Македонија
Владата потпиша договор со УНОПС за ремедијација на депонијата контаминирана со линдан во поранешната фабрика ОХИС
Денеска беше потпишано продолжување на договорот за партнерство меѓу Владата на Република Северна Македонија и Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС) за ремедијација на малата депонија контаминирана со линдан лоцирана во поранешната фабрика ОХИС во Скопје. Со договорот повторно се потврдува заедничката посветеност на националните институции и меѓународните партнери за решавање на едно од најкомплексните еколошки жаришта во земјата.
Продолжувањето на договорот обезбедува дополнителни 12 милиони евра финансиски средства, обезбедени од Владата преку Генералниот секретаријат на Владата, и воспоставува период на имплементација од 3 години, во кој се очекува да бидат завршени сите преостанати работи на терен и целосно да се изврши ремедијацијата на малата депонија.
Континуираната интервенција ќе овозможи безбедно отстранување и управување со опасниот отпад, во согласност со меѓународните еколошки и стандарди за безбедност и здравје при работа, со што значително ќе се намалат ризиците по јавното здравје и животната средина за околните заедници.
„Продолжувањето на договорот ја одразува силата на нашето партнерство и заедничката решителност конечно да се затвори ова долгогодишно еколошко прашање,“ изјави Игор Јанушев, генерален секретар на Владата. „Со комбинирање на националното лидерство и меѓународната експертиза, создаваме услови за безбеден, темелен и одржлив процес на ремедијација.“
Ремедијацијата на малата депонија на локацијата ОХИС, која се состои од 5 бетонски базени, започна во 2021 година. Досега се ископани и спалени на 1969 тони HCH отпад и 586 тони на контаминирана почва, приближно 60 отсто од планираното чистење. Досегашните активности беа завршени со комбинирано финансирање од Владата, Европската Унија и Кралството Норвешка, што претставува значаен чекор во справувањето со наследеното загадување на оваа локација.
Продолжувањето на партнерството потпишано денес се очекува да овозможи целосно завршување на работите за ремедијација на малата депонија. Активностите за ремедијација предвидуваат ископување, пакување, привремено складирање, транспорт и отстранување на HCH отпадот и контаминираната почва и невно согорување.
„Комплексното наследено загадување не може да се реши од една институција поединечно,“ изјави Микела Телатин, директорка на Мултидржавната канцеларија на УНОПС за Југоисточна Европа. „Овој проект покажува како партнерството, довербата и јасно дефинираните улоги можат да донесат конкретни еколошки и здравствени придобивки за заедниците, истовремено обезбедувајќи ремедијацијата да се спроведува безбедно и одговорно.“
Продолжувањето на договорот ја потврдува континуираната посветеност на партнерите за справување со историското индустриско загадување и унапредување на одговорното управување со животната средина во Република Северна Македонија. Воедно, се создаваат предуслови за иницирање на ремедијациски работи на поголемата депонија контаминирана со линдан на локацијата на поранешната фабрика ОХИС.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ГП Евзони (Богородица) и ГП Ники (Меџитлија) се пуштени за сообраќај
Од 15:00ч. ГП Евзони (Богородица) и ГП Ники (Меџитлија) се пуштени за сообраќај на сите видови возила, информираат од АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје – Европска престолнина на културата 2028
„Град Скопје денеска направи значаен чекор во насока на целосна и координирана подготовка за проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“. Со потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу Град Скопје и скопските општини, се воспоставува јасна институционална рамка за партнерска соработка и заедничко дејствување на сите нивоа на локалната самоупр“, соопштија од оваа институција.
Овој чин, како што нагласуваат од Град Скопје, означува нова фаза во процесот на реализација на проектот, во која обединетите институционални капацитети и ресурси ќе бидат ставени во служба на достоинствено, одржливо и успешно претставување на Скопје како европски културен центар во 2028 година.
„Скопје – Европски град на културата 2028! Денес беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Град Скопје и скопските општини, со што официјално и целосно се откочуваат сите процеси поврзани со подготовката и реализацијата на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“.
Со овој значаен чин се воспоставува јасна и цврста рамка за координирана, одговорна и партнерска соработка на сите нивоа на локалната самоуправа.
Во периодот што следи, сите институционални капацитети, ресурси и човечки потенцијали ќе бидат обединети и ставени во служба на достоинствено, непречено и успешно спроведување на програмата „Скопје 2028“, во духот на европските вредности, културната разноликост и активното учество на граѓаните“, објави на социјалните мрежи градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Потпишувањето на меморандумот, како што истакна, испраќа силна порака за заедништво, единство и институционална зрелост, како и јасна потврда дека Скопје е подготвено со одговорност и визија да ја понесе оваа значајна европска улога.
„Овој ден е повод за гордост за сите нас, за градот, за општините, за културниот сектор и за граѓаните.
Тој е доказ дека кога сме обединети околу заедничка цел и јасна визија, Скопје може да биде силен, отворен и достоинствен европски културен центар.
Со ова, проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ влегува во нова, стабилна и динамична фаза на реализација, во која културата, уметноста и граѓаните се во срцето на идниот развој на нашиот град.
Најдоброто, доаѓа“, порача Ѓорѓиевски.
Македонија
Доживотен затвор за братоубиецот во Кавадарци: го убил бидејќи верувал дека сака да го преземе целиот имот
По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Кавадарци, Основниот суд во Кавадарци изрече пресуда врз основа на признание на вина со која го огласи за виновен 43-годишниот С.И. за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 4 (од користољубие) и го осуди на казна доживотен затвор.
Обвинетиот на 27 јули годинава од користољубие го лишил од живот својот помлад брат Илија Иванов. На роденденот на жртвата, двајцата браќа започнале да се расправаат, бидејќи обвинетиот верувал дека неговиот брат сака да го преземе целиот имот. Поттикнат од чувства на гнев и омраза, тој со тапиот метален дел од тесла го удрил брат му по главата, а кога оштетениот паднал, уште два пати го удрил со теслата, нанесувајќи му моментални смртоносни повреди.
Потоа обвинетиот си заминал, а следниот ден се вратил во домот на оштетениот и телото го префрлил во бањата. Во следните неколку дена исто така се враќал за да го прикрие делото, ја бришел крвта од подот и од предметите, а телото го пренел во шупата, го затрупал во ров и врз него ставил шперплоча и други предмети.
Во периодот од 30 јули до 5 август кога било откриено телото, обвинетиот во повеќе наврати повлекувал пари со банкарската картичка на жртвата.
Обвинението беше поднесено на 28 октомври, а обвинетиот во целост го призна начинот на извршување на делото онака како што беше наведен во обвинителниот акт.
При изрекувањето на пресудата, Судот донесе Решение со кое на осудениот му ја продолжи претходно определената мерка притвор до почетокот на издржувањето на казната доживотен затвор, соопшти обвинителството.

