Македонија
ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи криминални договори и разнебитување на Македонија во сите сфери, ова е Македонија за сите
Тимовите предводени од ВМРО-ДПМНЕ во рамките на акцијата „Ова е Македонија за сите“ посетија бројни населени места, меѓу кои беа тимовите на Љупчо Пренџов, Зоран Љутков и Тони Коњановски. На граѓаните им порачаа дека не се сите исти, ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи криминал со народни пари, трговија со националните интереси и разнебитување на државата во сите сфери.
Тимот на Љутков и Пренџов ги посетија населените места Бучинци, Мршевци, Бујковци, Миладиновци и Текија во рамките на општина Илинден.
„Она што е тема која што генерално вака ја зборуваме тоа е пљачката што и се прави на Република Македонија моментално и дека нема никаква одговорност во однос на она што се случува. И да знаете последниот скандал кој што се случи, а тоа е потпишувањето на слепо договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопати. Дали свесно или несвесно имаат потпишано многу клаузули кои што се на штета на Република Македонија. И ние сега ќе треба да плаќаме стотици милиони евра пенали“, истакна Љутков
Тој посочи дека власта колку стотици милиони фрли досега за пенали. Тој дури и потсети на пеналите кои што владата ги даде и за неизградбата на Клиничкиот центар. И може да се достигне и до 300-400 милиони евра фрлени само на пенали.
Исто така заедно со Зоран Љутков, се обрати и пратеникот Љупчо Пренџов кој што додаде каде и да се свртат граѓаните ќе ги видат само потфрлањата на власта.
„Образование е катастрофа, здравство кататстрофа, економија катастрофа. Нѐ лажат, нѐ манипулираат дека 15% имаме инфлација, а ако отидете да видите колку пари е лебот, горивото, зејтинот, ќе се воочи дека е 50% инфлацијата“, укажа Пренџов.
Пратеникот укажа дека власта немајќи со што да се пофали, таа само говори уставните измени. Но власта треба да знае дека уставни измени нема да има.
Додека пак градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски ги посети населените места Кравари, Граешница, Оптичари и Егри каде што поразговара со жителите за проблемите со кои што се соочуваат.
„Ни се приклучуваат повеќе граѓани за да посетиме повеќе населени места и да видиме и да слушнеме од вас што е она што ве мачи. Оваа распродажба и разнебитување на државата наша по сите основи. Еве денес сведоци сме на нови закони кои што сакаат со европско знаменце да ги подметнат“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Тој укажа дека подметнување на закони со европско знаменце за „Бехтел и Енка“ нема да им поминат на власт бидејќи граѓаните реагираат, но и ЕУ.
„Тука сме да ги слушнеме граѓаните, да им кажеме дека ВМРО-ДПМНЕ е со вас и дека продолжуваме понатаму многу посилно“, порача Коњановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Северна Македонија има проблем со Брисел, а не со Софија, вели министерот на бугарското МНР
Шефот на бугарската дипломатија дециден дека секоја земја мора да ги почитува критериумите и да се придржува до нив.
„Францускиот предлог ќе биде строго следен. Нема билатерален проблем меѓу Софија и Скопје, туку меѓу Брисел и Северна Македонија“, ова за БГНЕС го изјавил шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев.
„Бугарија останува исклучително доследна во однос на политиката кон Западен Балкан и европската интеграција на сите земји од регионот. Во 2022 година беше постигнат европски консензус (францускиот предлог), кој строго ќе се следи. Секоја земја мора да ги почитува критериумите, да се придржува до нив. Членството во ЕУ се заснова на сопствените заслуги“, вели тој, пренесува медиумот.
Георгиев истакнува дека „Бугарија и Владата остануваат апсолутно непоколебливи и посветени на овој пристап“.
„За нас безбедноста и европската интеграција на Западен Балкан е исклучително важна. Ова е инвестиција во стабилноста на цела Европа и ја препознаваме како земја која во 2018 година го започна, го охрабри и катализираше овој процес. Ги знаеме и ги чуваме нашите национални интереси и интересите на целата Европска унија“.
Македонија
Меџити во Вашингтон: Вербата и пријателството меѓу народите се мостовите што нѐ поврзуваат и врз кои треба да ја градиме иднината
Првиот заменик-претседател на Владата на Северна Македонија, Изет Меџити, денешниот ден во Вашингтон го започна со учество на „Молитвениот појадок“, традиционален и значаен настан кој обединува политички лидери и влијателни личности од целиот свет.
На овој настан, Меџити ја истакна важноста на дијалогот и рефлексијата, како и клучната улога на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави. Тој нагласи дека за време на неговата посета на Вашингтон е посветен на зајакнување на врските на Северна Македонија со демократскиот свет, промовирајќи заеднички вредности и пријателство меѓу народите.
„Вербата, вредностите и пријателството меѓу народите се мостовите што нѐ поврзуваат и врз кои треба да ја градиме инклузивната иднина,“ изјави Меџити.
За време на неговиот престој во САД, Меџити оствари низа значајни средби, потврдувајќи ја посветеноста на Северна Македонија за продлабочување на меѓународната соработка и зајакнување на стратешките партнерства
Македонија
Сиљановска-Давкова со тим од Државниот завод за ревизија: укажано на потребата од домаќинско управување со јавните добра и санкционирање на незаконските постапки
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими раководниот тим на Државниот завод за ревизија, предводен од Главниот државен ревизор, Максим Ацевски.
На средбата претседателката беше детално информирана за тековната работа и клучните алармантни наоди од Годишниот извештај за извршените ревизии.
Раководниот тим укажа на најризичните состојби и нужноста од нивно брзо и ефикасно надминување. Исто така, главниот државен ревизор ги презентираше тековните, како и планираните активности, согласно Годишната програма за работа.
Претседателката Сиљановска-Давкова изрази импресионираност од темелниот, стручен и професионален однос на ДЗР во вршењето на надлежностите, што ја вбројува во најпочитуваните државни органи дома, но и од надвор. Таа изрази особена поддршка за системскиот и транспарентен пристап кон работатата, укажувајќи на потребата од законско и домаќинско управување со јавните добра и средства, како и санкционирање на незаконските постапки.
Таа посочи дека почитувањето на наодите и препораките на ДЗР е суштинско за унапредување на отчетноста и транспарентноста во јавниот сектор.
Професионалноста и независноста на ревизорите беа истакнати како основни причини за високиот углед, рејтинг и доверба во Државниот завод за ревизија.
Се отвори прашањето за новиот Закон за државна ревизија, како и за потребата од гарантирање уставен статус на ДЗР, како гаранција за независност.