Македонија
„Декларација Скопје“: се бараат итни реформи за заштита на аудиовизуелните автори
Авторските права на сценаристите, режисерите и на кинематограферите беа во фокусот на дводневниот меѓународен семинар на тема „Авторите во фокус: Авторското право како темел на креативноста и културата во аудиовизуелниот сектор“, што се одржа вчера и завчера во Скопје во организација на Здружението за аудиовизуелните автори (САА) заедно со Асоцијацијата за заштита на авторските и сродните права – АЗАС Скопје, АИПА од Словенија и ЗAПA од Полска.
На едно место се собраа водечки автори, претставници на здруженија за колективно управување со права, амбасадори и експерти од повеќе европски земји со цел јакнење на регионалната соработка, размена на добри практики и дефинирање заеднички чекори за заштита на авторските права како основа за креативност и развој на културната индустрија. Во текот на дводневната програма се отвори дијалог за предизвиците и можностите со кои се соочуваат аудиовизуелните автори во Централна и Источна Европа, со особен акцент на потребата од ефикасен систем за распределба на правичен надоместок.
Настанот почна со обраќање од Барбара Хејс, претседателка на САА, која нагласи дека „време е регионот заеднички да дејствува за подобри услови за аудиовизуелните автори“.
Директорката на Одделот за авторско право во Светската организација за интелектуална сопственост (ВИПО), Мишел Вудс, рече дека „заштитата на правата на аудиовизуелните автори се приоритет за ВИПО“.
Францускиот амбасадор во земјата, Кристоф Ле Риголер, ги потсети присутните дека Франција има долга традиција на ставање на авторите во центарот на креативноста.
„Франција ги гледа авторските права како суштински дел од културната демократија и економскиот развој – принцип што останува важен и во дигиталната и аудиовизуелната ера“, рече тој.
Словенечкиот амбасадор Грегор Прескер, кој и лани учествуваше на конференцијата за авторски права, истакна дека во меѓувреме ги предочил предизвиците со кои се соочуваат аудиовизуелните автори во разговори со релевантни институции, амбасадори и дури и со претседателот на Собранието на Северна Македонија. Со тоа ја потврди континуираната заложба на Словенија за поддршка на регионот во подобрувањето на управувањето со авторските права.
Преку неколку сесии беа презентирани искуства од Шпанија, Словачка, Србија, Естонија, Хрватска, Полска, Словенија, Црна Гора, Косово, Албанија од Северна Македонија. Учесниците разговараа за функционирањето на системите за колективно управување и за последиците доколку тие не се имплементираат. Особено беше потенцирана ситуацијата во Северна Македонија, каде што и покрај издаденото позитивно мислење за тарифата на АЗАС од страна на Комисијата за посредување на авторските и сродните права при Министерството за култура, нејзиното усвојување сè уште не е на владината агенда, што значи дека авторите остануваат без соодветен надомест за користење на своите дела.
Вториот ден беше посветен на темите за одржливост на аудиовизуелниот сектор. Беа нагласени потребите од јасна регулатива и предвидливо работење како предуслов за меѓународна продукција и инвестиции во регионот.
На крајот на семинарот учесниците заеднички ја усвоија „Декларацијата Скопје“, со која се искажува солидарност со АЗАС и се бара итно усвојување на тарифата, се апелира за координирана акција од Владата, Собранието, Министерството за култура и Министерството за европски прашања, се бара поддршка од Делегацијата на ЕУ и амбасадите на земјите членки во земјата, се нагласува важноста од усогласување со европските директиви DSM и SatCab II и се потврдува континуирана соработка меѓу регионалните и европските здруженија.
