Македонија
ДОМ: Граѓаните немаат време да чекаат дислокација на „Усје“, на Скопје му треба чист воздух денес
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја поздравува Одлуката на Советот на Град Скопје за поднесување иницијатива за дислокација на тешката индустрија.
„Тоа е легитимна долгорочна визија за хуман град, која ја поддржуваме како крајна цел. Сепак ДОМ како одговорна зелена партија мора да предупреди на реалноста: дислокацијата на капацитет како „Усје“ е исклучително сложена правно-финансиска операција која дури и да започне веднаш би траела со години. Тука се отвораат прашања за надлежностите, цената на експропријацијата и правните лавиринти за кои во моментов нема ниту временска рамка, ниту финансиска конструкција. Граѓаните на Скопје немаат време да чекаат правни разрешници. Белите дробови на нашите деца се полнат со отрови сега, оваа зима“, велат од ДОМ.
Затоа, смета партијата, додека се трасира тој долг пат за дислокација, ДОМ инсистира на итна примена на конкретни мерки кои даваат резултат веднаш.
„Бараме од Владата и МЖСПП итно спроведување на следниот пакет мерки:
1. Јавен мониторинг во реално време – право да знаеме што дишеме:
Мерењата на емисиите од оџаците не смеат да бидат „интерна тајна“ на компанијата или достапни само за инспекторите. Бараме системот за мониторинг да биде директно поврзан со веб-страницата на МЖСПП со 24-часовен јавен пристап за сите граѓани. Податоците мора да се гледаат во живо, без можност за филтрирање или одложено прикажување. Јавноста мора да има увид во секој момент дали се надминати граничните вредности.
2. Временско поместување на ремонтите:
„Усје“ да се обврзе со законски акт годишните ремонти (запирање на печките) да ги врши исклучиво во декември и јануари. Ова е бесплатна мерка која веднаш ќе го намали товарот врз воздухот во најкритичните месеци на температурна инверзија.
3. Стоп за алтернативни горива:
Итна забрана за користење на пластика, текстил и гуми како енергенс. Додека фабриката е во населено место, мора да работи исклучиво на гас.
4. Технолошка надградба – „Влажни испирачи“:
Задолжително вградување на влажни испирачи (scrubbers) за фаќање на киселите гасови и честички. Ова е стандард кој мора да се исполни без одлагање доколку не се користи гас.
5. Жестока контрола на „малите оџаци“:
Загадувањето не е само од индустријата. Потребни се итни, засилени контроли на сервисите и погоните кои горат отпадно масло и лакиран дрвен отпад. На испекторите да им се обезбеди современа опрема за индикативни мерења. За ова ни треба силен Инспекторат за животна средина (ДИЖС), предводен од докажан професионалец од техничките науки со искуство во индустријата,а не партиски кадри кои не ги познаваат процесите“, велат од ДОМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
УЈП: Обврската за пријавување и оданочување на доход од странство не е нова законска мерка, пропустите во минатото се прашање на претходни раководни структури
Управата за јавни приходи во врска со најавениот протест во Куманово за ретроактивно оданочување на приходи остварени во странство, известува дека постапувајќи согласно Уставот, законите и меѓународните договори што ја обврзуваат Република Северна Македонија, има обврска да обезбеди еднаква примена на законските правила за сите граѓани.
„Затоа, пред сè, сакаме јасно и недвосмислено да појасниме дека согласно Законот за данок на личен доход, обврската за пријавување и оданочување на доход остварен од странство не претставува нова законска мерка, ниту одлука донесена во текот на оваа година која би се применувала ретроактивно. Законската регулатива за оданочување на доходот од странство постои од секогаш и е усогласена со универзалниот принцип кој постои во секоја даночна јурисдикција според кој секој даночен резидент целокупниот свој светски доход го оданочува во државата во која е резидент“.
Фактот, како што велат, што во минатото оваа обврска не била доследно применувана и некои граѓани не го пријавувале својот доход, а Управата за јавни приходи тоа не го контролирала, не значи дека законската обврска не постоела, ниту дека може да биде изземена од законската примена.
Управата за јавни приходи нагласува дека постапува во рамки на своите законски надлежности, а евентуалните пропусти во минатото се прашање на претходни раководни структури.
