Македонија
Димитровски: Како Совет имаме обврска да се бориме за почист воздух на скопјани
„Првата битка е итно да обезбедиме чист воздух во просториите во кои престојуваат ранливи групи во текот на зимата, а втората би рекол не е битка туку војна, е да поставиме добри основи за војна со загадениот воздух во нашиот град. За подобар квалитет на воздухот во просториите, потребно е да им обезбедиме на домаќинствата сигурен извор на топлина, како би можеле да ги заменат ќумбињата, печките на дрва со централно греење, да обезбедиме соодветна вентилација и филтрација на воздухот преку системите за греење, ладење, климатизација во градинките, училиштата и болниците, и не е за занемарување тоа што овој Совет изгласа да се купат прочистувачи за воздух за 400 училници во средните училишта во Скопје, тие се набавиме и ќе бидат дистрибуирани во текот на овој месец“, истакна Даме Димитровски претседател на Советот на град Скопје, на денешната вонредна седница на Советот.
Димитровски посочи дека во борба со загадувањето, индустријата треба да примени европски практики во мерењата и јавноста на податоците, а градот и општините да ги зголемат инспекциските надзори.
„Индустриските капацитети во Скопје, се наши соседи и мора да покажат чесност, преку јавно и транспарентно прикажување на континуирани мерења. Бараме од индустријата да примени европски практики во технологијата, во мерењата и јавноста на податоците. Малите и средни претпријатија имаат на располагање неколку понудени програми во кои може да искористат субвенции и од државата за намалување на потрошувачката на енергија, за подобрување на ефикасноста и намалување на загадувањето. Градот и општините треба уште посилно да притискаат и со едукација и со превенција, но и со инспекциски надзори секаде каде имаат надлежност и дополнително, при донесувањето на планската документација, чистиот воздух, и моделирањето на движењето на воздухот треба да станат обврска и за градот и за општините. Ние како Совет имаме обврска да се бориме за она што им е потребно на скопјани“, рече Димитровски и додаде:
„Ќе мора да има мониторинг на сите големи загадувачи, вклучувајќи ги индустријата, домаќинствата, сообраќајот, дивите депонии, и хорека индустријата. Затоа уште на почетокот на 2026, бараме да се започне со подготовка на План за борба со аерозагадувањето. Во овој план бараме да се анализира влијанието на сите загадувачи, да се регистрираат сите оџаци во котлината, да се анализира влијанието на досега спроведените мерки во изминативе години, да се дефинираат мерки и акции кои можат да му помогнат на градот. Ние, Советот на град Скопје треба да бидеме строга контрола на планови кои ќе придонесат за поголемо загадување, но и ветер во грб за секоја акција која ќе го намали загадувањето“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

