Македонија
Димитров да објасни зошто е против позициите за Бугарија за кои и самиот придонесе, реагира кабинетот на Заев

Македонските позиции за преговорите со Бугарија се изградени низ сеопфатен консултативен процес и работни состаноци во кои Никола Димитров имаше активна и суштинска улога и за кои придонесе со своите ставови, реагира кабинетот на премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата на заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров.
Од кабинетот на Заев велат дека Северна Македонија има јасни позиции во разговорите со Бугарија, изградени со целосно владино единство и испратени како одговор од нашето МНР до бугарското МНР. Се наведува дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик воопшто не се тема на разговор помеѓу нас и Бугарија.
„Македонските позиции дадени како наш одговор по однос на темите кои се предмет на разговори со Бугарија, за кои јавноста е добро запознаена, се изградени низ сеопфатен консултативен процес и работни состаноци во кои Никола Димитров имаше активна и суштинска улога и за кои придонесе со своите ставови, а пак таквите наши позиции се целосно на линија на португалскиот предлог кој беше предлог и на словенечкото претседателство, но и целосно во согласност со Резолуцијата усвоена во Собранието на Северна Македонија. Со македонските позиции во овие преговори се согласи и Никола Димитров, впрочем тој имаше сериозен удел во создавањето на тие наши позиции, низ процесот кој го водеше министерот за надворешни работи, Бујар Османи“, се наведува во реакцијата на кабинетот на Заев.
Оттука додаваат дека доколку Димитров е против што било од позициите кои биле заеднички изградени, чесно е заради народот да го каже тоа и да објасни зошто. Во спротивно, велат од кабинетот на Заев, останува само впечатокот дека неговото неучество во идната влада е причина за ваквите неточни и шпекулативни јавни манифестации со цел од напред да се става товар на недоверба во владата, се додава во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Имаме најскапи патарини во регионот, а ужасни патишта: пратениците да гласаат за нашиот предлог за 50 % поевтини патарини“, бара партијата Левица

„На 19 март, во Собранието ќе се гласа за предлог-законот на пратеничката група на Левица, кој предвидува намалување на патарините за 50% и нивно законско регулирање, со што Владата повеќе нема да може произволно да ги зголемува цените и бројот на патарините“, велат од партијата Левица.
„Македонија има највисоки цени за патарини во регионот, а квалитетот на патиштата останува на незавидно ниво. Наместо модерна и безбедна патна инфраструктура, граѓаните секојдневно се соочуваат со неодржувани и неосветлени патишта полни со кратери, несоодветна сигнализација и небезбедни услови за возење. Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) на годишно ниво генерира огромни приходи кои треба да се користат за подобрување на инфраструктурата, но реалноста покажува дека тие средства не се трошат соодветно, па имаме опасни патишта кои убиваат.
Особено во време на висока инфлација и драстично намален животен стандард, дополнителниот товар од високите патарини претставува неправеден финансиски притисок врз граѓаните. Овој предлог-закон е разумно решение кое ги штити интересите на народот и овозможува транспарентност во начинот на определување на цените за користење на јавните патишта.
Инаку, ваков предлог-закон Левица предложи и во минатиот мандат, во 2022 година. Тогаш пратениците од ДПМНЕ го поддржаа предлогот, а владејачкото мнозинство составено од СДСМ и ДУИ го одбија.
Ги повикуваме пратениците во среда, 19 март, да покажат демократска одговорност и да го поддржат ова законско решение. Пратениците од ДПМНЕ мораат да се вразумат и да престанат со нивната заслепеност од ароганција. Предлогот е поднесен од пратеничката група на Левица која зад себе има легитимитет од околу 70.000 граѓани, а барањето за поевтини патарини и крај на ваквиот грабеж е оправдано барање на народот“, соопштуваат од партијата Левица.
Македонија
СДСМ: Милиони во омилени фирми на власта, до кога ќе молчи Јавното обвинителство за тендерските шеми на ДПМНЕ?

СДСМ јавно прашува: До кога Јавното обвинителство ќе молчи за тендерските шеми и скандали на ДПМНЕ?
„Случаите со милионските зделки на општините и институциите под нивна контрола, како и договорите склучени само со едни исти омилени форми, кои најчесто ги добиваат тендерите и се јавуваат како единствени понудувачи е основен сомнеж за корупција. СДСМ објави документи и факти дека една фирма, преку неколку општини и институции во последните 3 години има добиено тендери вредни над 4,5 милиони евра“, велат од партијата и додаваат:
„Претходно објавивме документи и факти за друга фирма омилена на власта, која во четири години добила 50 тина тендери вредни 10 милиони евра, речиси сите од општини под контрола на ДПМНЕ. Како е можно едни исти фирми да бидат победнци на толку многу тендери во општини и институции кои ги води ДПМНЕ?“
СДСМ бара итна реакција од надлежните органи.
„ЈО мора да постапи, а јавноста заслужува одговори – кој профитира од овие сомнителни тендери?“, завршуваат од СДСМ.
Македонија
„Огромен интерес и внимание за македонската делегација на глобалниот самит во Баку“: Сиљановска и Божиновска во центарот на глобалните дискусии

Огромен интерес за македонската делегација на XII Global Baku Forum – присуството на македонската делегација, официјалните и неформалните средби на претседателката Гордана Силјановска-Давкова и министерката Сања Божиновска со актуелни и поранешни светски лидери предизвикаа внимание од медиумите и меѓународните институции, известува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Претседателката и министерката учествуваат на престижниот меѓународен самит, каде што на истата маса со сегашни и поранешни државници, претставници на глобални институции и стратешки партнери разговараат за иднината на светскиот поредок.
Овој форум, под наслов ’Rethinking World Order: Turning Challenges into Opportunities‘, собира клучни лидери и експерти од различни сектори за да дискутираат за актуелните глобални предизвици и можности.
Учеството на овој форум е значајна прилика за Македонија да се позиционира како активен учесник во глобалните дискусии. Темите на дискусијата, од геополитика до енергетска безбедност и нови технологии.
„Имаме многу да понудиме и да научиме во контекст на енергетската соработка и иновациите. Заедно, ќе создадеме одговорни партнерства и ќе ја истакнеме улогата на средните сили во новиот мултиполарен свет“, истакна министерката Божиновска.
Во рамки на самитот, министерката Божиновска размени мислења со истакнати меѓународни лидери, вклучително и поранешниот претседател на Србија Борис Тадиќ, поранешната претседателка на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ, како и Амир Досал, кој беше директор на Фондацијата за ОН.
Огромен интерес од страна на медиумите за македонската делегација, која ја предводи претседателката Силјановска-Давкова, е потврда за значењето на нашето учество на форумот. Разговорите со влијателни меѓународни актери отвораат нови можности за продлабочување на економските и енергетските врски на Македонија со светот.
XII Global Baku Forum е еден од најзначајните меѓународни настани, каде што се креираат глобални стратегии и партнерства. Фокусот на годинашниот форум е мултиполарниот свет, економските и геополитичките предизвици, како и иновативните решенија за иднината.
Македонија ја зацврстува својата позиција на глобалната сцена, се додава во соопштението на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.