Македонија
Ковчевски не кажа кој му подметна 60-часовна работна недела: Го замолувам министерот за транспорт да направи уште еден брифинг

Премиерот Димитар Ковачевски не одговори на новинарското прашање кој му го подметнал договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ со 60-часовна работна недела за што Уставниот суд веќе се има изјаснето дека е незаконско. Место конкретен одговор, премиерот уште еднаш, по којзнае кој пат, повтори дека пратеници, а не Владата, предлагаат 60-чаовна работна недела, а потоа го замоли министерот за транспорт, Благој Бочварски, да направи уште еден брифинг оти забележал дека сѐ уште има нејасни работи во врска со договорот.
„Вие вчера имавте детален брифинг со институциите што го подготвувале договорот врз основа на специјален закон предложен од пратеници во Собранието, тој закон е преложен од пратеници во Собранието и договорот е над 400 страници. Со оглед на тоа што сè уште имате неразјаснети елементи во однос на договорот, тогаш јас го замолувам министерот за транспорт и врски да направи уште еден детален брифинг со медиумите, на кој ќе можете пак да се информирате за сите детали. Уште еден детален брифинг нема да биде вишок со оглед на тоа дека гледам се повторуваат истите прашања, кои вчера биле адресирани на брифингот, и затоа министерот за транспорт и врски со членовите на управувачкиот комитет треба да направи уште еден брифинг“, рече премиерот Ковачевски на денешната прес-конференција за новите субвенционирани авиолинии.
Ковачевски не одговори конкретно ниту на прашањето зошто пратениците место Владата ги предложија измените на девет закони за американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ да може полесно ги изгради четирите автопатски делници на коридорите 8 и 10 д.
Кога пратениците го гласаа дневниот ред за 112. седница. на кој беа ставени измените на законите за „Бехтел и Енка“, пратениците од опозицијата се пожалија дека измените не се никаде објавени, ги нема на ЕНЕР и немале доволно време да ги разгледаат. На тоа претседателот на Собранието, Талат Џафери, објасни дека на ЕНЕР обврска да се објавуваат има само за законите што ги предлага Владата, кога предлагаат пратениците – таква обврска нема.
Ковачевски денес уверуваше дека државата нема да плаќа пенали ако не се изгласаат законските измени. Иако не сака да одговори на конкретни прашања за 60-чаовната работна недела и кого овластил да преговара за такво работно време, како и зошто измените ги предлагаат пратеници, а не Владата, премиерот Ковачевски на широко и денес објаснуваше дека 60-часовната работна недела е услов за изградбата на коридорите да трае покусо и да чини поевтино.
„Доколку се усвои од пратениците, по нивен предлог, да се овозможи само за овој проект да има 60-часовна работна недела, повеќе пари ќе останат во државата, секој работник што ќе се согласи доброволно, ќе биде платен според договорот прекувремено и плус 50 отсто за работа во недела. Проектот ќе трае помалку и ќе чини помалку. Ако остане 40-часовната работна недела, проектот ќе трае подолго и плус ’Бехтел и Енка’ ќе си донесат работна сила од странство оти нема да дозволат да не се реализира проектот за кој тие потпишале договор на повеќе од 400 странци. И во моментот има одредени дејности што работат во недела на барање на местата, кои во согласност со законот се туристички и на барање на бизнис-секторот од тие места, тие работат во недела и сега платено е работењето“, рече премиерот Ковачевски.
Што конкретно се договориле Владата и „Бехтел и Енка“ засега ќе остане тајна оти договорот е класифициран, но доколку некоја од институциите, како Основното јавно обвинителство или Државната комисија за спречување корупција, го побара, премиерот Ковачевски вели дека по службен пат ќе им биде испратен во целост. Пристап до него ќе имаат само лица овластени за класифицирани информации. Ковачевски и денес ги повика антикорупциската и Обвинителството детаљно да го прегледаат договорот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Убиствата станаа секојдневие, Тошковски нема контрола над безбедноста“, велат од СДСМ

