Македонија
Криминално трио ја ограби касата на казиното во Бутел, на двајца браќа им помогнал вработен

Три лица се осомничени за кражба од казино во Бутел, при што биле одземени 1.460.856 денари, соопшти денеска Основното јавно обвинителство Скопје.
-Во предистражна постапка, по наредби на Основното јавно обвинителство Скопје обезбедени се докази кои упатуваат на основано сомнение спрема три лица како извршители на кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 2 од Кривичниот законик, сторено на 11 април во казино во Бутел. Јавниот обвинител поведе истрага, бидејќи постои сомнение дека тројцата се дружиле за да извршат кражба и од казиното одзеле 1.460.856 денари, соопшти Јавното обвинителство.
Претходниот ден, како што наведува во соопштението, осомничените – двајца браќа на возраст од 20 и 22 години, како и 29-годишник вработен во казиното, седеле во кафе бар и се договориле како да ја извршат кражбата.
-Според договорот, на критичниот ден, осомничениот вработен во казиното им дал знак кога е погодно време за реализација на кражбата. Браќата дошле со автомобил пред казиното, при што едниот останал во возилото, а другиот маскиран насилно влегол во објектот, се упатил кај касата и првично му покажал пиштол на вработениот – осомничен како да му се заканува. Потоа пиштолот го оставил на пултот и заедно ја наполниле торбицата со парични средства од вкупниот промет од претходниот ден, со намера противправно да ги присвојат. Веднаш потоа двајцата браќа избегале од местото на настанот, информираат од Јавното обвинителство.
Јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности и исполнетоста на законските основи, до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост за двајца осомничени кои се лишени од слобода. Се предлага забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице во Судот, привремено одземање на патните исправи, забрана за посетување на казиното и забрана за приближување, воспоставување или одржување контакти со останатите осомничени.
За третиот осомничен кој е во бегство, како што велат од Обвинителството, предложено е определување мерка притвор која ќе започне да се применува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинение против 59-годишник за полов напад врз дете: го допирал малолетникот во парк во Чаир

Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена претходна постапка, поднесе обвинение против 59-годишник кој се товари за полов напад врз малолетник, согласно член 186 став 7 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.
На 24.08.2024 година, во парк во населбата Чаир, обвинетиот извршил други полови дејствија врз дете кое во тој момент имало наполнети 15 години. Започнал да го допира детето, но тоа му ја фатило раката и се заканило дека ќе повика полиција. Во тој момент обвинетиот се обидел да избега и да се скрие во влез од зграда. Детето ја затворило вратата од влезот и повикало полиција која го привела обвинетиот.
За обезбедување на обвинетиот во текот на постапката на сила се мерки на претпазливост определени од судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, кои вклучуваат забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, обврска за јавување кај надлежен државен орган, одземање на патна и друга исправа за преминувањe на државната граница и забрана за воспоставување контакт со оштетениот.
Македонија
Директорот на Царина од Анкара: Зајакнување на оперативната соработка и заедничко профилирање на ризици со Царината на Турција

Зајакнување на царинската соработка помеѓу Македонија и Турција за што ќе се потпишат и меморандуми за соработка, воспоставување директни комуникациски канали помеѓу Секторите за контрола и истраги, размена на информации во реално време и креирање заеднички профили на ризик за специфични стоки. Ова е договорено на вчерашната средба во Анкара со министерот за трговија на Турција Омер Болат и директорите на Директоратите за Царина и Царинска контрола и истраги, на која директорот на Царинска управа Бобан Николовски како дел од делегацијата на министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска имаше свое обраќање.
„Оперативната соработка и ефективната меѓународна координација и размената на информации во реално време преку воспоставување директни комуникациски канали, како и креирање заеднички профили на ризик, е суштински во борбата со транснационалниот криминал, како и во спречување на обидите за царински измами. Ваквиот пристап овозможува навремено откривање и спречување на нелегалните активности и зајакнување на безбедноста на границите. Договоривме потпишување на меморандуми за соработка, каде ќе се дефинира институционалната рамка за заедничко делување. Ваквите чекори се многу значајни бидејќи истите испраќаат позитивен сигнал до странските инвеститори и деловната заедница“, вели директорот Бобан Николовски.
Николовски воедно истакнува дека е постигната согласност за организирање на заеднички обуки фокусирани на ракување со разузнавачки информации, подобрување на аналитичките капацитети, како и размена на најдобри практики и искуства во областа на видео надзорните системи и ИКТ решенијата. Дополнително, договорено е одржување редовни експертски состаноци, со цел унапредување на капацитетите за откривање на царински измами и ефективно спречување на корупција.
Македонија
Викендов нуркачи ќе го чистат дното на Охридското Езеро

Во организација на Нуркачкиот центар Амфора од Охрид оваа сабота ќе се изведе подводна еколошка акција за чистење на дното на Охридското Езеро од цврст отпад.
Во акцијата ќе бидат вклучени околу 100 нуркачи на Амфора и нуркачи од домашните и балканските нуркачки клубови.
Акцијата ќе започне на Градското пристаниште – Охрид во 11:00 часот.
„Оваа година нуркаме речиси на целото езеро. Членови на Нуркачкиот центар АМФОРА, нуркачи од македонските и балканските нуркачки клубови по четврт пат ја започнуваaт големата акција за отстранување на цврст отпад од дното на Охридското Езеро. Датум: 10.05.2025. Локации: Градско пристаниште, Љубаништа, Залив на коските, Камп Градиште, Калишта. Акција: Отстранување на пластика, метал и друг отпад од езерското дно“, пишува на профилот на „Фејсбук“ на Амфора.
Како што велат од таму, целта на акцијата е заштита на биодиверзитетот, подигнување на свеста и зачувување на природната убавина на eзерото.