Македонија
Дурмиши: Утре стапува во сила Законот за нефер трговски практики, очекуваме дополнително намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи
„Законот за нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи започнува на 28 септември 2024, односно утре.
Тоа значи дека утре е крајниот рок до кој купувачите и добавувачите треба да склучат нови договори за снабдување на земјоделски и прехранбени производи во кои на 10% е ограничен рабатот и дополнителните трошоци односно надоместоци. Листата на земјоделски и прехранбени производи содржи 2548 тарифни броеви. Тука се производите кои се со 5% ддв и 10% ддв, кажа во изјава за медиуми министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Како што информираше министерот Дурмиши, надоместоци се дозволени не повисоко од 10% од остварениот промет во тековната година, за:
-ставање на полици на продажното место на купувачот,
-рекламирање на земјоделски и прехранбени производи,
-маркетинг на земјоделски и прехранбени производи,
-ангажирање на персонал за опремување на просториите на купувачот во кои се врши продажба на земјоделски и прехранбени производи
-рабат (национално утврдување)
„Сакам да потенцирам дека овој закон не ја регулира трговската маржа, туку ги забранува дополнителните трошоци (надоместоци) кои добавувачите морале да ги плаќаат за нивните производи да се продаваат од купувачите. Со примена на овој закон очекуваме резултати на долг рок и намалување на цените на овие производи на листата од најмногу 10%, односно првите резултати со намалени цени ги очекуваме до крајот на октомври кога очекуваме дека ќе се потрошат залихите од претходните договори и ќе почнат да се продаваат производите согласно новите договори. Законот како што знаете донесен е на 20 март 2024 година и трговците и добавувачите имаа рок од шест месеци да ги усогласат договорите, односно да склучат нови договори, не подоцна од 27 септември. Што значи дека од утре почнува и ефективната примена на овој Закон“ кажа министерот.
Овој Закон е носен во соработка со сите засегнати страни, односно со трговците, производителите и дистрибитерите и нема да има одложување на неговата примена.
Контролата за промена на овој Закон ја врши Комисијата за заштита од конкуренција.
„Во координација Комисијата за заштита од конкуренција во наредните три месеци, односно до крајот на годината за да излеземе во пресрет на сите засегнати страни, доколку се утврди дека при склучување на новите договори не се испочитувани одредбите на Законот ќе има опомени, односно нема да се преоѓа веднаш на казнување. Односно во следниот период од 3 месеци односно до крај на 2024 година, ќе се соработува со компаниите за да утврди дали се правилно склучени договорите односно дали се опфатени соодветно одредбите од законот. Од 2025 година ќе се вршат редовни контроли од Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Во меѓувреме со цел да ги заштитиме граѓаните од ценовни шокови додека да почнат да се чуствуваат првите резултати од Законот за нефер трговски практики ја донесовме одлуката за ограничување на маржата на 10% во трговија на големо и трговија на мало на 73 основни прехранбени производи. Одлуката се спроведува, односно според првичните анализи на Министерството за економија цените на овие производи се намалени во просек од 5-10% Кај некои производи намалувањето е помало, а кај некои производи и го нема затоа што кај овие производи маржата не била повисока од 10%“, посочи Дурмиши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Орбан го пукна балонот на СДС, парите за кредитот се европски, а не кинески
Орбан го пукна балонот на СДС, парите за кредитот се европски, а не кинески. СДС со денови и месеци шири лаги дека парите од унгарскиот кредит се кинески, сега сите нивни лаги се распрснаа. Богданка Кузеска велеше: „Парите за унгарскиот кредит се всушност кинески пари”, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Вчера премиерот на Унгарија, господин Виктор Орбан јасно кажа: ” Она што се однесува до заемот, кинески заем не можеме да даваме, кинески пари не можеме да даваме. Бидејќи ние со Кина имаме договор сите пари кои доаѓаат од Кина одат на конкретни проекти за развој во Унгарија. Значи кинески пари не можеме да даваме, европски пари можеме и тие ќе ви ги даваме.” Условите од кредитот се исклучително поволни за Македонија. Со каматна стапка од 3.2%, ги добиваме најдобрите услови на пазарот моментално. Дополнително рокот за отплата е 15 години, од кои 3 години се грејс период. Стопанството ќе добие 250 милиони евра од тие пари по истите услови по кои и зема државата. Општините ќе ги добијат остатокот од 250 милиони евра, кои ќе бидат наменети за капитални проекти. СДС се противи на развојот, СДС сака Македонија да стагнира, затоа се против Унгарскиот кредит, а во истовреме се и лицемерни, затоа што нивните градоначалници први поитаа да конкурираат за парите кои ќе ги дава владата. СДС се прочитана книга. Македонија економски ќе се трансформира и тоа СДС не може да го запре“, велат од партијата.
