Македонија
Изработен нов електронски дневник, ќе се применува во новатa учебна година по тест-периодот, соопшти МОН

Министерството за образование и наука со финансиска поддршка од ИПА фондовите на Европската унија, изработи нов интегриран систем за електронска работа на училиштата, кој вклучува и нов електронски дневник, што официјално ќе се примени во текот на новата учебна 2024-2025 година, откако претходно ќе го помине тест периодот во неколку основни и средни училишта.
Првичните проверки се веќе спроведени во координација на Министерството за образование и наука со Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар и со наставници од училиштата. Организирани се и обуки за ИТ администратори во училиштата каде електронскиот дневник ќе пилотира и интегрирање на евентуални нови сугестии.
Откако целосно ќе заврши фазата на тестирање, ќе следи процес на мигрирање на податоци од сегашниот во новиот електронски дневник, но и внесување на дополнителни податоци во софтверот од страна на училиштата. Предвидено е да се организираат обуки за користење за сите наставници, велат од МОН.
„Новото софтверско решение ќе ги надмине предизвиците со кои наставниците, администраторите, родителите/старателите и самите ученици ги посочуваа во изминатиот период, бидејќи сите нивни сугестии се земени предвид во процесот на креирање на системот.
МОН изразува благодарност до сите чинители во процесот на креирање на новиот интегриран систем за електронска работа на училиштата, а особено до Европската унија која обезбеди финансиска и логистичка поддршка во овој процес и што континуирано ги поддржува напорите за дигитализација и модернизација на образованието во Северна Македонија“, се наведува во информацијата од МОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.