Македонија
Демири: Не само во Скопје, невакцинирани деца од денес се враќаат дома на државно ниво

Забраната за примање невакцинирани деца во градинка не е само за Скопје, каде што е прогласена епидемијата на голема кашлица, туку важи за целата територија на државата. Министерот за здравство Илир Демири денес рече дека Државниот санитарен инспекторат од денес прави засилени контроли насекаде.
„Не само на територијата на град Скопје, каде што е прогласена епидемијата, туку и на државно ниво ќе има засилени инспекциски прегледи и ќе барам на секој начин да се зголеми бројката и да се вакцинираат оние што не се вакцинирани. На целата територија на државата. Има потпишано наредба да се враќаат децата кои се делумно или не се вакцинирани. Официјализацијата со документ е од денеска, но ние не функционираме само на писмено дадени наредби. Многу поодамна е пристапено и имав јавни изјави дека треба да се вратат оние деца што не се вакцинирани. Мислам дека е доволно сензибилизирано и нема оправдување“, рече министерот Демири.
Поради епидемијата на голема кашлица во Скопје и зголемениот интерес за вакцинирање, министерот Демири вели дека побарале да се зголеми бројот на вакцинални пунктови со ангажирање на младите лекари, кои би имале платена пракса. Чекаат одговор од Државната комисија за спречување корупција, која треба да се изјасни дале е можно да се ангажираат младите лекари имајќи го предвид предизборниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Убиствата станаа секојдневие, Тошковски нема контрола над безбедноста“, велат од СДСМ

„Безбедноста во државата е целосно нарушена. Имаме убиства речиси секоја недела, и тоа пред очите на граѓаните, во најцентралните делови на градовите и маалата. Убиството во Штип е само последно во низата убиства што се случуваат јавно, пред сведоци. Луѓето стравуваат за својата безбедност кога ќе излезат во кафе-бар или ресторан“, велат од СДСМ.
„За само 10 месеци, во Скопје имаше неколку убиства – во Мавровка, Бит Пазар, Чаир, Шуто Оризари. Значително е зголемен бројот на разбојништва и кражби, сè почесто има престрелки со огнено оружје, а во два наврати беа фрлени и бомби во дворови на граѓани. Убиствата се случуваат дури и во полициски станици, како што беше случајот на Бит Пазар.
Овие податоци јасно укажуваат дека МВР и министерот Тошковски ја немаат состојбата под контрола. Уште колку убиства се потребни за тој да сфати дека не може да ја води МВР како институција?
СДСМ бара целосно расчистување на случајот и одговори на сите прашања што ќе ги поставиме јавно“, соопшти СДСМ.
Македонија
ЛДП: Крајно време е да се стави крај на заштитата на неефикасни и нетранспарентни функционери

Либерално-демократската партија ја поздравува одлуката на Владата за прифаќање на нивната идеја за враќање на можноста за референдумско отповикување на градоначалници – предлог што ЛДП подолго време го застапува и промовира преку јавни настапи и трибини.
Ваквата идеја станува реалност со ново предложените измени на Законот за локална самоуправа, кои денес влегуваат на комисиска расправа во Собранието, велат од ЛДП.
Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, посочи дека е крајно време да се стави крај на заштитата на неефикасни и нетранспарентни функционери. Таа ја поздрави иницијативата за нов закон, кој ќе бара двотретинско мнозинство, како шанса за вградување на силни механизми за отчетност.
Идејата, која беше дел од законот од 1996 година, повторно се враќа со цел да се зголеми одговорноста, отчетноста и транспарентноста во локалното управување. ЛДП активно учествуваше во промовирањето на ова решение преку јавни настапи, дебати и панел дискусии.
ЛДП потенцира дека е добро и корисно што Владата и владејачкото мнозинство конечно ги прифаќаат нашите идеи и предлози како што се референдумското отповикување на градоначалник и комуналната полиција. Овие измени ќе придонесат за поодговорно и поефикасно управување на локално ниво, во корист на сите граѓани.
Македонија
Филипче: Да го продолжиме патот на мирот, соработката, слободата и солидарноста

Претседателот на Социјалдемократкиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска упати честитка по повод Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Во честитката Филипче порача дека денешниот ден е потсетник колку значи слободата, и зошто не смееме да ја заборавиме цената што е платена за неа.
„9 Мај е ден кога се потсетуваме колку значи слободата, и зошто не смееме да ја заборавиме цената што е платена за неа. Денеска се навраќаме на еден од најважните денови во историјата, победата над фашизмот. На овој ден се стави крај на омразата, на убивањата, на уништувањето, на поделбите. Денеска оддаваме почит на борците од Народно ослободителната војна, кои ги дадоа своите животи за слободата која денес ја живееме.
Истовремено, денес е и Денот на Европа, ден кога ги славиме европските вредности од кои никогаш не смее да се откажеме. Мора цврсто да продолжиме по патот на мирот, соработката, слободата, солидарноста.
Ние сме дел од европската приказна и нераскинлив дел од борбата против фашизмот. Да не дозволиме никој никогаш да ги поткопа вредностите врз кои е градено ова општество. Македонија припаѓа таму каде што се почитуваат човековите права, каде што се гради заедништво и каде што никој не смее да биде исклучен затоа што е различен.
Денешната борба не е со пушка. Денес се бориме со збор, со став, со почит и одговорност.
Честит 9 Мај – Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа. Да не заборавиме од каде доаѓаме и каде сакаме да одиме”, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.