Македонија
ВМРО-Народна: Ќе поднесеме амандмани на сите предлог-закони поврзани со изградбата на коридорите

ВМРО-Народна партија на вчерашната седница на Собранието за потребата од донесувањето предлог-закони по скратена постапка поврзани со изградбата на дел од Коридорот 8 и дел од Коридорот 10 д гласаше против предлог-законите да се разгледуваат на седница на Собранието, соопштија од партијата.
Таквата одлука, како што додаваат, е од следните причини:
„Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на изградбата на дел од Коридорот 8 и дел од Коридорот 10 д е донесен на 15.7.2021, со што е утврден стратешкиот партнер ‘Бехтел и Енка’“.
„Не може на закон со кој е утврден јавен интерес да се поднесува нов предлог-закон за изменување и дополнување на основниот закон. На ваков начин се доведуваат во прашање значењето и важноста на основниот закон за определување на стратешкиот партнер, особено што се менуваат суштински членови“.
„Договорот со ‘Бехтел и Енка’, Владата го потпиша на 8.3.2023, а на 4.4.2023 година е означен и почетокот на работите“.
„Не може по потпишување на договорот и почнување на работите, да се менуваат условите за работа, особено со менување закони што имаат директно влијание врз изградбата, финансиите и рокот за изградба“, појаснуваат од оваа партија.
ВМРО-Народна партија уште при донесување на основниот закон во 2021 година реагира за членовите од договорот со кои се исклучува примената на законите во целост или делумно и ги потенцира сите проблеми што сега се отвораат при реализација на договорот за изградба.
Напоменуваат дека со евентуално донесување на овие предлог-закони се исклучува примената на финансискиот систем во државата и на правниот систем во делот на важноста на овие закони. Законите што треба да се изменат се донесени со координација и со Европската Унија и Владата ќе треба да даде објаснување и спрема Европската Унија во делот на исклучување на примената на постојните закони, како и дали новите предлог-закони се во согласност и со европското законодавство.
ВМРО – Народна партија, бара од Владата да го објави Договорот или да го презентираат на Коморите, стручните здруженија и невладини организации од оваа дејност и да објаснат:
„Дали измените и дополнувањата на законите се содржани во договорот како обврска на Владата“.
„Зошто е потпишан, прво, договорот, а после се прават измени на закони, кои на стратешкиот партнер му даваат најповластена состојба од сите досегашни инвеститори во Македонија. Истакнуваме дека при потпишувањето на договорите, изведувачите, односно според законот, стратешкиот партнер, се запознаени со сите постојни закони, кои важат во Македонија и кои ќе се однесуваат и важат и при нивната работа“.
„Ако овие предлози за измена и дополнување на законите не бидат усвоени од Собранието, дали Владата ќе треба да му плати финансиска отштета на стратешкиот партнер и колку сега ќе изнесува вкупната вредност на проектот, кој на почетокот беше предвиден на 1,6 милијарда евра“.
„Надзорите на проектот треба да одговорат дали по почнувањето на работите на 4.4.2023, поради необезбедување услови за работа, се плаќаат финансиски пенали, односно клемови според Фидик-договорите, и колку изнесуваат финансиските средства на ден“, се дополнува во соопштението од ВМРО-Народна.
Додаваат дека ќе поднесат амандмани на сите предлог-закони поврзани со изградба на коридорите, со цел заштита на државниот интерес, обезбедување еднакви законски одредби и еднакви услови за изведувачите на големи градежни работи, почитување на правата на работниците што ќе работаат на проектите и заштита на животната средина.
„Истакнуваме дека европските меморандуми со државите низ кои поминуваат паневропските коридори 8 и 10 се потпишани во 2001 и 2002 година, со што тогашната влада на премиерот Георгиевски се определи Македонија да биде членка во Европската транспортна мрежа“.
Затоа, доставуваме предлог до Владата,ж за изградба на автопатско решение на комплетниот Коридор 8 и од Куманово до ГП Деве Баир затоа што предлог-законот го дефинира само делот од Тетово до ГП Ќафасан, а не целиот Коридор 8, а исто така и изградба на автопатско решение на комплетниот Коридор 10 д, од Велес – Прилеп – Битола до ГП Меџитлија. На ваков начин ќе добиеме целосно решение наспроти сегашното парцијално и комплетирање на коридорите 8 и 10 во Македонија“, се наведува во нивното соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Убиствата станаа секојдневие, Тошковски нема контрола над безбедноста“, велат од СДСМ

