Македонија
„Зелен хуман град“ за безбедносната зона околу Собранието: Претставничката демократија е мртва

Како што владата на ВМРО во едно минато мрачно време се огради со метална ограда со шилци од тие што наводно ги претставуваше, така сега сите пратенички групи во Собранието го прават истото со наводната „безбедносна зона“ околу она што би требало да биде дом на демократијата, дом кој би требало да е симбол на владеењето на народот, реагираат од Зелен хуман град за најавата за безбедносна зона околу Собранието.
„Да биде иронијата поголема, најголем дел од пратеничките групи — архитекти на „безбедносната зона“ околу Собранието, беа во првите редови на протестите против оградата околу влада што ја крена ВМРО, а сега сите заедно со ВМРО креваат нови, овојпат невидливи, но еднакво исклучувачки огради околу Собранието за да се заштитат од тие што наводно ги претставуваат.
Како и противуставните измени на Изборниот законик, така и сега, законот со кој ќе се крене „безбедносна зона“ околу Собранието се носи во скратена постапка далеку од очите на јавноста, со амин од сите партии „народни претставници“ во Собранието“.
Според активистите на оваа граѓанска иницијатива, со подигање „безбедносна зона“ околу Собранието што, како што оценуваат, во превод е забрана за јавни народни собири „не само што го кршат Уставот, туку пратениците ни праќаат една единствена јасна порака — претставничката демократија е мртва“.
„Оттука, единствено ни преостанува директно вклучување на народот во процесите на носење одлуки. Да живее директната демократија!
Доаѓа ера на независните! Доаѓа ера на слободоумни граѓани кои на минатите локални избори покажаа дека се способни да се самоорганизираат и да се самопретставуваат во институциите каде што се носат одлуките!
P.S. За сите „најнародни пратеници“ што се обидуваат да спинуваат дека не се работи за забрана за протести околу Собранието, туку наводната цел била спречување изградба на објект во тревникот, што бара тогаш забрана за протести да е вклучена во предлог-законот? И како таа забрана за протести во тревникот ќе помогне да се реализира целта спречување изградба на објект?!
Воедно, го цитираме членот 21 од Уставот во кој јасно е уредено кои се единствените ситуации кога може да се ограничи или попречи јавен собир, макар тоа било и на 2 метри квадратни тревник до Собранието, а во случајов не се работи за 2м2 се работи за над 1 хектар површина!
И едно од побитните прашања: Околу кој друг невоен објект на претставничката демократија постои „безбедносна зона“ и дали оваа „безбедносна зона“ околу Собранието ќе се користи како аргумент за идни „безбедносни зони“ околу останати невоени објекти кои на хартија му припаѓаат на народот, а во реалноста се приватна сопственост на политичките елити од Собранието“, прашуваат од Зелен хуман град
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
До недела многу топло и нестабилно, со услови за локално невреме

Под влијание на влажна и топла воздушна маса од југ до недела (8.6) времето ќе биде многу топло.
Денес и утре, во попладневните часови ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со засилен ветер и појава на град.
Изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи ќе има и в сабота.
Од понеделник времето ќе биде претежно стабилно, а дневната температура ќе биде во опаѓање.
Во Скопје, денес попладне, во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирано невреме со појава на град. Утре, во делови од котлината ќе има услови за пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Надлежните со препорака: во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Македонија
Ѓорѓиевски на одбележувањето на Светскиот ден на животната средина: „Заедно создаваме одржлива иднина“

Градоначалникот на oпштина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, на покана на првиот вицепремиер Изет Меџити, денес присуствуваше на настан по повод Светскиот ден на животната средина. Настанот се одржа под мотото „Заедно создаваме одржлива иднина“ и опфати низа активности насочени кон унапредување на одржливите политики и практики во заштитата на животната средина.
„Денес, на покана на првиот вицепремиер Изет Меџити, присуствував на настанот на одбележувањето на Светскиот ден на животната средина, под наслов ‘Заедно создаваме одржлива иднина’. Програмата вклучуваше конференција со две панел-дискусии кои беа фокусирани на одржливото управување со заштитени подрачја, одржливото управување со отпадот и примената на современите зелени технологии.
Имавме чест да видиме и неколку презентации од учениците од Скопје и Македонија, кои се дел на ГЛОБЕ програмата со мрежата за искуствено учење, со акцент на значењето на искуственото еколошко образование во оформување на свесни и одговорни генерации поддржано од УНИЦЕФ и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Нека заштитата и унапредувањето на животната средина и понатаму останат да бидат врвен приоритет, кој ќе резултира со нови парковски површини на места каде што постојат депонии, со акции за чистење и за пошумување, со едукација за правилна селекција и одложување на отпадот и бројни иницијативи за подигнување на еколошката свест кај граѓаните. Заедно можеме“, истакна претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
МОН со поддршка од партнерски организации ја почна изработката на новата стратегија за образование 2026 – 2032

Повеќе институции, образовни установи, претставници на граѓанскиот сектор и меѓународни партнери на Министерството за образование и наука започнаа со изработка на нова Стратегија за образование која ќе има важност од 2026 до 2032 година. На првата работна средба, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска рече дека документот треба да обезбеди континуитет на тоа што било добро досега, да го модифицира тоа што не ги исполнило во целост очекувањата и да овозможи интегрирање на новите глобални образовни трендови и стандарди кај нас.
„Стратегијата ќе се фокусира на обезбедување еднаков пристап до квалитетно образование за сите, на инклузивноста, грижа за добро ментално и физичко здравје на младите, усогласеност на образовните политики со пазарот на труд, дигитализација, дигитална и медиумска писменост и примена на нови технологии“, рече Јаневска, потенцирајќи дека Македонија мора забрзано да спроведе покрупни промени, имајќи предвид дека и Европската комисија имаше забелешки за бавниот развој на образованието во изминатите неколку години.
Министерката изрази благодарност до сите партнери, кои како што рече, имаат своја стручност и искуство во градење стратегии, креирање политики и нивна имплементација. Особено се заблагодари на четирите клучни поддржувачи – УНИЦЕФ, УНДП, Светска банка и ГИЗ, со кои потпиша официјално писмо за поддршка.
„Само со издржан стратешки документ, базиран на точни анализи, податоци и факти, можеме да изградиме поквалитетен национален образовен систем. А јас, како ресорен министер уверувам дека Владата ќе биде на висина на задачата и ќе обезбеди доволно ресурси за сé што треба да ги поместиме работите напред“, додаде Јаневска.