Македонија
Душан Миљуш од „Јутарњи лист“: Не контактиравме лично со градоначалникот туку со неговиот кабинет, пред директорката бришевме фотографии

По реакциите во јавноста за посетата на „Јутарњи лист“ во училиштето каде учеше убиената Вања Ѓорчевска, „Макфакс“ побара одговори од редакцијата на хрватскиот медиум. Поставивме неколку прашања за да нѝ раскажат што се случувало во „Јохан Хајнрих – Песталоци”. Одговор добивме од авторот на самиот текст, Душан Миљуш, кој бил во Скопје. Неговиот одговор ви го пренесуваме во целост:
„Дента пред да тргнеме за Скопје, 6 декември, ја контактирав Општина Центар, бидејќи бројот на училиштето Ј.Х.Пестаоци не беше во функција, бидејќи, како што дознав, привремено беше недостапен за училиштето да не се вознемирува непотребно.
Ден 7. Декемри, колега и јас се упативме во училиштето и влеговме во дворот. Затекнавме госпоѓа која очигледно работи во училиштето и ѝ се претставивме: дека јас сум новианар од Јутарњи лист, а колегата е фоторепортер од агенцијата Кропикс и дека само ќе го снимаме букетот којшто го видовме на училишната клупа на влезот. Таа ни рече дека може да го снимаме само тоа и ништо повеќе. Во меѓувреме, од канцеларија излезе госпоѓа која ни се претстави како директорка и побара од колегата да ги избрише сите фотографии што ги направил и тој го направи тоа.
Меѓутоа, ѝ објаснавме на директорката, која инсистираше да го напуштиме училиштето, дека сме новинари од Хрватска, дека дојдовме до тука заради убиството на нивната ученичка, бидејќи тоа е случај кој се следи не само во Македонија, туку дека сите написи беа широко читани и на нашиот портал. Ѝ објаснавме дека ниту училиштето, ниту учениците нема да ги ставиме во било каков негативен контекст, напротив, ќе пренесеме дека тоа е трагедија која ги погодила сите ученици, не само од тоа училиште, како и професорите и целиот персонал. Исто така, ѝ кажавме како на ФБ профилот видовме емотивна порака за убиената ученичка. Директорката Атанасова после тој воведен дел, каде настапи доста авторитативно, дека само таа може да им даде дозвола на медиумите, без обзир кого ние сме контактирале, сепак прифати со нас на кратко да поразговара, а во тој момент наиде и класната наставничка на убиената ученичка. Накратко не запозна со неа, ние разменивме две реченици, а таа си замина. Тоа беше на 7 декември, во 12:20 часот и ние се задржавме максимум 10 минути.
Директорката ни дозволи само да ја снимаме книгата со проштални пораки и букет цвеќе. Со нејзина изричита дозвола и таа книга и фотографија, која ние не ја затекнавме на клупата каде имаше букет, беше донесена од нејзината канцеларија.
Во разговорот ѝ кажавме дека го контактиравме кабинетот на градоначалникот на општина Центар и дека замоливме да се контактира училиштето и ако е можно да не најави за да поразговараме со некој од одговорните лица. На денот кога се упативме во училиштето не можевме лично да го добиеме градоначалникот затоа што бил отсутен од кабинетот, но кога дојдовме во уличиштето ѝ кажавме на директорката дека го контактиравме кабинетот на градоначалникот, на што таа рече „да, знам, ама јас сум таа која единствено може да даде дозвола и никој од медиумите не доби дозвола за разговор, ниту со професорите, ниту со учениците“ (на што не ни инстистиравме). Ѝ се заблагодаривме што ни дозволи да ја снимаме само таа фотографија и накратко да поразговараме и го напуштивме школото, а таа на одење ни даде и монографија на училиштето „Песталоци“ на Кочо В. Костов.
И сфативме дека повикувањето на кој било авторитет над директорката на школото нема да помогне да извршиме разговор со неа и да ја снимаме наведената фотографија, без нејзина дозвола, или било кој од персоналот од училиштето.
Претпоставувам дека единствена причина поради која се нафати да зборува со нас е фактот што сме дојдени од Загреб поради убиството на нивната ученичка, иако притоа на ниту еден начин не излезе од рамките на професионалниот однос со меидумите како директорка во таква деликатна ситуација. Мислам дека никако не може да се донесе заклучок дека градоначалникот на општина Центар бил тој што ни дал дозвола да влеземе во школото, ниту се обидовме, бидејќи од првобитниот настап ни беше јасно дека доколку не постапиме според наредбите од директорката може да имаме проблеми, што никако не ги сакаме.“
Став побаравме и од директорката на училиштето. Испративме прашања на официјалниот меил на училиштето, но одговор, до овој момент, не добивме.
Претходно, градоначалникот Герасимовски за „Макфакс“ рече дека ниту имал контакт, ниту дал дозвола, на хрватски новинари да влезат во училишето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Панихида во спомен на паднатите бранители од воениот конфликт во 2015 година