На конференцијата зборуваа Рикардо Гомез Кабалеиро од Здружението за колективно управување со правата на авторите на аудиовизуелните дела од Шпанија (DAMA), Јана Возарова од Словачката организација за колективно управување со авторските права, која ги застапува писателите и аудиовизуелните автори, Кирил Ѓозев од АЗАС Скопје, режисерот Срѓан Драгојевиќ од Србија, Лина Тришкина-Ванхатало, сценаристка и режисерка од Естонија, Данко Стефановиќ од Друштвото на филмските автори од Хрватска, Силвија Бијаду од Организацијата за колективно управување со авторските и сродните права на аудиовизуелните дела ЗАПА од Полска, Грегор Штиберник, Петер Кеп и Урош Рожиќ од Словенечката агенција за интернационална заштита на правата на актерите (АИПА), Стефан Гелинео од Српското здружение на филмските автори (УФУС0-АФА), режисерот Клемен Дворник од Словенија, македонските продуценти Огнен Антов и Дејан Илиев, Евјен Дако од Асоцијацијата на авторите и режисерите – ФААД од Албанија, како и директорот на Косовското здружение за колективно управување со авторски права, Лирак Чељај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муртезани на Самитот на лидери во Тирана: Нашиот пат кон Европа е заеднички избор и заедничка обврска
На покана на државната министерка и главен преговарач на Република Албанија, Мајлинда Дука, министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани, денеска во Тирана учествуваше на министерскиот состанок, што се одржа во рамките на Самитот на лидери за Планот за раст насловен „Нашиот пат кон ЕУ“.
На состанокот учествуваа министрите за европски прашања од Западен Балкан и главни преговарачи со ЕУ, високи претставници на Европската комисија, регионални организации како ЦЕФТА, Регионалниот совет за соработка, РЕСПА и претставници на финансиските институции ЕИБ, ЕБОР и Светска банка. Главна тема беше продлабочувањето на економската и институционалната интеграција на Западен Балкан во Единствениот пазар на Европската Унија преку клучните иницијативи од Планот за раст меѓу кои се „Роаминг како дома“, приклучувањето кон СЕПА, проектот WiFi4WB, Зелените коридори, Заедничкиот регионален пазар 2.0. и др.
Во своето обраќање министерот Муртезани истакна дека патот кон Европската Унија останува централна стратешка определба, нагласувајќи ја потребата од конкретни резултати и практична интеграција што носи реални придобивки за граѓаните и економиите во регионот.
Тој го поздрави отворањето на сите преговарачки кластери на Албанија со ЕУ како важен поттик за целиот регион.
Муртезани ги претстави постигнувањата на Северна Македонија во дигиталната и економската трансформација меѓу кои се унапредувањето на законодавството за електронски комуникации, воспоставувањето на центарот за вештачка интелигенција „Везилка“, приклучувањето кон СЕПА-системот и напредокот во рамки на иницијативата WiFi4WB. Тој потенцира дека земјата бележи резултати во повеќе од 29 реформски чекори преку Инструментот за реформи и раст, вклучувајќи области како дигитализација, подобрување на деловната клима и управување со јавните финансии.
„Западен Балкан денес не зборува само за европска иднина, туку ја создава преку конкретни реформи, регионална соработка и споделени вредности“, рече министерот Муртезани.
Македонија
Пренџов: СДС го користеше судството за свои политички цели
Љупчо Пренџов, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната комисиска расправа за Предлог-буџетот за 2026 година нагласи дека за време на владеењето на СДС биле предложени законски решенија преку кои биле поставувани партиски кадри во Судскиот совет, институција која ги избира, именува и казнува сите судии во државата.
„Во Собранието предлагавте законски решенија, во кој што стававте партиски кадри, од Судски совет, тоа се луѓето коишто ги избираат, именуваат, казнуваат сите судии во Македонија“, вели Пренџов.
Пренџов посочи дека во изминатите 30 години, кога СДС биле на власт, немало реализирани капитални проекти, а криминал и корупција се заканувале и го контролирале функционирањето на државата. Тој додаде дека владеењето на СДС се базирало исклучиво преку судството и обвинителството.
„СДСМ изминатиот период немаше добри проекти, вие исклучиво функциониравте и владеевте преку обвинителството и преку судството. Бидејќи обвинителството апсеше по наредба на Зоран Заев, а судството судеше исто така по наредба на Зоран Заев“, подвлече Пренџов.
Пратеникот Пренџов заклучи дека граѓаните заслужуваат транспарентно, професионално и независно судство, кое не се користи за партиски цели.
Македонија
Утре променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), со услови за невреме со појава на грмежи и силен ветер, информира УХМР.
Во текот на денот ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 12, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во делови од котлината со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Во деновите од викендот ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Во сабота наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), локално со услови за невреме со силен ветер и појава на грмежи.
Во недела поради продор на постудена воздушна маса на повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег.
Во понеделник и вторник ќе има стабилизирање на времето, а утринската температура значително ќе опадне.

