Македонија
Град Скопје: Курто Дудуш фатен како ги труе граѓаните, ќе одговара за 7 кривични дела
Денес на терен инспекторите на градот Скопје со асистенција на интервентна полиција, констатираа нови кривични дела на градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, при креирањето нова дива депонија за што е поднесена нова кривична пријава, со која дополнително се бара одговорност за загадувањето со канцерогени материи, соопшти вечерва Град Скопје, додавајќи дека Дудуш директно го загрозува здравјето на граѓаните.
Од Градот велат дека на овие кривични пријави им претходи пријава за дива депонија на територија на општина Шуто Оризари, која Курто Дудуш ја прави на лично свое приватно земјиште за што сам со себе во име на општината си склучил договор, а за што е фатен и за истото е изречена глоба и веќе е покрената пријава за соодветна одговорност.

„Јавноста треба да знае дека Комунална Хигиена Скопје редовно ги завршува своите активности во општина Шуто Оризари, а за она што е надлежност на градоначалникот Курто Дудуш, и контејнерите кои сам ги поставува на територијата на општината друг не може да биде одговорен. До овој момент против градоначалникот на општина Шуто Оризари Курто Дудуш поднесени се повеќе од 40 кривични пријави од кои најголем дел се однесуваат на сериозна злоупотреба на буџетски средства, исплати на пари без соодветни постапки и распишан тендер, креирање на диви депонии, загрозување на животната средина и здравјето на граѓаните“, се вели во соопштението на Град Скопје.
Понатаму се додава: Хаосот на Дудуш во Шуто Оризари настанат поради неговата неспособност и лукративни интереси, ќе го средиме за да се спречи загрозувањето на здравјето на жителите од општината, а ќе одиме до крај за целосно расчистување на случајот за Дудуш, криминогениот трујач на Скопјани да ја добие заслужената казна за делата за кои е утврдено одговорен.
Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, претходно денес ги повика жителите на средба в недела, во 19 часот, во спортската сала во Шуто Оризари за да дискутираат за депонијата во Шуто Оризари, непредвидливиот и недоволен јавен градски превоз, но и за честите прекини на електричната енергија.
„Депонијата во Шуто Оризари веќе долго време е проблем, но сега ситуацијата ескалира до алармантно ниво. Ѓубрето, неподносливиот мирис и загадувањето ја загрозуваат животната средина и здравјето на жителите. Многумина мислевме дека ова ќе биде нашиот најголем приоритет, но додека се справуваме со тоа, се појавија и други, исто толку сериозни проблеми“, наведува Дудуш.
Меѓу проблемите тој го споменува и јавниот превоз за кој вели дека сега е непредвидлив и недоволен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

