Македонија
Во чест на загинатите во Пулс во Кочани се возеа велосипеди

Над 300 велосипедисти, рекреативци, спортисти и граѓани учествуваа на велосипедската тура „По патеката на оризот“ во чест на трагично загинатите во клубот Пулс, што заеднички ја организираа нивните семејства и Општина Кочани.
Учесниците, меѓу кои имаше деца и родители на жртвите, возеа на кружна патека во должина од 15 километри во правец на селата Грдовци, Мојанци и Горни Подлог, а на местото на трагедијата им беше оддадена едноминутна почит на настраданите.
-Заедно возиме велосипеди во чест на нашите трагично загинати деца и потсетуваме дека на 4 мај 1903 година во борба загина Гоце Делчев и животот го даде за Македонија да биде слободна. Денеска, на 4 мај 2025 година Македонија е заробена држава, заробена на авторитет што е сконцентриран во еден центар на моќ. Без контрола и баланс, ни го донесе педесеттиот ден од нашата болка, празнина, тежина и само тишина и молк. Кочани е во жалост, имаме колективна траума и тага, нема некој што не е допрен од трагедијата и бараме начин да искажеме почит кон трагично починатите, истакнаа во обраќањето родителите на настраданите.
Родителите упатија прашање дали треба да се случуваат трагедии за да си подадеме рака и да се сплотиме, да дадеме поддршка и заедно да се молиме за побрзо оздравување на повредените. Порачаа дека нема да се откажат од борбата да го добијат одговорот за виновниците за трагедијата, заради правда за загинатите.
Во организацијата на велосипедската тура придонес дадоа и волонтерите од Црвен крст, членовите на Територијалната противпожарна единица и Доброволното противпожарно друштво, како и вработени во Полициската станица и Општата болница од Кочани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Општина Гази Баба доделува субвенции за сончеви термални колектори

Општина Гази Баба објави Јавен повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на општина Гази Баба за набавка и вградување на сончеви термални колектори.
Право на учество на Јавниот повик имаат жителите на општина Гази Баба кои имаат купено и вградено сончеви термални колекторски системи во својот дом во периодот од денот на објавување на јавниот повик се до 30 ноември 2025 година односно до исцрпување на финансиски средства наменети за оваа намена од Буџетот на Општина Гази Баба за 2025 година.
Општина Гази Баба ќе им надомести дел од трошоците во висина од 50%, но не повеќе од 15.000,00 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство за 2025 година.
Барателот треба да ги исполни следните услови:
• да е жител на Општина Гази Баба,
• да нема искористено субвенции за купување на сончеви термални колекторски системи во својот дом од било кој друг извор на Република Македонија,
• набавениот уред да биде купен во 2025 година, во период од денот на објавување на јавниот повик и истиот да биде инсталиран на адресата на живеење наведена во личната карта на барателот,
• да има платено данок на имот за станбениот објект во кој ќе биде инсталиран сончевиот термален колекторски систем заклучно со 2024 година.
Македонија
Најава за цела недела – облачно и нестабилно време со врнежи од дожд и грмежи

Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса времето во текот на оваа седмица ќе биде променливо облачно и нестабилно со честа појава на локални врнежи од дожд и грмежи, информира УХРМ.
Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време поголема количина), грмежи, силен ветер (над 60 км/ч) и изолирана појава на град.
Во Скопје, до крајот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.
До петок ќе дува умерен до засилен јужен ветер и температурите ќе бидат без поголема промена, а од сабота со засилен северен ветер ќе бидат во опаѓање.
Препорака: Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита

Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец Април 2025 година.
Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 05 Мај 2025 година, известува Министерството за социјална политика.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците кои не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа:
05.05.2025 – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ
06.05.2025 – М, Н, Њ, О, П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.