„Безбедноста во државата е целосно нарушена. Имаме убиства речиси секоја недела, и тоа пред очите на граѓаните, во најцентралните делови на градовите и маалата. Убиството во Штип е само последно во низата убиства што се случуваат јавно, пред сведоци. Луѓето стравуваат за својата безбедност кога ќе излезат во кафе-бар или ресторан“, велат од СДСМ.
„За само 10 месеци, во Скопје имаше неколку убиства – во Мавровка, Бит Пазар, Чаир, Шуто Оризари. Значително е зголемен бројот на разбојништва и кражби, сè почесто има престрелки со огнено оружје, а во два наврати беа фрлени и бомби во дворови на граѓани. Убиствата се случуваат дури и во полициски станици, како што беше случајот на Бит Пазар.
Овие податоци јасно укажуваат дека МВР и министерот Тошковски ја немаат состојбата под контрола. Уште колку убиства се потребни за тој да сфати дека не може да ја води МВР како институција?
СДСМ бара целосно расчистување на случајот и одговори на сите прашања што ќе ги поставиме јавно“, соопшти СДСМ.
Македонија
ЛДП: Крајно време е да се стави крај на заштитата на неефикасни и нетранспарентни функционери

Либерално-демократската партија ја поздравува одлуката на Владата за прифаќање на нивната идеја за враќање на можноста за референдумско отповикување на градоначалници – предлог што ЛДП подолго време го застапува и промовира преку јавни настапи и трибини.
Ваквата идеја станува реалност со ново предложените измени на Законот за локална самоуправа, кои денес влегуваат на комисиска расправа во Собранието, велат од ЛДП.
Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, посочи дека е крајно време да се стави крај на заштитата на неефикасни и нетранспарентни функционери. Таа ја поздрави иницијативата за нов закон, кој ќе бара двотретинско мнозинство, како шанса за вградување на силни механизми за отчетност.
Идејата, која беше дел од законот од 1996 година, повторно се враќа со цел да се зголеми одговорноста, отчетноста и транспарентноста во локалното управување. ЛДП активно учествуваше во промовирањето на ова решение преку јавни настапи, дебати и панел дискусии.
ЛДП потенцира дека е добро и корисно што Владата и владејачкото мнозинство конечно ги прифаќаат нашите идеи и предлози како што се референдумското отповикување на градоначалник и комуналната полиција. Овие измени ќе придонесат за поодговорно и поефикасно управување на локално ниво, во корист на сите граѓани.
Македонија
Филипче: Да го продолжиме патот на мирот, соработката, слободата и солидарноста

Претседателот на Социјалдемократкиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска упати честитка по повод Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Во честитката Филипче порача дека денешниот ден е потсетник колку значи слободата, и зошто не смееме да ја заборавиме цената што е платена за неа.
„9 Мај е ден кога се потсетуваме колку значи слободата, и зошто не смееме да ја заборавиме цената што е платена за неа. Денеска се навраќаме на еден од најважните денови во историјата, победата над фашизмот. На овој ден се стави крај на омразата, на убивањата, на уништувањето, на поделбите. Денеска оддаваме почит на борците од Народно ослободителната војна, кои ги дадоа своите животи за слободата која денес ја живееме.
Истовремено, денес е и Денот на Европа, ден кога ги славиме европските вредности од кои никогаш не смее да се откажеме. Мора цврсто да продолжиме по патот на мирот, соработката, слободата, солидарноста.
Ние сме дел од европската приказна и нераскинлив дел од борбата против фашизмот. Да не дозволиме никој никогаш да ги поткопа вредностите врз кои е градено ова општество. Македонија припаѓа таму каде што се почитуваат човековите права, каде што се гради заедништво и каде што никој не смее да биде исклучен затоа што е различен.
Денешната борба не е со пушка. Денес се бориме со збор, со став, со почит и одговорност.
Честит 9 Мај – Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа. Да не заборавиме од каде доаѓаме и каде сакаме да одиме”, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.