Македонија
Денес пак дожд, грмежи и умерен северозападен ветер

Времето во Македонија денеска ќе биде променливо облачно, претпладне со локален дожд и грмежи претежно во источните делови. Ќе дува умерен повремено засилен западен, а во источните делови северозападен ветер.
Во Скопје, променливо облачно, во раните претпладневни часови со услови за повремен дожд. Ќе дува умерен северозападен ветер.
Утре времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и температури до 35 Целзиусови степени. Ќе дува слаб до умерен ветер од северoзападен правец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски: Благодарение на СДС и ДУИ преговорите со ЕУ не може да бидат блокирани затоа што никогаш и не почнаа

Денес Венко Филипче повторно зборуваше за преговорите со ЕУ, како тие да се блокирани. Но вистината е тажна и едноставна – благодарение на СДС и ДУИ, тие преговори не можат да бидат блокирани, затоа што никогаш и не започнаа, напиша министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски на „Фејсбук“.
„Од нас нема да слушнете големи зборови без покритие и празни чекори во сегашноста. Нашата задача не е да нудиме изговори, туку резултати. Затоа ја движиме државата напред – таму каде што ѝ припаѓа: во Европа. И тоа не е слоган, туку реалност што ја градиме преку конкретни проекти: бесплатен роаминг за нашите граѓани во ЕУ, зелени ленти за нашите превозници, пристап до европскиот единствен систем за плаќање, партнерство во безбедноста и одбраната со ЕУ. Тоа се вистински реформи, а не празни флоскули.
Оттука, Венко е во право: зборувам и работам и за поевтин роаминг за македонските граѓани. Но зборувам и за зачуван идентитет, достоинство и гордост. И да, не зборувам за виткање кичма, за администратори, за договори под маса, за прифаќање уцени или ултиматуми, како што тие го правеа тоа. Тука има разлика – и граѓаните ја гледаат таа разлика.
И токму затоа ја повикувам опозицијата да дејствува рационално и разумно. Да не штети на европскиот процес, туку да помогне преку реформите дома. Затоа што ова не е борба за лични или партиски интереси. Ова е борба за граѓаните, за државата, за иднината. И ќе напредуваме само ако сите заедно ги ставиме државните пред партиските интереси“, напиша Муцунски.
Македонија
Меџити: Од ОУ „Конгреси и манастирит“ почнуваме со имплементација на едносменско учење во Чаир

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Мехмети, го посети Основното училиште „ Конгреси и Манастирит “ по повод почетокот на новата учебна година.
Меџити, пред наставниот кадар и учениците на ова училиште, изјави дека првиот чекор кон европско образование во Чаир започнува токму од ова училиште, каде што од денес започна имплементацијата на едносменска настава.
„Денес, на првиот ден од учебната година, го правиме првиот конкретен чекор кон европско образование вчо Чаир: започнуваме со настава во една смена во ОУ ‘Конгреси и Манастирит’. Ова не е само најава – ова е реализација. Ова е доказ дека нашите проекти и ветувања имаат кредибилитет и тежина, и дека работиме сериозно, со план и одговорност“, изјави Меџити.
За децата, ова значи поквалитетна настава, интерактивни часови и проекти, повеќе спорт и култура, безбеден и мотивирачки амбиент, рече Меџити, и додаде дека за родителите ова значи гарантирана грижа и безбедност, помалку стрес и подобро планирање на работниот ден, како и редовна и транспарентна комуникација со училиштето.
„За наставниците, ова значи обука за современи методи, користење на дигитални алатки и инклузивни практики, јасна организација на работниот ден и стимулативен систем за резултати и професионален развој“, додаде Меџити.
Првиот вицепремиер Меџити најави дека пилот-моделот во „Конгреси и Манастирит“ ќе се прошири, според јасен календар, и во другите училишта. Во рок од четири години, најави тој, Чаир ќе стане општина во која сите основни училишта ќе функционираат со едносменска и целодневна настава.
Македонија
Јаневска: Во училиштата се гради иднината на Македонија

Денес започнува новата учебна година и во училиштата повторно се враќа детската радост, среќа, љубопитност и натпреварувачка атмосфера. На сите ученици и на нивните семејства, на наставниците и стручните соработници им посакувам среќен почеток и многу успеси во деновите што следат. Сигурна сум дека секој може да ги постигне своите цели, да ги исполни обврските и одговорностите со добро здравје и доволно труд. Ова е пораката која по повод стартот на учебната 2025-2026 година ја испрати министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Таа заедно со премиерот, Христијан Мицкоски и градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски го посетија основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“, каде на првачињата им доделија ранчиња, униформи и нови учебници.
Јаневска посочи дека Владата и Министерството за образование и наука, заедно со другите надлежни институции и локалните самоуправи се погрижија да бидат обезбедени сите услови за добар старт и квалитетна настава. Како што рече, обезбедени се учебници за сите ученици и ова повеќе нема да биде предмет на дискусија.
Јаневска кажа дека се направени крупни инвестиции во инфраструктурата онаму каде беше најнеопходно, а најави и дека инвестициите во подобри училишта и спортски сали ќе продолжат во периодот што следи.
„Започнува образованието за вештачка интелигенција. Се воведува формално образование за учениците кои се на подолго болничко лекување, а золемен е бројот образовни асистенти во основното и за прв пат се воведува образовна асистенција и во средното образование. Во употреба е пуштен и нов електронски дневник, кој повеќе нема да ја попречува работата на наставниците“, рече таа.
„Преостанува на учениците да учат, да истражуваат, да прашуваат, да наоѓаат и споредуваат извори на знаења и информации и секако да градат пријателства со нивните врсници. А на наставниците, кои се столбот на образованието, заедно со родителите и старателите на учениците, останува да продолжат да им го трасираат патот кон успехот на новите генерации и да ги учат на вистинските вредности“, рече министерката, повикувајќи на сплотеност во градењето на училишта исполнети со знаење и почит и на средина во која младите ќе сакаат да останат и да го вложат својот потенцијал.