Македонија
Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг
Денеска, ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат Максим Димитриевски. Иако е јасно дека не влегува во вториот круг, Димитриевски првиот круг од изборите го смета за голем успех.
„Можам да потврдам дека се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок во државата, која во следниот период имаме намера дополнително да ја потврдиме и надградиме, со цел еден ден граѓаните да имаат можност да изберат нешто ново“, рече Димитриевски.
На противкандидатите им честита за успехот и се заблагодари на можноста да води кампања за која рече дека не била еднаква за сите оти законот што е во сила не дава еднаква можност за медиумско претставување на сите партии.
Рече дека се гордее на секој глас што го добиле како партија регистрирана пред само три месеци.
„Факт е дека јас како кандидат и ЗНАМ освоив повеќе од 80.000 гласа. Регистриравме субјект што постои нешто повеќе од три месеци и со граѓанската поддршка се етаблира на трето место во политичкиот блок. Сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба. Јас не се сеќавам дека во историјата на плурална Македонија имало вакви примери, да имате партија со некаде три и пол илјади члена, а да освоите над 80.000 гласа. Искрено, се гордеам на секој глас што дојде како поддршка за мене и ЗНАМ. И покрај тоа што трендовите се тие, десницата добива, а левицата губи, единствено десницата доживеа пораз во бастионот на асномска Македонија, а тоа е Куманово“, рече Димитриевски.
Им порача на сите политичари дека треба да учат од овие избори оти граѓаните дале јасна насока каде сакаат да се движи државата, а посебна порака упати до Стево Пендаровски, кој има 100.000 гласа помалку од Гордана Силјановска-Давкова.
„Почитуван мој претседателе, разликата е огромна. Доколку сакате да опстанат централната и левата идеја во државата, откажете се од оваа битка и оставете нѐ да победиме во име на граѓаните во вториот круг“, порача Димитриевски.
Кога ќе завршат парламентарните избори, Димитриевски е уверен дека ЗНАМ ќе биде политички фактор за стабилност во државата, без кој нема да може да се формира идната влада. Најави дека кога ќе ги почнат преговорите за формирање парламентарно мнозинство, на сите политички партии ќе им ги испорачаат нивните предлози за црвените линии на македонскиот народ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кандидатката за претседател проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова утринава положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас
Утринава, кандидатката за претседател на Република Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова оддаде почит кон ликот и делото на апостолот на Македонската револуционерна борба, Гоце Делчев со положување на цвеќе на неговиот гробот во црквата Св. Спас на Скопоското Кале.
– Никој нема право да се откажува од апостолот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев . Никогаш нема да дозволиме некој во наше име да ја фалсификува македонската историјата во која нема место за Гоце, Даме, Јане, Питу и сите други кои ги удриле темелите на македонската држава. Денот на смртта на Делчев не потсетува колкава е жртвата на нашите претци кои ги дале своите животи за ние да живееме во своја држава. Истовремено овој ден паметник е можност да оставиме аманет на идните генерации да ја продолжат борбата за македонска држава која никогаш не запира. Македонија е како куќа, ако не ја одржувате таа ќе се руинира, затоа треба да ги поправаме или менуваме расипаните делови за куќата наречена Македонија да биде функционална и удобна за сите. Немаме против и други да го слават Гоце Делчев затоа што тој бил човек кој има вредност за сите луѓе и кои се почитуваат себе си, своите идеали и во случајот со Гоце, својот македонски народ. Она што очекуваме од сите што го слават да го прифатат фактот што неговиот сон да биде закопан во независна македонска држава е остварен со помош на бугарската држава која во 1946 година помогна да се пренесат посмртните останки на Гоце во неговиот вечен дом овде во Свети Спас, – рече проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова во однос на делото на Гоце Делчев.
Македонија
Лукаревска: Оддаваме почит на ликот и делото на Гоце Делчев, неговиот аманет е и за идните генерации
Заменик претседателката на СДСМ и носителка на листа во изборната единица 3 од СДСМ и Коалицијата за европска иднина денеска даде изјава за медиуми во која што посочи дека СДСМ оддава почит на ликот и делото на великанот Гоце Делчев, а неговиот аманет е за сегашните и за идните генерации.
„Денеска оддаваме почит на ликот и делото на Гоце Делчев. Неговиот аманет е и за сегашните и за идните генерации. Делчев е симбол на единството и државотворноста, се борел за слободна и просперитетна држава. Ние сме тие коишто неговиот аманет ќе треба да го продолжиме во иднина“, рече Лукаревска.
Македонија
Владина делегација положи свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев – одбележана 121 годишнина од неговото загинување
Владина делегација предводена од министерката за одбрана Славјанка Петровска заедно со министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова со положување цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје, ја одбележа 121 годишнина од загинувањето на идеологот и синонимот за народна борба за слобода.
Пред саркофагот на великанот се поклонија и му оддадоа почит и Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски и делегациите на Собранието, на Армијата, на Сојузот на борците, на дипломатскиот кор, на политичките партии како и други почитувачи на делото на Гоце Делчев.
Денес се сеќаваме на големото дело на Гоце Делчев како срцевина на македонската револуционерна и интелектуална борба за македонска држава која е еднаква за сите. Тој се бореше и го положи својот живот за слободна и независна Македонија, неговите идеали и заложби се наша заедничка обврска да продолжиме да градиме демократска и економски напредна земја. Вечен останува споменот на великанот на македонското револуционерно дело и државност Гоце Делчев.