Македонија
(Интервју) Александар Николоски: Бројката што ќе излезе на големиот митинг ќе биде доволна порака до власта

Наместо дијалог на маса, ние добивме во најлоша смисла на зборот едно балканско мачовистичко одбивање на нашиот предлог и немаме друг избор, освен да го правиме ова што го правиме, а тоа се активни блокади во Собранието и голем сенароден протест на 18 јуни, вели Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за „Макфакс“.
Најави дека ова ќе биде најголемиот протестен собир што е виден во Македонија во последната деценија.
„Секако дека ќе има и други чекори во следниот период, но главен фокус е големиот протестен митинг по кој јас очекувам дека, конечно, со власта ќе седнеме и ќе ги договориме работите за кои зборуваме, пред сѐ, за датум за предвремени избори“, вели Николоски.
Потенцира дека првпат со овој претседател на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ нема никаква комуникација.
Николоски во интервјуто нагласува дека не е оптимист за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.
„Сега имам чувство дека Бугарија им служи само како изговор на неколку земји членки на ЕУ, пред сѐ, од помоќните, кои не се убедени дека Македонија треба да почне преговори со ЕУ. Да има друга одлука, еден дипломатски тешкаш ќе отиде во Софија и ќе си ја заврши работата. Тоа, од друга страна, покажува дека нема доволно притисок врз Бугарија“, оценува Николоски.
Појаснува дека идеjата на францускиот претседател Емануел Макрон за паралелна европска заедница е многу лоша.
„Идејата на Макрон за нас е многу лоша. Не е симпатично за Македонија да е во друштво на Косово, БиХ, Албанија, Србија, Молдавија, Грузија и на Украина“, рече Николоски.
За актуелните снимки од Собранието и однесувањето на собранискиот спикер Талат Џафери, за тактиките на помалите политички партии, дали се надминати минатото и расколот во ВМРО-ДПМНЕ, одговара потпретседателот на најголемата опозициска партија, Александар Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Минчев: Независноста не е само спомен од минатото, таа е обврска кон сегашноста и иднината

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев упати честитка по повод 8 Септември, Денот на независноста на Македонија.
„Денес го славиме најсветлиот датум во нашата современа историја – 8 Септември, денот кога македонскиот народ со храброст и достоинство ја избра независна и самостојна Македонија, денот кога ја запишавме најсилната страница во нашата државност.
Независноста не е само спомен од минатото, таа е обврска кон сегашноста и иднината. Да се биде независен значи да се гради држава со силни институции, со јавна администрација што им служи на граѓаните, со непоколебливи принципи на демократија и владеење на правото. Независноста има смисла само тогаш кога народот ја чувствува државата како своја – праведна, одговорна и европска.
Македонија е нашиот дом, нашата иднина и нашата најголема одговорност. Денес, повеќе од кога било, мора да бидеме обединети во визијата за модерна, функционална и европска Македонија.
Тоа е должноста кон генерациите што ја избраа слободата и кон генерациите што доаѓаат.
Нека ни е вечна државата! Нека ни е честит Денот на Независноста!“, стои во честитката од министерот Минчев.
Македонија
Левица: 𝟥𝟦 години независност – Македонија сѐ уште се бори за своите национални интереси

По повод одбележувањето 34 години независност, делегација на партијата Левица, составена од кандидатите за градоначалници на скопските општини – Марјан Димитриев (Аеродром), Александар Димитријевиќ (Ѓорче Петров) и Златко Тренчевски (Гази Баба) положи свежо цвеќе и се поклони на гробовите на првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, првиот премиер, Никола Кљусев и на вечното почивалиште на претседателот Борис Трајковски.
„Референдумот за независност на Македонија се одржа на 8-ми септември 1991 година. На Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани, односно 95,26% од оние кои гласале биле ЗА суверена и независна држава Македонија.
И овој 8 Септември потсетуваме дека уставното име на државата е Република Македонија! Потсетуваме дека референдумот од 30 септември 2018 за промена на уставното име беше неуспешен. Оттаму, Преспанскиот договор склучен од тогашната квислиншка власт и без потпис од претседателот – е НИШТОВЕН!!
Левица останува доследна на правото за самоопределување на народот и не ги признава империјалистички наметнатите договори спротивни на Повелбата на ООН, договори што го поткопаа суверенитетот на државата и го нарушија угледот на Македонците. Наместо вистинска независност, последниве 34 години добивме зависност од ЕУ и НАТО во спротивност на нашите национални интереси“, се наведува во соопштението на Левица.
Македонија
Се судрија четири возила и четири мотоцикли, петмина повредени: прекинат сообраќајот на патот Мавровска крстосница-Гостивар

Денеска во ОВР Гостивар во 15:56 часот пријавена е сообраќајна несреќа на магистралниот пат од Мавровска крстосница кон Гостивар, во која учествувале четири мотоцикли и четири патнички возила.
До сега се пријавени пет повредени лица. Сообраќајот на овој магистрален пат е во прекин, а од страна на полициски службеници од ОВР Гостивар сообраќајот се пренасочува по споредни локални патишта (Прогрес каменолом и Панорама кај Вруток).