„Безбедноста во државата е целосно нарушена. Имаме убиства речиси секоја недела, и тоа пред очите на граѓаните, во најцентралните делови на градовите и маалата. Убиството во Штип е само последно во низата убиства што се случуваат јавно, пред сведоци. Луѓето стравуваат за својата безбедност кога ќе излезат во кафе-бар или ресторан“, велат од СДСМ.
„За само 10 месеци, во Скопје имаше неколку убиства – во Мавровка, Бит Пазар, Чаир, Шуто Оризари. Значително е зголемен бројот на разбојништва и кражби, сè почесто има престрелки со огнено оружје, а во два наврати беа фрлени и бомби во дворови на граѓани. Убиствата се случуваат дури и во полициски станици, како што беше случајот на Бит Пазар.
Овие податоци јасно укажуваат дека МВР и министерот Тошковски ја немаат состојбата под контрола. Уште колку убиства се потребни за тој да сфати дека не може да ја води МВР како институција?
СДСМ бара целосно расчистување на случајот и одговори на сите прашања што ќе ги поставиме јавно“, соопшти СДСМ.
Македонија
ЛДП: Крајно време е да се стави крај на заштитата на неефикасни и нетранспарентни функционери

Либерално-демократската партија ја поздравува одлуката на Владата за прифаќање на нивната идеја за враќање на можноста за референдумско отповикување на градоначалници – предлог што ЛДП подолго време го застапува и промовира преку јавни настапи и трибини.
Ваквата идеја станува реалност со ново предложените измени на Законот за локална самоуправа, кои денес влегуваат на комисиска расправа во Собранието, велат од ЛДП.
Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, посочи дека е крајно време да се стави крај на заштитата на неефикасни и нетранспарентни функционери. Таа ја поздрави иницијативата за нов закон, кој ќе бара двотретинско мнозинство, како шанса за вградување на силни механизми за отчетност.
Идејата, која беше дел од законот од 1996 година, повторно се враќа со цел да се зголеми одговорноста, отчетноста и транспарентноста во локалното управување. ЛДП активно учествуваше во промовирањето на ова решение преку јавни настапи, дебати и панел дискусии.
ЛДП потенцира дека е добро и корисно што Владата и владејачкото мнозинство конечно ги прифаќаат нашите идеи и предлози како што се референдумското отповикување на градоначалник и комуналната полиција. Овие измени ќе придонесат за поодговорно и поефикасно управување на локално ниво, во корист на сите граѓани.
Македонија
Филипче: Да го продолжиме патот на мирот, соработката, слободата и солидарноста

Претседателот на Социјалдемократкиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска упати честитка по повод Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Во честитката Филипче порача дека денешниот ден е потсетник колку значи слободата, и зошто не смееме да ја заборавиме цената што е платена за неа.
„9 Мај е ден кога се потсетуваме колку значи слободата, и зошто не смееме да ја заборавиме цената што е платена за неа. Денеска се навраќаме на еден од најважните денови во историјата, победата над фашизмот. На овој ден се стави крај на омразата, на убивањата, на уништувањето, на поделбите. Денеска оддаваме почит на борците од Народно ослободителната војна, кои ги дадоа своите животи за слободата која денес ја живееме.
Истовремено, денес е и Денот на Европа, ден кога ги славиме европските вредности од кои никогаш не смее да се откажеме. Мора цврсто да продолжиме по патот на мирот, соработката, слободата, солидарноста.
Ние сме дел од европската приказна и нераскинлив дел од борбата против фашизмот. Да не дозволиме никој никогаш да ги поткопа вредностите врз кои е градено ова општество. Македонија припаѓа таму каде што се почитуваат човековите права, каде што се гради заедништво и каде што никој не смее да биде исклучен затоа што е различен.
Денешната борба не е со пушка. Денес се бориме со збор, со став, со почит и одговорност.
Честит 9 Мај – Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа. Да не заборавиме од каде доаѓаме и каде сакаме да одиме”, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.