Македонија
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари средба со ЕУ Амбасадорот Рокас
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, одржа средба со новиот ЕУ Аамбасадор, Н.Е. Михалис Рокас. На овој состанок се разгледаа тековните и планираните иницијативи на Министерството, со акцент на реформите во јавниот сектор.
Двајцата соговорници истакнаа значајната улога на Европската Унија како клучен партнер во напорите за подобрување на јавната администрација. Министерот Минчев посочи дека оваа средба е значаен чекор кон создавање на професионална и квалитетна јавна администрација, која ќе служи на граѓаните.
Амбасадорот Рокас потврди дека ЕУ е подготвена да обезбеди поддршка и ресурси за реформите, кои ќе имаат позитивен ефект не само на вработените во јавниот сектор, туку и на целото општество. Тој нагласи важноста на редовниот дијалог за поддршка на реформите, со цел подобрување на јавната администрација.
Министерот Минчев нагласи дека владата чекори по европскиот пат и дека нема друга алтернатива. Соработката со ЕУ е клучна за креирање квалитетни закони, кои ќе бидат ефективно имплементирани во иднина.
На крајот, Министерот Минчев го запозна Амбасадорот Рокас со активностите на Министерството за јавна администрација во изминатите 90 дена. Амбасадорот ги поздрави напорите на Министерството за јавна администрација и целата Влада за почетокот на реформската агенда , како и планот и роковникот за истата.
Македонија
Склучен Меморандум за соработка помеѓу Државниот завод за статистика и Царинската управа
Државниот завод за статистика електронски ќе ги презема податоците за надворешна трговија од Царинската управа. Ова е утврдено со Меморандумот за соработка, што беше потпишан од страна на директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков и директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.
„Преземањето на податоците од Царинската управа преку веб-сервиси е особено важно за обезбедување навременост и заштита на податоците како и понатамошно хармонизирање, модернизирање и унапредување на системите“ истакна Станков.
Директорот Станков, на денешното потпишување на Меморандумот, потенцираше дека институцијата вложува напори за дигитализација на процесите и зголемено користење на административните извори при продукција на официјалните статистички податоци.
Меморандумот е во насока на унапредување на меѓуинституционалната соработка преку размена на податоци и повисок степен на дигитализација.
„Царинската управа е посветена на процесот на унапредување на меѓуинституционалната соработка, што крајно треба да ни овозможи креирање одржлив економски раст. Ваквиот чекор е само дел од нашите заложби за заедничко делување во насока на подобрување на условите за водење бизнис. Сетовите на податоци што ги обезбедуваме во делот на надворешно трговската размена овозможуваат компаниите да направат истражување на пазарот и дефинирање на нивните стратегии, за економски студии, но и за унапредување на трговските политики на државно ниво“, истакна директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.
И двете страни ја искажаа својата заложба за натамошно продлабочување на соработката, а потпишувањето на Меморандумот ги зајакнува и унапредува веќе воспоставените практики на размена на информации и податоци.