Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче беше најлошиот министер за здравство, ветуваше европско здравство, а создаде Менгеле-здравство

Венко Филипче беше најлошиот менаџер и министер за здравство во историјата на Македонија. Двете обвиненија за случајот Онкологија се доказ плус за тоа, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, СДС на чело со Филипче како екс министер за здравство предизвика огромни финансиски загуби но и директно ги оштети онколошки болните кои остануваа без терапија.
„Деструктивните политики на Филипче и СДС, го уништија македонското здравство, во време на СДС и Филипче имаше бројни скандали во здравството како историскиот скандал на Онкологија.
Мандатот на Филипче беше обележан и со недостиг на регистар за следење на онколошката терапија.
Филипче е до гуша заглавен во скандалот со Онкологија. Филипче и Заев ветуваа „европско здравство“ а го претворија во „Менгеле здравство“ и целосен крах на здравствениот систем поради лукративни причини“.
Филипче и СДС, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, треба да знаат дека граѓаните повеќе нема да дозволат да бидат жртви на валканите игри кои со години го уништуваа здравствениот систем.
Нагласуваат дека не постои семејство во државата која не е засегнато директно или индиректно со Онкологија и со работата на оваа здравствена установа.
„Во време на Филипче како министер за здравство, здравјето на граѓаните беше заложник на бизнис мафијата блиска до СДС. Последиците од Филипче и СДС во здравството се катастрофални и штетни.
Крахот на македонското здравство во време на Филипче и СДС доведе до агонија кај пациентите, пациенти без терапии и без лекови, неефикасен систем на закажување термини и егзодус на лекарите.
Филипче дозволи здравствениот систем да се распадне. СДС е синоним за корупција криминал и предавство“, истакнуваат од партијата на власт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За 30 години, УСАИД во државава инвестирала 900 милиони долари

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари проштална средба со Џери Дибл, претставничка на УСАИД во државава на која присуствуваше и амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер.
Заблагодарувајќи ѝ се на Дибл за посветениот ангажман и придонесот во унапредувањето на односите и соработката меѓу двете пријателски земји, претседателката истакна дека различните американски програми и проекти за соработка, оставија видлив белег во земјава. Дел од нашиот развој во повеќе области, како што додаде таа, се должи на фондовите на УСАИД и затоа државата очекува да завршат започнатите проекти.
Сиљановска-Давкова ја потврди подготвеноста за натамошно проширување на билатералните релации и за продлабочување на македонско-американското пријателство, имајќи предвид дека со САД како наш стратешки партнер, имаме неискористени потенцијали за јакнење на соработката во сите области, а особено во економијата.
Разговарајќи за македонскиот евроинтегративен процес, Сиљановска-Давкова искажа благодарност за континуираната поддршка од САД, како и верување дека со помош на новата администрација ќе ја прошират и продлабочат економската соработка.
На средбата, Дибл посочи дека во изминатите 30 години, преку бројни проекти, УСАИД во државава инвестирала 900 милиони долари. Имајќи ги предвид последните кратења на средствата за помош, таа истакна дека заедно со американската амбасада и со други донатори ќе се обидат да најдат начин да се реализираат започнатите проекти и активности, со цел да не се изгубат досегашните придобивки од нив.
Амабасадорката Агелер искажа разочараност што се затвора Канцеларијата на УСАИД во земјата и истакна дека Амбасадата, заедно со Владата и со други партнери, ќе продолжи да се залага за финализирање на започнатите програми.
Македонија
Казнети 107 возачи за затемнети стакла и користење на т.н. флешери

Во периодот од 01 до 31 мај, Секторот за сообраќајни работи на територијата на Македонија казни 107 возачи кои не ги исполнуваат пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата и неовластено вградување и користење на уреди за давање на посебни светлосни и звучни знаци во возилата.
„При контролата санкционирани се 107 учесници во сообраќајот, од кои 106 за прекршокот на неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата и една санкција за неовластено вградување и користење на уреди за давање на посебни светлосни и звучни знаци во возилата. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци“, велат од МВР.
Од таму најавија дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.
Македонија
За патувањето во Јапонија се потрошени 3.485.080 денари за билети, сместување и дневници, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Во интерес на јавноста најостро реагираме на целосно шпекулативните информации и невистинити тврдења дека министерот за култура Зоран Љутков потрошил над 50.000 евра за патувања. Потенцираме, потрошените средства за Јапонија кои се споменуваат изнесуваат точно 3.485.080 денари и не се искористени за бројна делегација од Министерството за култура и туризам како што СДС сакаат да прикажат туку наменети се исклучиво за патните трошоци, билети, сместување и дневници за уметниците од НУ Ансамбл Танец“, велат од ВМРО-ДПМНЕ,
Сите службени патувања на министерот Љутков и вработените во МКТ, додаваат, се реализирани со јасна културна и дипломатска агенда.
„Секој трошок е транспарентно објавен и достапен за јавноста. Обидите да се проблематизираат службено оправданите патувања, се класичен пример на сензационализам и манипулација. Сакаме да потенцираме дека патувањето во Јапонија, кое тенденциозно се споменува, е дел од официјална програма за меѓународна културна презентација на државата и е во духот на историскиот Договор за соработка кој беше потпишан минатата година со оваа држава. Единствен критериум при изборот на програмата за Експо Осака е квалитетот! Овој пат наместо препарираниот рис и орел кои беа едни од главните содржини на Експо Дубаи 2021 кога тие владееја , пред јапонската и светската јавност ги нудиме нашите амбасадори, Танец, Ана и Игор Дурловски, Кирил Џајковски и Владимир Василевски-Четкар! Наместо да го поздравиме видливото присуство на нашата држава на овој настан, СДС најбезочно ги омаловажува уметниците, и ја извртува вистината“, пишува во реакцијата.
Злонамерни и лажни се и обвинувањата на СДС за повластување на шоферот на министерот за кабинетски службеник, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ.
„Возач на министерот е лице определено од Службата за општи и заеднички работи и не е кабинетски службеник. Именување на претседател на УО на Македонската Опера и Балет е лице кое е вработено во МКТ но не е кабинетски службеник на министерот за култура и туризам, туку е професионалец кој работи во МКТ 15 години. Да не се навраќаме на потрошените буџетски средства на претходната ваша министерка и на вашите директори кои во исто време беа и директори и селектори и членови на комисии во Министерството за култура“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, сите овие обвинувања се само конструкции и злонамерен обид да се прикријат седумте катастрофални години на владеење на СДС, особено, како што велат, душманскиот однос кон македонската култура.
„Ако е и од СДС партијата која брусеше шахти, го продаде македонскиот идентитет и безочно го понижуваше македонскиот граѓанин на сметка на туѓи интереси – премногу е. На актерката Катерина Илиевска и посакуваме својот талент на интерпретација да го насочи кон театарските сцени, а од СДС очекуваме јавно извинување за искажаните небулози и дезинформации. Доколку тоа не се случи, Министерството ќе ги преземе сите правни мерки за заштита на својот углед и на угледот на своите претставници“, велат од таму.