Македонија
Кисела Вода со финансиска поддршка за жртвите на семејно насилство

Со цел да им излезе во пресрет и да обезбеди директна поддршка за лицата кои се соочиле со семејно или родово базирано насилство, општина Кисела Вода денес објави jавен повик за доделување на еднократна парична помош во висина од 2500 денари.
Оваа мерка е дел од Програмата за еднакви можности за 2025 година. Лица кои ќе се опфатат со мерката доделување на еднократна парична помош се лица, жители на општина Кисела Вода кои од Центарот за социјални работи се евидентирани како жртви на семејно/родово базирано насилство во периодот од 2024 и 2025 година, за што ќе треба да се достави потврда. Преостанатата документација потребна за аплицирање и сите други информации, се достапни на веб-страницата на општината, на огласните табли во сите урбани и месни заедници на територијата на општина Кисела Вода.
– Ова е мерка со која Општина Кисела Вода уште еднаш потврдува дека создава конкретни политики за социјална заштита, еднакви можности и достоинствен живот за сите. Покрај финансиската поддршка, испраќаме и јасна порака дека никој не е сам и дека локалната заедница стои зад секој оној што се соочил со насилство. Потребна е општествена мобилизација, но и системска поддршка. Затоа продолжуваме со креирање и спроведување на конкретни мерки кои овозможуваат заштита, помош и рехабилитација на жртвите. Ова е уште еден чекор кон посилна, почувствителна и праведна општина за сите, изјави градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Аплицирањето е овозможено од денес, 15 април и ќе трае сѐ до исцрпување на финансиските средства, но не подоцна од 30 септември 2025 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поврзаноста не се мери во лајкови, туку во љубов и присуство, порача Ѓорге Иванов на Конгресот на религии во Казахстан

Во периодот од 15-18 септември, поранешниот претседател на Република Македонија (2009–2019), Ѓорге Иванов, учествуваше на Осмиот Конгрес на лидерите на светските и традиционалните религии што се одржа во Астана под покровителство и со претседавање на Претседателот на Казахстан Касим-Жомарт Токаев.
Во рамките на конгресот, претседателот Иванов се обрати на панелот „Духовните вредности во ерата на дигитална реалност и вештачка интелигенција“, каде што во своето излагање ја истакна двојната природа на новите технологии и вештачката интелигенција – можностите кои ги создаваат и отвораат, но и предизвиците кои стојат пред духовноста и човечноста.
Иванов предупреди дека „вистинската вера не може да биде создадена од машина, а вистинската поврзаност не се мери во лајкови, туку во љубов и присуство“, додавајќи дека духовните водачи имаат клучна улога да ги насочат луѓето кон трајните духовни вредности во еден свет кој често нуди брзи, но празни одговори. Тој нагласи дека човековото достоинство, слободата, приватноста и вистината не смеат да бидат жртвувани во трката по иновации и повика на заедничка соработка меѓу духовните заедници, технолошките експерти и медиумите во градењето етичка дигитална иднина. Потсетувајќи на македонската традиција на вековна верска толеранција и заемно почитување, тој порача дека технологијата не треба да нè оддалечува од тоа кои сме, туку да ни помогне подобро да се откриеме себеси.
На овој значаен настан во Астана учествуваа повеќе од 100 делегации од околу 60 земји од целиот свет, меѓу кои и највисоките духовни водачи од христијанството, исламот, будизмот, јудаизмот, хиндуизмот, таоизмот и шинтоизмот, како и претставници на меѓународни организации, академската заедница и јавни личности.
Претседателот Иванов го искористи своето присуство и за повеќе средби со учесниците со кои разговараше за современите предизвици на духовноста, за потребата од унапредување на дијалогот и за градење мостови на доверба. Во овие средби тој ја истакна важноста на Македонија како пример на вековно меѓурелигиско, меѓуетничко и меѓукултурно почитување и заедништво, пренесувајќи ја пораката дека малите земји, преку мудрост и искуство, можат да придонесат за глобалниот мир и стабилност, особено во време на глобални несигурности и брзи промени, кога улогата на духовноста и дијалогот е уште поважна за зачувување на човечките вредности и за градење посигурна иднина за следните генерации.
Македонија
„По Апасиев и Мециновиќ и Мојсоска си инкасирала пари од партијата додека критикувала за патни трошоци“, вели ВМРО-ДПМНЕ

„Јована Мојсоска по примерот на нејзините сопартијци, Димитар Апасиев и Амар Мециновиќ, инкасирала големи суми на пари од партијата. Додека од граѓаните бараат и собираат донации, врвот на Левица тие пари ги ставал во нивни џебови“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Мојсоска која не престана да ги напаѓа пратениците за патни трошоци, за четири години од Левица си инкасирала над 600 илјади денари.
Додека во Собрание Мојсоска ги напаѓа и обвинува колегите пратеници зошто законски добиваат патни трошоци, таа од 2021 година до денес, од својата партија зела стотици илјади денари.
Ова лицемерие на Мојсоска и Левица, кога едно зборуваат, а друго прават, е целосно разоткриено и демаскирано.
Народот виде дека додека во јавност продаваат скромност и неподмитливост, зад нивниот грб, со пари на граѓаните, ги полнат сопствените џебови.
Тука се јавуваат и други дилеми, како на пример врз кој основ Мојсоска ги добила овие пари и дали тоа се партиски патни трошоци?
Мојсоска и Левица до толку ли може да бидат лицемерни, од една страна да ги напаѓаат колегите пратеници, а од другата страна, од сопствената партија да зема над 600 илјади денари?
Левица, Мојсоска и останатите од партискиот врв се прочитани и демаскирани. Народот виде дека се обични профитери загрижени, единствено, за сопствените џебови“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Два активни пожари во Гази Баба и Гевгелија, под контрола пожарот во „Дрисла“

Во изминатото деноноќие биле регистрирани вкупно 31 пожар на отворен простор. Според податоците на Центарот за управување со кризи, до утрово во 07:00 часот, два од нив сè уште се активни, два се ставени под контрола, а останатите 27 се изгаснати.
Активни пожари и натаму има во атарот на селото Виниче, во општина Гази Баба, каде е зафатена нискостеблеста шума, како и на Кожуф планина кај селото Петрово во општина Гевгелија, каде што гори букова шума.
Под контрола се пожарот на депонијата „Дрисла“ во општина Студеничани и пожарот на депонијата „Острец“ во Делчево, каде што горел отпад.
Останатите пожари, кои беа зафатиле различни типови нискостеблеста вегетација, грмушки, трски, стрништа и депонии во повеќе региони од државата – меѓу кои Скопје, Битола, Крушево, Струмица, Струга, Дебар, Кичево, Куманово и други општини – биле изгаснати.