„Управата за јавни приходи е свесна дека кај дел од граѓаните кои добија известувања во врска со доход остварен од странство се појавуваат чувства на несигурност и загриженост затоа што можеби немале целосни или јасни информации за тоа дека согласно закон имаат обврска да го пријават овој доход, додека други граѓани сепак ја исполнувале својата обврска. Но, во целиот процес Управата(УЈП) пристапи целосно транспарентно, со јасни и целосни информации од каде произлегува законската обврска и објаснувања чекор по чекор како правилно да се поднесе пресметка, да се достави документација и да се изврши уплата на данокот, без стрес и без потреба граѓаните физички да доаѓаат во организационите единици на УЈП“.
Известувањето од УЈП кое го добија граѓаните, појаснуваат од оваа институција, претставува повик за појаснување, проверка и утврдување на фактичката состојба согласно со законот, односно можност да достават докази заради правилно утврдување на даночната обврска.
„Нагласуваме дека резидентите кои за остварениот доход веќе платиле данок во странство нема да бидат двојно оданочени. Законот и договорите за одбегнување на двојно оданочување овозможуваат признавање на платениот данок во странство како даночен кредит, или враќање на платениот данок во странство врз основа на докази, со што се обезбедува правичен и законски третман на сите граѓани без исклучок. Во крајна линија, граѓаните кои сметаат дека се повредени нивните права во даночната постапка која се спроведува сега, имаат можност за користење на редовни правни лекови. Крајната цел на овој процес е, не само да се плати данокот што сега се должи, туку овие граѓани да бидат целосно информирани и да се вклучат во даночниот систем преку редовно, навремено и точно исполнување на даночните обврски понатаму. Во овој процес кој Управата за јавни приходи го спроведува, суштински е принципот на еднаквост на сите пред законот. Сите граѓани кои се даночни резиденти имаат еднакви обврски и еднакви права“.
Според УЈП, прашањето не е само во контекст на даночната усогласеност и правично оданочување, туку има и пошироки и покомплексни аспекти.
Оценуваат дека Ууедното пријавување на доходот е важно за да се спречи стекнување личен имот од неоданочени средства и да постои правичност во користењето на јавните добра и услуги кои се достапни до сите граѓани.
„Лицата-резиденти кои остваруваат доход од странство, а не го пријавуваат, системот не ги препознава како граѓани кои остваруваат доход, што при остварување на социјални и други права на овие лица и членови на нивните семејства може да создаде нерамноправност во однос на оние кои редовно ги пријавуваат своите доходи и го плаќаат данокот. Средствата од буџетот се наменети за заеднички потреби на сите граѓани на Македонија, но секој треба да учествува во собирањето на овие средства преку плаќање на даноците согласно со закон. Управата за јавни приходи останува посветена на мисијата да обезбеди фер и праведно оданочување и владеење на правото како императив во општеството“.
Македонија
Мицкоски: Набавени се нови 120 полициски возила за униформираната полиција
Безбедноста и расчистувањето на криминалот и корупцијата во државата се наш врвен приоритет како Влада, а Министерството за внатрешни работи е нераскинлива алка во тој еден процес, истакна премиерот Христијан Мицкоски на промовирањето на новите возила за униформираната полиција.
„Би сакал да им честитам на вработените во Министерството, на министерот, на луѓето коишто го водат ова Министерство, за успешно завршената набавка, за успешно завршениот проект и она коешто за мене е многу важно, е што, се подобрува мобилноста на припадниците на Министерството за внатрешни работи“.
Најави дека владата ќе продолжи да ги поддржува таквите проекти.
Им честиташе на вработените и посака истите што помалку да се користат, бидејќи тоа, како што рече ќе значи дека ќе има што помалку криминал и криминалци.
Македонија
(Видео) Филипче: Власта прави обиди за уривање на СДСМ одвнатре
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешен брифинг со медиумите изјави дека ВМРО-ДПМНЕ спроведува синхронизирана и временски координирана акција за уривање на СДСМ одвнатре, токму во период кога партијата, како што рече, отвора прашања за криминал и корупција во врвот на власта.
Филипче наведе дека во јавноста се активирале поранешни функционери и лица кои повеќе не се дел од СДСМ, вклучително и лица кои преминале во ЗНАМ, и оцени дека тоа не е случајно.
Тој тврди дека СДСМ располага со информации за директна вмешаност на ВМРО-ДПМНЕ во овие активности и посочи сомнежи за финансиска поддршка во позадина, при што ја спомена и Алта банка.
Филипче порача дека СДСМ нема да дозволи да биде замолчена и дека ќе продолжи со, како што рече, борбата за правда и одговорност.