Во Соборниот храм “Свети Никола” денеска се служеше панихида, во знак на вечен спомен кон припадниците на македонските специјални сили, кои ги загубија своите животи во воената престрелка, во кумановското “Диво насеље”.
Во акцијата пред една деценија, на 9 и 10 мај 2015 година, загинаа осум припадници на безбедносните сили, кои постхумно беа одликувани со орден за храброст.
На црковниот обред присуствуваше и претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, во присуство на преставници од СВР – Куманово и повеќе граѓански здруженија.
Во чест на загинатите херои пред нивното спомен обележје, делегација од општина Куманово предводена од секретарот на Општината Емилија Сларидис – Јаневска положи свежо цвеќе, поклонувајќи се пред нивната храброст, посветеност и пример за зачувување на безбедноста на граѓаните.
Македонија
Мора да се цени фактот што Васил придонесе за ефикасно завршување на постапката и ја призна вината, вели адвокатот Дуковски

Сашо Дуковски, адвокатот на 20-годишниот Васил Јованов, кој на пешачки премин, возејќи без возачка дозвола, смртно ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова, по денешното судење, рече дека очекува да се цени тоа што признал вина и изразил најдлабоко каење.
„Сакам да имате предвид еден многу битен факт – се работи за човек што има 20 години, категорично ја призна својата вина. Ова не е ни првата ни последна сообраќајна несреќа во Република Македонија. Тоа покажува дека таква млада личност е личност со интегритет и дека и неговото семејство е со интегритет и имаше доблест и да признае и да се справи со сите последици што ќе дојдат по неговото признание. Уште еднаш кажувам, да оставиме институциите да си ги донесат пресудите и да донесат одлука врз основа на законот, не врз основа на начелото око за око – заб за заб, тоа што некој го сака. Смртна последица сама по себе е страшна работа, но треба да се индивидуализира и да се цени секој потег во врска со изрекувањето на казната. Особено мора да се цени во духот на законот фактот што Васил придонесе за ефикасно завршување на постапката и ја призна вината, беше кооперативен, соработуваше со судот и изрази најдлабоко можно каење“, рече адвокатот Дуковски.
Адвокатот се надева дека јавноста досега успеала да препознае што е лага во случајот и рече дека има забелешки за сведочењата на оштетениот уште од првиот ден.
„Пресудата ја донесува судот, но јас би кажал една друга работа. Се надевам дека конечно видовте, сето она што беше објавувано оркестрирано дека Васил е убиец, Васил е наркоман, Васил е ѓавол, Васил возел со 170 км/ч, Васил избегал, па не дошол три часа на самото место… Видовте дека сето тоа е една ноторна лага. Цело време за исказите оштетените читаа од своите телефони, што значи дека некој им ги подготвува тие говори, а така настапуваат од првиот ден“, вели адвокатот Дуковски.
На денешното судење Васил Јованов призна вина и рече дека тоа ќе го прогонува цел живот.
Јованов на 29 јануари годинава на булеварот Партизански одреди во Скопје, пијан, минувајќи на црвено светло, на пешачки премин ја удри Кулакова, која почина на самото место.
Семејството на Кулакова побара максимална казна за Јованов, а судот најави пресуда на 13 мај.
Македонија
Измами со превозот на ученици – пријава против ексдиректорка на училиште од Куманово, шест вработени во МОН и две фирми

Полицијата поднесе кривична пријава против поранешна директорка на средно училиште од Куманово, шест вработени во Министерството за образование и наука, две правни лица од Куманово и нивните сопственици за злоупотреба на постапката за доделување договор за превоз на ученици
СВР Куманово поднесе кривична пријава против В.Т. – поранешна директорка ДСУ „Киро Бурназ“ од Куманово, против правно лице од Куманово за превоз на патници и сопственикот Д.П., против В.Д., Д.Б., В.В., Ј.В., Д.Т. и Н.К., сите од Скопје, вработени во Министерството за образование против Б.С. – управителка на правното лице.
Првопријавената В.Т., во текот на учебната 2022/2023 и во текот на учебната 2023/2024 година, додека траела реконструкцијата на училиштето и не се изведувала настава со физичко присуство на ученици, во два наврати спровела отворени постапки за доделување на договор за јавна набавка на услуга – превоз на ученици, во кои постапки било изберено пријавеното превозно претпријатие од Куманово, застапувано од пријавениот Д.П. од Кумнаово, како единствен понудувач и носител на набавката. Д.П., потоа заедно со пријавената В.Т. изготвиле лажни записници за квалитетно и навремено извршена услуга, кои ги потпишале двајцата, па врз основа на лажните записници Д.П. изготвил лажни фактури во кои биле внесени невистинити податоци и како такви биле доставени до Министерството за образование и наука.
Доставените фактури биле одобрени и исплатени од четвртопријавената В.Д., петтoпријавената Д.Б, шестопријавената В.В., седмопријавената Ј.В., осмопријавената Д.Т. и деветтопријавената Н.К.. и покрај тоа што знаеле дека училиштето се реконструира и наставата се одвива без физичко присуство на ученици и наставници. Додека пак пријавената С.Б. – управител на правното лице за книговодствени услуги од Куманово, иако знаела дека изготвените фактури се со невистинита содржина и не се поткрепени со никаква друга задолжителна пропратна документација предвидена со закон, сепак ги книжела во финансиските книги на правното лице за превоз на патници.
На тој начин, сите пријавени им овозможиле на пријавениот Д.П. и правно лице за превоз на патници од Куманово да се стекнат со противправна имотна корист во вкупен износ од 32.620.123 денари на штета на буџетот на РСМ.