Македонија
Ковачевски – Викерс: Македонско-британските трговски односи се пример за регионот
Премиерот Димитар Ковачевски денеска имаше средба со Мартин Викерс, специјален пратеник за трговија за Западен Балкан на премиерот на Обединетото Кралство.
На средбата се разговараше за севкупните македонско-британски односи, кои беа заеднички оценети како исклучително цврсти, долгорочни и сеопфатни. Посебен фокус беше ставен на билатералната економска и трговска соработка, при што премиерот Ковачевски изрази големо задоволство што Обединетото Кралство е вториот најголем директен странски инвеститор во нашата земја, а Северна Македонија е првиот трговски партнер на Кралството меѓу шесте земји од Западен Балкан.
Ковачевски ја поздрави работата на британските компании во државава и изрази задоволство од формирањето на Британската бизнис-асоцијација во Северна Македонија истакнувајќи дека таа ќе придонесе кон натамошна промоција на трговските односи меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија и привлекување нови британски инвестиции во земјата.
На средбата се разговараше за можностите за проширување на економската соработка и во други области. „Владата што ја предводам е посветена на зајакнување на трговијата и инвестициите, особено во областите како енергетиката и инфраструктурата“, оцени Ковачевски.
Тој го запозна британскиот трговски пратеник и со актуелностите во земјата на внатрешно- и надворешнополитички план и притоа се заблагодари за континуираната британска поддршка на Северна Македонија, рефлектирана преку соработка во многу полиња, а во насока на зајакнување на демократските капацитети и економскиот развој на државата.
Специјалниот трговски пратеник, Викерс, истакна дека Обединетото Кралство го препознава и поздравува придонесот на Северна Македонија во одржувањето и зацврстувањето на регионалната стабилност и безбедност и во рамките на НАТО и нагласи дека британската поддршка на Северна Македонија во европските интеграции ќе продолжи во разни формати, иако Обединетото Кралство не е веќе дел од Унијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Кризна состојба за покривање на криминалните тендери
Криминални политики со тендери и неспособност во енергетиката се двете единствени причини поради која сите граѓани на Македонија ќе плаќаат поскапа струја и поради што се воведува кризна состојба, велат од СДСМ преку соопштение.
„За само година и половина владата на Мицкоски ја доведе најголемата државна енергетска компанија ЕСМ до финансиски и производствен колапс.
Оваа година има историски најниско производство на домашна струја, нема ниту 3.000 GWh од планирани 5.100 GWh. Катастрофално лошо.
За да се надминат овие загуби власта купува скапа струја од увоз, за многу повисоки цени отколку што би било ЕСМ да ја произведува дома.
Колку тоа ги чини граѓаните? 77 милиони евра е официјална загуба за само првите два квартали од 2025 години, со проекција од над 100 милиони евра загуба до крајот на 2025 година.
Дополнително, над 110 милиони евра ЕСМ има земено нови кредити за само 18 месеци. Тоа се над 200 милиони евра!
Дали сега е јасно?
Ова не е „надворешна криза“ и нема врска со протестите во Грција.
Ова е внатрешно предизвикана катастрофа, резултат на криминални тендери, скап увоз на струја и неспособност на власта на Мицкоски.
КЛУЧНОТО ПРАШАЊЕ Е: ЗОШТО НАВРЕМЕ НЕ СЕ ОБЕЗБЕДЕНИ ЕНЕРГЕНСИ?
Зошто во сред зима нема најмалку 300.000 тони јаглен на депонија, како основен услов за сигурно зимско производство? Зошто мазутот не е набавен навреме, туку сега панично се бара решение? Прашуваме: Дали постои веќе избрана фирма за снабдување со мазут?
Затоа се прогласува кризна состојба и затоа власта удри по џебот на граѓаните. Нема пари, има буџетска дупка од 1 милијарда евра, но не се откажува од криминалните тендери и скапот увоз на струја, а сега и на мазут.
Сметката за ова на крај ја плаќа народот, сите граѓани на Македонија!“, се додава во партиското соопштение.
Македонија
Разгледан клучниот План за праведна транзиција за 2026: Фокус на имплементација и координација
Денеска се одржа состанок на Советот за праведна транзиција, на кој беше разгледан Годишниот план за имплементација на праведната транзиција за 2026 година.
На состанокот беше нагласено дека Планот за 2026 е клучен документ за насочување на активностите во процесот на праведна транзиција и за исполнување на обврските на државата во рамки на Реформската агенда и Планот за раст, при што Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го координира неговото финализирање.
Фокусот на дискусијата беше ставен на тоа Планот да биде оперативен и имплементациски, со јасно дефинирани активности и проекти, одговорни институции, временска рамка, потребни ресурси и механизам за следење на напредокот.
Министерката Божиновска истакна дека “успешната имплементација во 2026 година бара силна меѓуинституционална координација, јасни улоги и активна вклученост на сите релевантни институции, со редовно известување за напредокот преку Советот и работните групи”.
По денешната дискусија и усогласување, Планот ќе биде подготвен за понатамошно формално усвојување, со цел државата да влезе во 2026 година со јасна насока, приоритети и засилен фокус на спроведување и резултати во рамките на зелената транзиција.
Македонија
Собранието донираше средства за училиштата „Златан Сремец“ – Скопје, „Иднина“ – Скопје и „Лирија“ – Тетово
Во рамките на новогодишните празници, во име на Собранието, претседателот Африм Гаши, денеска, донираше средства за училиштата „Златан Сремец“ – Скопје, „Иднина“ – Скопје и „Лирија“ – Тетово.
„Оваа симболична акција е израз на нашата институционална посветеност кон децата кои заслужуваат континуирана поддршка и најдобри можни услови за развој и образование. “- рече Гаши.
Тој изрази надеж дека оваа донација ќе придонесе за подобрување на образовната средина и ќе донесе мотивација и надеж кај учениците и образовниот кадар.
По тој повод, на учениците, наставниците и родителите им беа упатени искрени честитки за среќни новогодишни празници.

