Македонија
Гаши: Волонтерството не е само повик, туку морална, институционална и човечка одговорност
По повод Светскиот ден на волонтерството – 5 Декември, Собранието на Република Северна Македонија, во соработка со Црвениот крст на РСМ, организира заеднички активности со цел да се истакне значењето на волонтерскиот ангажман и да им се даде признание на сите што несебично придонесуваат за доброто на заедницата.
Денот почна во централната канцеларија на Црвениот крст, каде што пратениците беа поздравени од проф. д-р Ромел Велев, претседател на Црвениот крст, кој ја нагласи важноста на волонтерството како двигател на солидарноста и хуманоста. Пратениците добија ориентирање и конкретни волонтерски задачи по што беа распределени на разни работни позиции на територијата на град Скопје.
Во периодот од 10 до 11 часот претставници на законодавниот дом учествуваа во волонтерски активности во:
– Дневниот центар за лица со посебни потреби „Пролет“;
– „Нега Центар“;
– Центарот за прва помош;
– Дневниот центар за активно стареење „Даре Џамбаз“;
– Дневниот центар за активно стареење – Чаир;
– Центарот за доброволно дарување крв „Даре Џамбаз“;
– Центар „Копче“;
– Пунктот за бездомници „Момин Поток“;
– Логистичкиот центар „Момин Поток“.
Во овие активности беа вклучени и пратениците: Ваљбона Емини-Адиљи, Павле Арсовски, Оливер Спасовски, Димитар Ковачевски, Моника Зајкова, Сања Лукаревска, Јованка Тренчевска, Беким Сали, Рашела Мизрахи, Грација Бакаревска, и Ангелинка Петкова.
Активностите продолжија во Собранието, каде што се одржа прием. Присутните ги поздрави претседателот Африм Гаши.
„Бидејќи отсекогаш сум се стремел да бидам промотор на човечноста и во политиката, не е случајност што, заедно со почитуваните пратеници на Собранието, сме тука не само како претставници на граѓаните туку и како сограѓани волонтери. Со нашето волонтерско ангажирање денес сакаме да дадеме пример дека волонтерството не е само повик, туку морална, институционална и човечка одговорност“, рече Гаши во своето обраќање.
Обраќање имаше и Саит Сати, генерален секретар на Црвениот крст, кој се заблагодари за партнерството и за придонесот на волонтерите во заедницата. Исто така, тој ги истакна силата на волонтерскиот дух и потребата од натамошна поддршка на граѓанското ангажирање.
Во рамките на свечениот дел беше извршено доделување благодарници за сите волонтери вклучени во операцијата за помош и поддршка на населението погодено од несреќата во Кочани.
Следуваше потпишување парламентарна декларација за поддршка на волонтерството со која Собранието ја реафирмира својата заложба за унапредување на волонтерските програми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Новo рисче на Шара – тимот на Националниот парк слави со мекици
Националниот парк „Шар Планина“ соопшти дека на една од нивните трап-камери била забележана мајка рис со малечко, при што и двете животни се во одлична здравствена состојба. Со ова, бројот на документирани рисови на Шара се зголемува од една на три единки.
Од паркот потсетуваат дека по успехот минатата година, кога првпат бил снимен мажјак на локалитетот Лешница, денес со радост објавуваат дека и мајка со младенче е регистрирана на територијата на Општина Боговиње. Според соопштението, станува збор за историски момент и резултат на долгорочна, упорна и стручно спроведена работа на тимот. Колегата кој ја регистрирал снимката ја добил честа да го даде и името на мајката рис, која е именувана Сибел.
Во објавата се наведуваат и интересни факти за балканскиот рис, меѓу кои тоа дека е територијално животно што зазема голема територија – понекогаш и над 40 km², како и дека неговата исхрана се состои од срна, дива коза, зајак, еребица, ситни цицачи и други видови од шумскиот екосистем. Од паркот додаваат дека популациите на пленот на Шар Планина полека, но стабилно растат, а ловот е целосно забранет, што придонесува за заштита на видот.
Од Националниот парк истакнуваат дека снимката ја потврдува важноста од континуираниот мониторинг и вложувањето во заштита на биодиверзитетот, потсетувајќи дека балканскиот рис е критично загрозен вид.
Паркот соопшти и дека по повод овој момент, тимот денес слави со мекици.
Македонија
Средба Фетаи–Лоутон: Продлабочување на партнерството меѓу Северна Македонија и САД
Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, оствари работна средба со Даниел Џ. Лоутон, заменик-помошник државен секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања (EUR) при Стејт департментот на Соединетите Американски Држави.
На средбата се разговараше за стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД, како и за продлабочување на соработката во областите на владеењето на правото, институционалните реформи, борбата против корупцијата и зајакнувањето на практиките на добро владеење. Заменик-претседателот на Владата Фетаи ја потенцираше посветеноста на Владата за унапредување на демократските стандарди, зголемување на транспарентноста и отчетноста, како и спроведување реформи кои обезбедуваат правично и ефикасно функционирање на јавните институции.
Заменик-помошник државниот секретар Лоутон ја реафирмираше силната поддршка на САД за реформските процеси во земјата, потенцирајќи ја важноста од продолжување на стабилните политики што го поттикнуваат евроатлантското интегрирање, институционалната стабилност и демократскиот развој. Заменик-претседателот на Владата Фетаи и заменик-помошник државниот секретар Лоутон се согласија да продолжат со редовна комуникација и координација за прашања од заеднички интерес, со посебен акцент на зајакнување на доброто владеење и институционалниот интегритет.
Во рамки на посетата, заменик-претседателот на Владата Фетаи оствари работна средба и со Марк Тервакоски, Директор на Канцеларијата за Европа и Азија при Бирото за Меѓународни Наркотични Прашања и Спроведување на Законот.
Македонија
Средба на Гаши со шеикот Махир Муајкали
Претседателот на Собранието, Африм Гаши оствари средба со Имамот на Каба, шеикот д-р Махир Муајкали, кој за првпат е во четири дневна официјална посета на државата.
На средбата беше присутен и Реис ул Улема Шаќир еф. Фетаху, поглавар на Исламска верска заедница (ИВ).
„Во срдечната и конструктивна атмосфера, соговорниците се осврнаа на значењето на неговата посета, како и на важноста од меѓусебното почитување и разбирање. Притоа беше изразена искрена благодарност до државните власти на Кралството Саудиска Арабија за нивната досегашна поддршка и соработка. Во разговорот беше нагласено и значењето на зајакнувањето на врските и вредностите што ги споделуваат двете земји и народи, како и заедничката подготвеност за унапредување на институционалните односи и продлабочување на меѓусебната соработка“, соопшти Собранието.

