Македонија
Кирков: Поморот во куќата на стравот продолжува – во Скопје ЗОО починаа уште две лами

„Нашата, скопската Зоолошка, е една хорор-приказна изминативе 3,5 години, ја нареков куќата на стравот со цел некоја ‘умна’ глава преземе нешто за ова што ѝ се случува на оваа установа, во која од кога дојде Арсовска на чело на Скопје и поставувајќи ги своите ‘професионални’ кадри за директори, во Скопје ЗОО пцовисаа повеќе од 40 егзотични животни, некои од нив под сомнителни околности!“, напиша советникот во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков, на социјалните мрежи.
„Пред 4 или 5 дена починале две лами за кои неофицијално се раскажува дека подолго време појавувале симптоми на туберкулоза, а пред само нешто повеќе од еден месец исто така починаа две лами за кои се знаело наводно дека боледуваат од истата болест – туберкулоза!
Во Скопје ЗОО се случува вистински хаос. Од страна на директорот во сенка, Стаменов, и другиот на хартија, Попов, на вработените им е наредено за смртта на овие лами да се скрие и да не се објави и до таму одат што и покрај законската обврска да ја известат АХВ, тие тоа не го прават, а таа утрово дозна од мене.
Неколку дена претходно вработените имале голем притисок и мобинг од горенаведените да влагаат во живеалиштата на ламите без никаква ХТЗ или заштитна опрема за што тие реагирале дека се небезбедни од причина што сомнежот за туберкулоза и симптомите биле видливи, но овие животни не биле дислоцирани во изолација и сите посетители биле изложени на ризик ако знаеме дека туберкулозата е пренослива преку непосредна близина со заболеното животно.
За ова, како и за сѐ претходно што се случува во Скопје ЗОО, некој мора да поднесе одговорност и да одговара! Данела Арсовска, што уште ќе му направиш на Скопје“, прашува Кирков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Скопскиот регион со најмногу интервенции, пожарите сѐ уште активни на седум локации

Во изминатите 24 часа, низ државата се евидентирани вкупно 32 пожари на отворен простор, информираат од Центарот за управување со кризи. Според нивните податоци, седум пожари се сѐ уште активни, еден е локализиран, еден под контрола, а 23 се веќе изгаснати.
Најсериозни пожари се пријавени во општините Прилеп (с. Бешиште), Македонски Брод (меѓу с. Црешнево и Слатин), Чашка (во близина на Солунска глава), Чучер Сандево (меѓу с. Блаце и Чучер), Шуто Оризари (депонија кај хотел Њу Стар), Дојран (с. Николич) и Крива Паланка (с. Жидилово). Гори претежно нискостеблеста и мешана шума, а пожари има и на депонии и карпести терени.
Пожарот во градската депонија во Делчево е ставен локализиран, додека пожарот во с. Самаково, Македонски Брод, каде што горел лесно запалив материјал, е ставен под контрола.
На 23 локации низ земјава пожарите се изгаснати. Најмногу интервенции имало во Скопскиот регион – Сарај, Петровец, Аеродром, Ѓорче Петров, Чучер Сандево и Центар. Изгаснати се пожари и во Велес, Куманово, Старо Нагоричане, Кратово, Штип, Долнени, Боговиње, Брвеница, Желино, Врапчиште, Битола, Свети Николе и Прилеп. Гореле ниски вегетации, стрништа, лозја, депонии, како и мешани шуми.
Надлежните апелираат до граѓаните да не палат оган на отворен простор, особено во периоди на високи температури и зголемен ризик од пожари.
Македонија
За шест часа изречени 103 мерки за сообраќајни прекршоци во Кавадарци

Вчера во периодот од 15.00 до 21.00 часот беше спроведена акциска контрола на територијата на Кавадарци, за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
При контролата санкционирани се 100 возачи од кои: 23 возачи за возење без возачка дозвола, осум возачи за управување на моторни возила со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола и полиса, пет возачи кои управуваат моторно возило под дејство на алкохол, четири возачи кои управуваат возило со несоодветна категорија, 36 возачи за не користење на заштитен шлем-кацига, шест возачи на возила со затемнети стакла без извршен А-тест, изготвени се три барања за поведување на прекршочна постапка за Правни лица како и одземени се четири мотоцикли и две товарни моторни возила по член 344 од ЗБСП а превземени се мерки против 18 учесници во сообраќај за останати сообраќајни прекршоци.
На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци. Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Општина Центар со свои ресурси помага во гасењето на пожарот во Чучер Сандево

Општина Центар со своето јавно претпријатие ПОЦ активно се вклучи во гасењето на големиот шумски пожар во Чучер Сандево. Во акцијата се ангажирани вработени на ПОЦ и цистерна на Општина Центар, како дел од координираниот одговор на институциите за справување со огнената стихија.
Градоначалникот Горан Герасимовски, упати апел до сите граѓани да бидат совесни и претпазливи.
„Во ситуации како оваа, најважни се вниманието, дисциплината и одговорноста. Ги повикувам граѓаните да бидат совесни во овие жешки денови и да се придржуваат до сите препораки на службите и не преземаат ризични активности во опожарените подрачја“, порача Герасимовски.
Поради сериозноста на состојбата, општина Чучер Сандево прогласи вонредна состојба, а во акцијата на гасење на огнот се вклучени и хеликоптери и теренски екипи од повеќе институции.
Општина Центар останува мобилизирана и подготвена да помогне, со сите свои расположливи ресурси, сѐ додека пожарот не биде ставен под целосна контрола, додаваат од Општината.