.
Митева истакна дека додека Ковачевски и Бучковски сакаат да се промовираат како нова надеж во преговорите со Бугарија, Република Македонија продолжува да биде во најнеповолна положба.
„Ковачевски нема легитимитет да преговара и да ги води процесите во спорот со Бугарија од причина што истиот не му е доделен од страна на народот, туку пренесен од Заев кој ја доведе Република Македонија во оваа катастрофална положба. Лажно оптимистички изјави не му се потребни на македонскиот народ, потребна е дипломатска спремност, кадарност и решителност во преговорите, нешто што СДСМ преку пиунот Ковачевски и специјалниот претставник Бучковски не го поседува. Република Македонија има Резолуција изгласана во Собранието и од тоа никој никогаш не смее да отстапува. Со Ковачевски и Бучковски во тоа не сме сигурни”, истакна Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

