Македонија
Деаноски: Првпат од воведувањето во 2012 година, Владата сама, без работниците, одлучува за минималната плата, апсолутно сме незадоволни

Синдикатот на вработените во органите на државната управа, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ) е апсолутно незадоволен од одлуката на Владата минималната плата да се зголеми за 1.800 денари, рече денес претседателот на Синдикатот, Трпе Деаноски. Синдикатот на УПОЗ и Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) остануваат на барањето минималната плата да биде 500 евра.
„Првпат откога е воведена минималната плата во 2012 година, за неа се одлучи без работниците. Ние имавме парола пред неколку години на Први мај: ‘Не смее да се одлучува за работниците без работниците’, а за жал, Владата вчера на седница си донесе износ од 1.800 и не знам точно колку денари на минималната плата. Се донесе без Економско- социјалниот совет да разговара за оваа минимална плата, без да одлучат и работодавците, и работниците, и Владата за оваа плата. Првпат се случува ова, меѓутоа имајќи предвид во каква држава живееме, нема да биде ни последен пат. Апсолутно сме незадоволни од ваквата одлука на Владата, ги знаете нашите барања, од тоа не отстапуваме“, рече претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Деаноски.
Изјавите дека Владата ќе дозволи за износот на мнималната плата да се договорат работодавците и синдикатите, Деаноски ги смета за небулозни.
„Јас сакам да ја потсетам Владата дека таа е најголемиот работодавец во државата. Во државата се вработени 129 илјади работници во јавниот сектор, од кои минимум 25 илјади директно зависат од усогласувањето на минималната плата. Тоа значи дека ова не е покачување на платата. Ова е само усогласување што треба да го добијат сите работници во државата. Првпат Владата сама си донесе одлука. Ние не сме репрезентативни, и премиерот рече дека додека немаме репрезентативност, ние не можеме да учествуваме на Економско-социјалниот совет. Изгледа на Владата толку добро ѝ оди што може да си носи одлуки без синдикатите и без работниците, за жал“, вели Деаноски.
Какви чекори ќе преземат синдикатите по одлуката на Владата, Деаноски најави дека ќе одлучуваат в петок кога е закажана седница на претседателството на ССМ, а в петок е закажана и седница на комисијата за репрезентативност, која треба да одлучи дали ССМ, каде што членува и Синдикатот на УПОЗ, се репрезентативни претставници на работниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Не е сега момент за лидерска, тоа би било губење на време, рече Таравари

Министерот за здравство Арбен Таравари, кој е и дел од коалицијата „Вреди“ се огласи за понудата од страна на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за лидерска средба, но вели дека тоа би било само губење време.
„Заинтересирани сме да се решат проблемите што ги имаме како институции, работиме неуморно, па тоа би било губење време“, рече Таравари, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој цени дека сега не е момент за лидерска, особено бидејќи институциите беспрекорно работат и за здравјето на луѓето и за третманот, но и за да се најдат виновниците на овој случај, но и на претходните слични случаи во изминатите пет години.
Филипче наскоро ќе упати и официјални покани за лидерска средба.
Македонија
Влошена е состојбата кај двајца критични пациенти кои се лекуваат по пожарот, информира Таравари

Влошена е состојбата кај двајца пациенти кои се лекуваат по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Вкупно четворица се во критична состојба.
Министерот за здравство, Арбен Таравари информираше дека се’ уште има и интубирани пациенти во тешка, но не и животно загрижувачка состојба.
Одлична вест е тоа што денес ќе бидат пуштени дома пет пациенти од хоспитализираните 21 во Скопје. Во странство се лекуваат 89 пациенти, а двајца се враќаат денес од Литванија и Шведска. Како и со претходните пациенти кои се вратија од странство, и тие, првин ќе бидат прегледани на скопските клиники, задржани 24 часа, па пуштени дома.
Македонија
Тошковски и Ристовски: Центарот за обука на МВР е клучна алка во системот на безбедност

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски заедно со министерот за спорт, Борко Ристовски, остварија работна посета на Центарот за обука на МВР, каде што е во тек сеопфатна реконструкција на постоечките капацитети. Овој центар е клучна алка во системот на безбедност, каде што се обучуваат и подготвуваат идните полициски службеници и токму затоа вложувањето во неговата инфраструктура е вложување во стабилноста и безбедноста на државата.
„Со министерот разговаравме за можностите за меѓуресорска поддршка, особено во делот на спортската инфраструктура, односно спортските терени, полигонот, игралиштата и базенот. Особено загрижува состојбата со базенот, кој иако бил реновиран претходно, воопшто не е ставен во функција и оставен е да пропаѓа. Заеднички констатиравме дека со релативно мали инвестиции, овој сериозен капацитет може повторно да се стави во функција и да стане дел од системската подготовка на полициските кадри.“, потенцираше министерот Тошковски при посетата.
Министерот Тошковски нагласи дека целта е изградба на модерен, целосно опремен и функционален центар за обука, кој во иднина ќе има и регионално значење и дека преку соработка помеѓу институциите, со јасна визија и одлучност, можеме да изградат услови што ќе одговорат на современите потреби.